Јадицата е фрлена па кој ќе загризе, повеќе од сигурно е дека ќе дојде на кумановскиот плоштад да ги слушне новите шеговити песни, да се смее и аплаудира, и расположи како познатиот мераклија, батко Ѓоргија.
Да му испркоси на секојдневните проблемите кои му ја јадат душичката, да се насмее ко да ќе се живее овој живот најсреќно и најдолго, да заборави на сите јадови … А што друго му останува во аманет на едно човечко срце, освен радоста и песната?
Фестивалот ќе се одржи “куде Тумбе” на 29 август, од 19.30 часот. Подарок за граѓаните. Нема гласање, нема тензичност, само веселие и опуштеност.
Граѓаните се поканети сите без исклучок, да дојдат, без паричник, само со добра волја, накитени со насмевки и дланки подготвени да аплаудираат.
Ќе има и зошто- многу младост, ведрина од една страна и искуство, мајсторија со смешни стихови и организација каква што досега не е видена, од друга страна. Така ветува директорот Драган Јаким.
Еминентни изведувачи, докажани текстописци, композитори број еден, продуценти… Рефрени за секојдневието, животот, боемството, интересни историски личности, карактеристични обележја од разни краеви на нашата земја, и сето тоа преточено во исклучително квалитетни шегобијни композиции. А тука се и гостите од Србија и Бугарија, малку да ја прошараат програмата.
МТВ ќе снима, а програмата ќе ја води Сузана Апостолова.
Од парчиња од рефрените заклучете сами дали вреди да се пропушти (секако не), ова што годинава се нуди како музички репертоар, а доаѓа за само неколку денови отсега.
Преслушајте, еднаш, два пати, три пати…