8.09.2024
Познатиот македонски музичар и автор, со одлична кариера и на американскиот континент Владимир Четкар ја претставува Македонија на најновиот виртуелен натпревар Ворлд Сонг контест.
Таму е номиниран со новата диско песна во стилот на седумдесеттите која пленува со добра мелодија, звук и свежина, воедно и спот од режисерот Бојан Симјаноски, во кој се претставени и убавините на Охридското езеро, снимени неодамна.
И песната и спотот предизвикаа одушевувачки реакции и добри коментари кај публиката.
Насловена е “Don’t make me wait”. Трае 4:19 минути.
На овој глобален музички фестивал учествуваат 50-тина земји, поделени во неколку блокови за гласање, а гласањето почна вчера со првиот блок составен од претставниците на Полска, Филипини, УСА, Јужна Кореја, Финска, Србија и Бугарија…а финалното гласање ќе трае до крај на следниот месец.
Ова е прво учество на Македонија на овој натпревар со песна на англиски јазик, а секако македонски артист.
***
Охриѓанецот Владимир Четкар е македонски музичари композитор, аранжер, продуцент, гитарист и вокал кој живее во Њујорк. Роден е во Охрид, Република Македонија каде што во детството свирел виолина.
Тој бил под големо влијание од џез, фанк, соул и диско бендови и музичари како што се Change, Chic, Earth Wind and Fire, Patrice Rushen, Cameo, The Brothers Johnson, Wes Montgomery, George Benson, Quincy Jones, Jamiroquai и многу други.
Владимир се преселии во Соединетите Американски Држави за да студира на музичкиот колеџ Беркли. Таму, тој се фокусираше на современото пишување и продукција со џез гитарата како негов главен инструмент.
Неговите албуми се “We Will Never End”, “Heavenly” и “Going Home” го позиционираа на меѓународно ниво како едно од најистакнатите имиња во жанрот џез-соул-фанк и обезбедија активна турнеја и настапи на некои од најголемите и најпрестижните музички фестивали во светот како што се Jarasum International Jazz Festival (Јужна Кореја), Sziget Festival (Унгарија), Blue Note Jazz Festival (САД), Jakarta International Java Jazz Festival (Индонезија), Џез фестивал на островот Пенанг (Малезија), Џез фестивал во Хонг Конг (Хонг Конг), Џез фестивал Беишан (Кина), Џез фестивал Хуа Хин (Тајланд), Mood indigo (Индија), Нишвил (Србија), фестивал “Охридско лето” (Македонија) и многу други.
Валентина Ѓоргиевска Парго