Со „Шопско село“ започнува празничната прослава во Крива Паланка

61

Август, 2024

„Шопско село“ е нововоспоставена манифестација со која годинава започнуваат празничните фестивалски денови во Крива Паланка, посветени посветени на патронот и заштитник на градот „Свети Јоаким Осоговски“ и на манифестацијата „Крива Паланка- Град на културата 2024“.

Повеќедневната фестивалска манифестација има фолклорен, етнолошки и забавен карактер и ја презентира духовната и материјалната култура на Шопскиот етнички ареал (Шоплук), кој што се простира на териториите на Србија, Бугарија и Македонија, меѓу кои е и кривопаланечкиот регион.

Од 20 до 25 август, Крива Паланка ќе биде местото каде ќе се случува фолклорен мегдан на играорци од земјава и од странство, гастрономска ревија на локални и регионални специјалитети и базар на автентични занаети и ракотворби. Имено, манифестацијата ги обединува Меѓународниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, Фестивалот на храна и Фестивалот на занаети и ракотворби, создавајќи атрактивен културно-туристички пакет за привлекување на повеќе гости и посетители на градот.

Централен настан на манифестацијата е Меѓународниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, кој годинава се одржува по 19 пат , а на трите фестивалски вечери ќе настапат фолклорни друштва од Турција, Србија, Бугарија, БиХ и Македонија што ќе дефилираат и ќе имаат концерти на сцената на Градскиот плоштад. Во рамките на фестивалот, на 21 август, ќе се одржи мастерклас за културното наследство на Крива Паланка и околината со етнокореологот Бојан Петровски и проекција на филм за Дурачка Река „ Не Плети Лесо“ со презентација на облековните елементи од етничките предели Дурачка река, Источен дел на Славиште и Средорек. На 22 август, пак, следува семинарот „Традиционалната култура во Крива Паланка“ со предавачите: проф. д-р Зоранчо Малинов, проф. д-р Родна Величковска и проф. д-р Стојанче Костов.

Истовремено, од 20 август започнуваат и Фестивалот на храна и Фестивалот на занаети и ракотворби на Градскиот кеј на Крива Река, со почеток од 18 часот. На овие фестивалски атракции ќе учествуваат локални и регионални угостители, занаетчии и ракотворци кои ќе ја презентираат автентичната храна и занаетите карактеристични за нивното поднебје. Специјални гости ќе бидат угостители со лиценца на познатот бренд „лесковачка скара“ од Лесковац, Србија и ракотворци од Ќустендил Бугарија.

Манифестацијата „Шопско село“ ќе биде збогатена и со настапи на познатите музичари Игор Димовски и “Пауза за ракија” на 20 и 21 агуст и на познатата пејачка на традиционални песни Елена Андоновска на 23 август.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.