“Голем мераклија”- Боби Петковски со песнарка со 50 песни испеани на “Тумба фест”

Боби Петковски некогашен новинар, спикер, радиоводител на НРИО “Наш Весник” и РТВ Куманово, кој веќе 15 години живее и работи во Словенија, на 29 август, на денот на одржување на годинешниот “Тумба фест”, ќе има промоција на необична книга, книга со текстови за песни испеани на овој омилен и уникатен фестивал. Насловот е “Голем мераклија”.

Промоцијата, за која владее голем инотерес во естрадно музичките кругови, е закажана во Домот на Занаетчиите во Куманово од 13 часот. Авторот и славеник, со многу радост се осврнува на овој настан кој доаѓа.

-Ова е мое прво книжевно дело, песнарка, мое прво чедо, кое ме мотивира да творам и понатаму. Во книгата најмногу е застапен нашиот изворен градски кумановски дијалект. Многу сум радосен што се вчленив во групата на дејци кои твореле на кумановски, како Васил Илјоски, Киро Баба Ружа, со тоа што тие пишувале проза, а јас прв поезија на кумановски, вели овој автор, на кој многумина се сеќаваат со насмевка, поради интересните текстови кои ги има напишано за шегобијни народни песни кои веќе се обнародиле на домашната фолк сцена.

– Моето пишување на ангажирана комерцијална поезија текстови за музика започна далечната 1994 година, со мојот прв проект со мојата сограѓанката Лидија Спасовска од чиј албум остана да живее големиот хит “Помисли на мене” . Потоа следуваа многу ангажмани, многу проекти, многу албуми кои во најголем број ги реализирав со господинот Цане Петров, нашиот познат и признат композитор, инструменталист и музичар. А на “Тумба фест” сум присутен од самите почетоци, благодарение на довербата која ми ја укажа мојот радиски колега инаку идејниот творец на фестивалот господинот Ванчо Михајловски. По ревитализирањето на фестивалот иста чест ми укажаа и моите пријатели од “Етно ризница” кои го обновија фестивалот, така што сѐ на сѐ само на “Тумба фест” се насобраа околу 50 песни на кои сум јас автор, ни објаснува Петковски, најавувајќи дека на промоцијата ќе биде навистина весело и со многу хумор, но сценариото и програмата се чува во мала тајност, а ќе ја води Ѓорги Калајџиев.

Со Нино Величковски 

-Инаку, продолжува да ни објаснува тој, уште еден куриозитет е тоа дека од палетата на музички фестивали во Македонија сме први кои издадовме песнарка со стихови на само еден автор. Идејата за печатање книга ја даде уредничката на книгата, жената која секогаш носи нови свежи идеи кои подоцна сите заеднички ги преточуваме во проекти, драгата пријателка Слаѓана Костенарова. Но, секако не мала улога за книгата во физичка печатена форма има господинот Драган Митевски, попознат како Драган Јаким, често споменуваниот актуелен директор на “Тумба фест”…

Освен на кумановски, познавачите на естрадните прилики добро знаат, дека текстописецот Петковски во доволен број има напишано и текстови на македонски јазик, кои исто така се овековечени во аудио снимки.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.