Анита Бошкова: “Беседа од лозје до вино, од грозје до вистина”

8.09.2024

“Ти што растеш и зрееш под небесата, огреано од златно- жолтите сончеви зраци и Божјата милост, Ти кое си изложено на горчливи зими и жешки ветрови, на бури и демони, видливи и невидливи непријатели, ти што си одгледано од човековата вредна рака и облеано со неговата пот, од тебе е изнедрена вистината.

Се поклонуваме пред тебе уште пред Исуса до денес, еј ти лозо, благословен е плодот твој свет.

Цветот твој го оплодува пчелата вредна, а од него се шири нектарот на мирот и спокојот, цвет кој раѓа гроздови, од кои при вкусувањето се чувствува медовина, сладост…

Сокот што се точи од твоите гроздови волшебно се претвора во напиток кој е и храна и лек. И ширата и ракијата, и маџунот и виното, а посебно младото (француска сорта- божоле) од кое и повозрасните стануваат млади, се лек кој и телото и душата ја лекува. Се пијат со мерката на меракот, но ако се претера, нема ни мерка, ни мерак.

Од капките твои се раѓа поезија, колку ли си даровно за поетот и неговото чедо. Најубавите ното се точат од тебе и се создава најубавата музика за душата.

Преку вените го храниш срцето и ја лечиш душата, затоа си најубавиот нектар на боговите. Ах виното, вино, дали е вистина дека вистината е во тебе, дали вистина дека од твојата прекрасна арома извира љубовта, мирот и спокојот, кој преку цветиновиот цвет ја шири пораката за мир и љубов низ целиот свет, кои се и единствен спас за светот.

Да се напиеме од божествената течност, од пијалокот на љубовта, да уживаме со сите сетила и да ја дознаеме вистината.

Вино мое од срцевината на Тиквешијата, Ти си напитокот на гревопростувањето, Ти си еликсирот на вечноста”- м-р Анита Бошкова.

 

 

По повод 8 Септември, денот на државноста на Македонија, како и “Тиквешкиот гроздобер” кој е во тек, кавадаречката уметница, поетеса и интерпретаторка Анита Бошкова, денес во Скопје одржа перформанс, пред одбран круг на блиски пријатели и одредени личности од светот на поезијата.

Во рамките на традицијата, како родена кавадарчанка, откако ја прочита беседата што ја има напишано “Беседа од лозје до вино, од грозје до вистина” и ја испеа својата песна “На гроздобер да се видиме”, таа ги послужи гостите со вкусно кавадаречко грозје и чаша вино, и тоа во три ресторани- во Градски Парк, во Дебар маало и во Аеродром, каде живее.

Токму „Тиквешкиот гроздобер“ и долгогодишната традиција, како закројувањето на виновата лоза, затоа што сѐ започнува од закројувањето, па одгледувањето на лозјето, па до финалниот производ, виното, ракијата, ширата, маџунот, е инспирација да ја напишам и испеам песна за гроздоберот. Се случи Советот на “Гоце фест 2015” да побара од мене локал-патриотска песна и тогаш се роди песната „На гроздобер да се видиме“, чиј автор на музика и аранжман е Коста Мичевски. Кога стана збор кој ќе ја изведува песната, Ванчо Тарабунов само рече: “Па се знае, ти си кавадарчанка, од музичка фамилија, си пеела до сега, ти ќе пееш”. Јас се одлучив и го прифатив овој предизвик да се појавам на фестивалската сцена…

М-р Бошкова пред присутните денес весело зборуваше за сеќавањата од детството и младоста, како се славел и што значел за нив Тиквешкиот гроздобер и лозјето.

-„Тиквешкиот гроздобер“ се слави традиционално. Јас сум присуствувала на повеќе манифестации, но поради моето преселување во Скопје, и поради обврските, понекогаш, како и овој пат сум прославувала овде наместо во родниот крај. Од кога јас паметам манифестацијата е масовно посетена со гости од земјава и од странство, има богата програма, од промоции на вина, на книги за лозјето и виното, музички настапи на домашни и странски музичари, едноставно градот во деновите кога се одржува оваа манифестација како да е еден дом, една душа и едно тело. Јас сум кавадарчанка, тоа секогаш така ќе остане, ме влече коренот, ме влече крајот мој роден кој има народ благороден, душа блага како шира и срце кое чука во ритамот на добрина. Посебно сум горда на својот роден крај, на кавадаречкото гостопимство, широката и искрена насмевка на секој кавадарчанец, на нектарот на висината и Боговите, виното кавадаречко, на семејството кое го имам- мојот брат, снаа и внук на кој посебно сум горда.

„Одев овде, одев онде,

за да најдам во животов азно.

Но таму, зад овие ридови

и оваа рајска долина,

секогаш несто недостига.

Недостига мојата дедовина,

таму ја нема мојата татковина“…

 

Манифестацијата „Тиквешки гроздобер“ која има своја историја и претставува продолжување на една долга и богата традиција која на овие простори се одржувала уште во времето на античка Македонија, во чест на богот на виното Дионис и виновата лоза. Овие свечености траеле неколку дена и на нив присуствувало целото население. Лозарството во средниот век продолжило да се негува на овие простори, а главни негови центри биле црковните и манастирските имоти, каде што се приготвувало и најубавото вино. Со доаѓањето на Турците стагнира неговото производство, бидејќи со Куранот била забранета употребата на алкохолни пијалоци. Општинското раководство во Кавадарци во 1964 година го организира првиот „Тиквешки гроздобер“ , манифестација која има стопански, културен и туристички карактер. Првиот одбор на оваа манифестација брои 60 членови, кој број понатаму се зголемува.

По извесно стагнирање во 2001 година, локалната самоуправа на Општина Кавадарци започнува со сериозни подготовки за организирање на Тиквешкиот гроздобер. Секоја година се избираат претставници на гроздоберот: крал, кралица и нивни придружници. Учесници во карневалската поворка се најчесто ученици од кавадаречките училишта. Дефилето секоја година го збогатуваат гости- ансамбли и уметнички друштва од нашата Република, од бившите југословенски простори, соседните држави, Романија, Бразил… Во вечерните часови се одржуваат голем број на концерти на кои гостуваат познати групи и изведувачи од Македонија и Балканот. Кавадарци денес е најпознат и најголем производител на грозје и вино во државава и еден од поголемите на Балканскиот Полуостров.

“Виното кога е во чаша е мирно, кога е во глава е бесно и прави проблем и треба внимателно колку се консумира” низ смеа мудро заклучи еден од поканетите гости, сипајќи ни бело сортно вино во чашата, во чест на Гроздоберот кој се одржуваше три дена, а завршува токму денес …

Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка во КулАрт 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.