Првото Државно квиз првенство на Македонија на 15 септември во Лабораториум

Скопје, 6.9.2024 година 

Познати македонски квизаџии се автори на прашањата на кои ќе се избере победникот за 2024 во Македонија 

***

Македонската квиз асоцијација (МКА) оваа година го организира првото Државно квиз првенство на Македонија кое што ќе се одржи на 15 септември, во едукативниот културен центар „Лабораториум“ во Скопје, отворено за професионалци и дебитанти во индивидуални натпреварувања и во двојки.

По тој повод, од МКА велат: „ги покануваме сите заинтересирани да ни се придружат на ова првенство односно оваа интересна и интелектуална квиз-забава, каде што можете да се натпреварувате и да го споделите Вашето знаење од разни занимливости! Единствени критериуми што е потребно да ги исполнуваат натпреварувачите е да сакаат да го покажат своето знаење и да сакаат дружба и забава и најважно, сите нешто да научиме. Ве  охрабруваме, сите што имате желба да учествувате на вакви настани, да ни се придружите.“

Државното квиз првенство на Македонија за 2024 година се состои од два настана, поединечно натпреварување и натпревари во двојки.

Поединечното натпреварување се состои од пишани тестови со 200 прашања од осум различни области (спорт, наука, историја, свет, медиуми, животен стил, култура и забава) на кои што секој учесник треба да одговори точно, на што поголем број прашања, за два часа.

Автор на квизот е Небојша Ангелов, искусен натпреварувач и победник на телевизиски квизови.

Натпреварите во двојки се состојат од вкупно 200 прашања кои ќе бидат распоредени во три дела. Првите два дела се состојат од по 80 прашања и времето за решавање за нив е 45 минути, а по нивното прегледување, најдобрите двојки учествуваат во третиот финален дел кој се состои од 40 прашања и се решава 30 минути. Поените од трите дела се собираат, со тоа што поените освоени во финалната рунда вредат по двојно. Автор на овој квиз е иднината на македонската квиз сцена, Жан Павлов.

Од МКА ги канат сите заинтересирани на учество на првенството и членство во асоцијацијата која организира мноштво квиз настани во текот на целата година и низ разни градови низ земјата. Поединечната котизација за секој од квизовите изнесува 200 денари по човек, додека за учесниците кои се пријавени на двата квизови ќе ги чини 300 денари.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.