Силвана Димитриевска доби голема Интернационална академска награда за современа литература -Луциус Анај Сенека

187

22.08.2024

Познатата и често наградувана поетеса Силвана Димитриевска од Скопје, е една од добитниците на престижната Интернационална академска награда за современа литература Луциус Анај Сенека, доделена од Академија за филозофски уметности и науки од Италија.

Наградата Луциус Анај Сенека се доделува седма година по ред, од 2017 година, во неколку категории, национален и интернационален дел, кои вклучуваат поединечна песна, книга поезија напишана или преведена на италијански јазик, расказ и новинарска статија.

За сите категории одлучува одбор од триесет членови на академијата која е составена од интелектуалци, професори од бројни универзитети и научници од различно потекло кои ја споделуваат етичката и естетската вредност на современата уметност и литература.

Наградата е воспоставена во чест на римскиот филозоф, драматург и политичар, а како што велат од академијата, изборот на ликот на Сенека произлегува од потребата да се поттикнат поетите да размислуваат за основните теми на животот, за суштинските императиви во животниот пат на секое човечко суштество, т.е. способноста да прави разлика помеѓу законското и незаконското, меѓу редот и нередот, меѓу правдата и неправдата, помеѓу правилното и погрешното, помеѓу она за што вреди да се живее и она што му ја одзема вредноста на животот.

Целта на наградата е да ги собере и награди најзаслужните книжевни композиции, а во исто време да поттикне размислување за поезијата, за нејзината извонредна способност да гледа кон иднината преку една исклучително актуелна филозофска мисла.Како и секоја година и годинава во интернационалниот дел беа доделени прва, втора и трета награда и 13 почесни награди на поети од цел свет.

Димитриевска е првата и засега единствена авторка од Македонија која е носител на оваа награда. Таа ја доби наградата за нејзината песна „Историја на пишување поезија“ во која поетесата умешно, низ призмата на жената и женското писмо, гради лична и колективна историја за начинот на кој се создавала и се восприемала поезијата во едни пошироки општествени рамки.

 

ИСТОРИЈА НА ПИШУВАЊЕ ПОЕЗИЈА

 

 

Во нашата фамилија

сите наши жени пишувале поезија.

Баба ми создавала прозрачни нишки,

свилен конец од капките мајчино млеко

со кој потоа го подврзувала денот и

му го сошивала на клепките на новороденчето.

Знаела, таа мудрица, од старите преданија,

ако конецот се скине и детето ќе одлета,

оти само децата ги знаат тајните и желбите на сонот.

 

Од секоја капка, јазол врзуваше баба ми,

а потоа нишките ги разлачуваше во стихови

и ги пееше наместо приспивна.

Мајка ми, пак, ги наследила сите мириси на зборот.

Со заситна љубов и премерена реч

го зачинуваше секој замесен леб,

па од секој залак на децата им се отвораа очите

и тие умееја да го видат

летот на птиците, цутењето на нарцисите,

насоката по која се движат ѕвездите

по мапата на сите наши очекувања.

Од секој збор легенди создаваше мајка ми,

а потоа ги завиткуваше во коприна од стихови

за да и ги сокрие трагите на песната.

 

А јас, јас во мислите, постојано, во секој миг

создавам една и единствена песна.

Умеам да ја замислам, да ја обликувам од соништа,

светот да ја препознае како лична митологија.

Во неа да го соберам сето минато на поезијата.

Да ја направам семоќна и сеприсутна, а да остане незапишана,

оти ако некогаш ја запишам, историјата ќе ја потпише

со – непознат автор.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.