Охрид, август, 2024
Актерите од Драмскиот театар Белград вчера на драмскиот репертоар од фестивалот „Охридско лето“ ја одиграа театарската претстава „Лет над кукавичкото гнездо“.
Претставата пишувана според романот на Кен Кесеј, а режирана од Жанко Томиќ беше во знакот на големото враќање на актерот Драган Бјелогрлиќ на сцената на Белградскиот драмски театар. Се работи за мрачна хумористична сатира за поединецот во репресивен систем, ментални институции и слобода на духот.
-Мојот живот стана дел од тој процес кој се случува на сцената и тоа што се случува на сцената стана дел од мојот живот. Кога играте една толку силна улога толку време, во претстава која стана култна и ги продава сите билети, откако лани во цела поранешна Југославија бевме пречекани со овации, навистина не знам што да кажам. Веќе не зборувам само за нешто што е уметничко дело, туку за нешто што е дел од мојот живот. Кога ќе го облечам костумот на Мекмарфи, многу брзо станувам тој, а кога ќе го соблечам костимот, тој Мекмарфи уште долго останува во мене, вели Бјелогрлиќ.
Улогата на Чезвик ја игра познатиот актер Мима Караџиќ, кој рече дека тој во екипата е последниве две години.
-Претставата е хит над хитовите, а ние ја играме со сета сила. Кога ја игравме во Скопје во 2022, доживеавме овации, а сигурен сум дека така ќе биде и во Охрид. Во Охрид последен пат ја играв претставата „Мешан брак“ која подоцна стана ТВ-серија. Но, не е поентата дали публиката ме препознава, туку да ужива во претставата, рече Караџиќ.
Актерот Слободан Бода Нинковиќ во претставата веќе две години го игра Бродмен а го наследи покојниот Милорад Мандиќ- Манда.
-Ова е претстава од која тешко ќе можете да се одвоите. За жал, има доста починати од онаа основната постава. Индијанецот кој јас го играм ја решава целата работа на крајот и го претставува она што навистина се случува во Америка, дека им е одземена земјата, дека им е одземено правото на говор, што се случува во поголемиот дел од претставата, вели Нинковиќ.
Актерката Милица Зариќ вели дека „Лет над кукавичкото гнездо “ е приказна за колективот, за насоченоста на луѓето едни кон други, и како што додава, тоа е нешто што што им фали на луѓето денес.
-Оваа претстава е повеќе од театар, повеќе од живот.Толку долго се игра што не се сеќавам на периодот пред да се игра претставата. Тогаш бев некоја друга личност и тоа беше некој друг живот за мене. Претставата е на сите нам ни е многу значајна и многу ја сакаме. Ја игравме во целиот регион и пошироко, на многу фестивали, доживеа многу промени но опстана, и тоа е показател дека театарот е посилен и од животот, вели Зариќ.
Драмата е напишана во 1962 и првата изведба била во 1963 на Бродвеј, со Кирк Даглас во главната улога. Белградските актери ја одиграле повеќе од 250 пати.