Светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и камерниот оркестар „Профундис“ во Филхармонија на 20 септември

12

СКОПЈЕ, 21.08.2024

Светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и македонскиот камерен оркестар „Профундис“, на 20 септември ќе приредат ексклузивен концерт во големата сала на Македонската филхармонија. Со почеток во 20:00 часот, ова музичко доживување ветува вечер исполнета со врвна уметност и незаборавни емоции, донесени од еден од најистакнатите виолинисти на нашето време.

Виртуозниот Стефан Миленковиќ е еден од најпочитуваните виолинисти на својата генерација, со долга и успешна кариера како солист и виртуозен виолинист. Неговите настапи ги красат сцените на најпрестижните концертни сали низ светот, а неговата изведба е позната по својата длабочина, прецизност и неверојатна техничка подготвеност. Во својата кариера, тој е добитник на бројни награди и признанија, а во Србија ги носи титулите за „Уметник на векот“, „Најхумана личност“, „Личност на годината“ и е еден од најпознатите српски уметници кој гради кариера на сцените во светот.

– Поминаа повеќе од 5 години од мојот последен концерт, па затоа со нетрпение чекам да се видиме во Скопје, град кој има прекрасна публика и каде имам многу пријатели!- изјави тој како најава за претстојниот концерт.

На сцената Миленковиќ ќе биде придружуван од камерниот оркестар „Профундис“, познати по својата уникатност, виртуозна музикалност и креативност во настапите, што ги прави еден од водечките камерни оркестри како во Македонија, така и во регионот.

– Чест е да го имаме Стефан Миленковиќ како дел од нашата програма оваа сезона. Неговата виртуозност и страст кон музиката совршено се вклопуваат со уметничките стандарди на нашиот оркестар, а верувам дека публиката ќе ужива во еден од најдобрите концерти оваа година!- изјави Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител на камерниот оркестар „Профундис“.

Инаку, Миленковиќ со својата кариера започнал на само шест години, одржувајќи повеќе од 1,000 концерти пред да наполни 16 години. На само 10 години настапува пред претседателот на САД Роналд Реган на Божиќниот концерт во Белата куќа, следната година свири за Михаил Горбачов во Белград, а на 14 години настапува пред папата Јован Павле II. На 16 години го свири својот 1000 концерт во Монтереј, Мексико, а на 17 годишна возраст веќе има победено на голем број натпревари за млади виолинисти.

На програмата ќе бидат изведени дела од П. И. Чајковски, Н. Паганини, К. Сен-Санс, Ж. Масне, А. Бацини и П. Сарасате, ветувајќи музичка вечер проткаена со финеси и грациозност само какви што може да отсвират Стефан Миленковиќ и „Профундис“.

Влезниците за концертниот спектакл се достапни преку интернет платформата и продажната мрежа на МК ТИКЕТС.

КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР „ПРОФУНДИС“ (МАКЕДОНИЈА): Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во РСМ, Националната опера и балет и Националната филхармонија.

СТЕФАН МИЛЕНКОВИЌ (СРБИЈА): Стефан Миленковиќ е српски виолинист со светска слава, познат уште од најраните години како „чудо од дете“. Роден во 1977 година, тој покажал извонреден музички талент уште од најрана возраст, одржувајќи го својот прв концерт на само шест години. Веќе на десетгодишна возраст, настапувал пред личности како претседателот на САД Роналд Реган, советскиот лидер Михаил Горбачов, и папата Јован Павле II. Со преку 1,000 концерти до својата 16-та година, Миленковиќ постојано ја потврдува својата техничка виртуозност и длабочина на интерпретација. Неговата кариера е обележана со настапи на престижни сцени како „Карнеги Хол“, Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, и „Марински“ театарот во Санкт Петербург. Во текот на својата кариера, Миленковиќ е добитник на бројни престижни награди и признанија. Меѓу неговите титули се „Уметник на векот“ и „Најхумана личност“, што ја одразува неговата посветеност не само кон музиката туку и кон општеството. Тој исто така ја добил и титулата „Личност на годината“ и е познат како еден од најистакнатите уметници од Балканот. Неговата интерпретација и уникатен стил продолжуваат да го воодушевуваат љубителите на класичната музика ширум светот, правејќи го Миленковиќ еден од најпознатите виолинисти на своето време. Миленковиќ не само што е извонреден изведувач, туку е и активен хуманитарец, со значителен придонес во светските хуманитарни напори.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.