Куларт – Според вашата биографија авторството сериозно стана дел од вашиот живот откако станавте пензионерка. Како се одвиваше сето тоа. Што беше пресудно?
Божана – Со пишување почнав од моето основно образование, седмо или осмо одделение, а подоцна во средно учествував и на конкурси во градот и пошироко. Имам објавувано песни во весниците „Народен Глас“, „Млад борец“, „Тутунски лист“, а сега во Неделникот „Зенит“. Во минатото, поточно во 1972 година, во Прилеп издадена е книга со детски песни под наслов „Децата пеат за Тито“ и од 2000 творби објавени во весникот „Народен глас“ избрани се 60 песни меѓу кои има и моја творба.
Сега, откако сум пензионерка имам многу слободно време за себеси и за творење зошто и внуките пораснаа. Желбата за пишување е голема понекогаш е слична како надојдена река која течи, тече и носи пред себе а понекогаш пресушува и толку. Кога сум тажна и се препуштам на тагата и не можам да творам. Честопати ако не напишам барем некоја реченица имам чувство како да ми избегал денот, зашто со моите 70 години ги виткам последните кругови од клопчето наречено живот.
Kуларт – Првата книга ја објавивте 2018-та година, а еве сега само шест години подоцна, го чекате своето десетто издание. Од каде сиот тој наблик на авторство, со оглед на тоа дека сите издадени дела за кои подоцна ќе зборуваме се со своја живописна приказна преточена најмногу во романи, раскази, но и поетски стихови?
Божана- Мојата прва книга е романот „Бојана на Тодор“. Досега имам издадено 9 книги а овој месец ќе ја отпечатам и 10- тата моја книга, романот „Судбина“. За секое напишано дело одамна постоело некое „сценарио“ сѐ до мигот кога зборовите сами „излетуваат“, како да се птици кои подоцна ќе го разубавуват просторот.
Куларт – “Бојана на Тодор” е вашиот прв роман. Ми рековте дека сите дела (досега седум испечатени и кои се, набројте ги) подеднакво ви се драги. Има ли нешто семејно, автобиографско во тој роман или во некој друг?
Божана – Во 2018 година издаден е романот „Бојана на Тодор “ кој е автобиографски, јас сум родена во село Кален, Мариово, кое сега е празно без жители зошто немаше пат кој селаните ќе ги донеси до градот. Во 2018 година ја издадов и стихозбирката „Поетот и зборовите“, во 2020 година романот „Наум и синовите“ како и стихозбирката „Сончевина за тебе“, во 2021 година збирката раскази „Раскази за сечија душа“ и романот „ Албумот со спомени“, во 2022 година збирката раскази „Грст раскази“ и романот „Старата“, а во 2023 година стихозбирката „Трага“. Драги ми се сите дела зошто носат дел од мене и мојата душа и живеат заедно со мене, како што напишав во романот „Бојана на Тодор“ „Така црешните, како и сé друго во ова село, добија лик и душа“.
Куларт – Присутни сте во Зборници, на разни фестивали, поетски читања. Што за вас претставува овој живот во светот на литературата?
Божана – Горда сум за сите мои достигнувања во полето на литературата. Имам многу награди во земјата и секоја ми е посебно мила и се радувам како мало дете. Имам и неколку меѓународни награди, во 2019 година во Белград на конкурсот на Книжевниот Клуб „Поетијада“ мојата песна „Камен “ е избрана за песна за месец 11-2019 година, а во 2022 и 2023 година на Интернациноналната манифестација „Сплоти се Македонијо“ добив втора награда за песни, додека во 2023 година на конкурсот „Ванчо Николески“ Нов Јужен Велс-Австралија добив прва награда за расказ и втора награда за песна. Среќна сум што за романот „Бојана на Тодор“ како награда добив учество- промоција на Манифестацијата „Звуците на чаршијата“ чиј организатор беше почитуваната Татјана Гогоска. Истиот роман беше награден со втора награда на конкурсот на Просветни работници – Скопје и прва награда од фондацијата „Такец“. Во една песна напишав „Вчера напишав песна и знам, сѐ што е напишано е бесмртно со песната ќе живеам и јас“.
Куларт – Добивте и 3 ноемвриска награда на градот Прилеп 2021. Колку ви значеше тоа во понатамошното творештво?
Божана – Многу сум среќна за добивањето на 3-то Ноемвриската награда, која е круна на моето творештво. Им благодарам на членовите од Литературниот клуб- Прилеп за поддршката која секогаш несебично си ја даруваме едни на други. Со дружбата во клубот јас како да излегов од темнината на тунелот во која бев многу долго време (со смртта на мојот сопруг) и зачекорив кон светлината.
Куларт – Како пензионерка и мајка и баба како ги поминувате деновите, што е ваш најголем фокус. Дали внуците или книгите? Или пак имате некое хоби, или пак пиење кафе со пријателките ве релаксира? Опишете го вашиот приватен живот.
Божана – Како пензионерка после завршувањето на домашните обврски имам многу слободно време, а тогаш пишувам. Пишувањето ми носи задоволство, се чувствувам исполнета. Децата и внуките ми се приоритет во животот, тие се моето сѐ. Имам две внуки кои се мојот здив, мојот живот, тие се две сонца кои секојдневно ме греат и ме држат исправена за да не паднам на земја. Во слободното време се дружам со членовите од Клубот на Литературни творци со кои сме едно големо семејство. Најслаткото кафе ми е кога пијам во друштво на внуките и снаата, а кога сме надвор тука се двете кучиња и двете мачки кои бараат внимание како и секое живо битие.
Куларт – Јас во вашите дела препознавам чиста мисла, лесно раскажана. Дали мислите дека е така? Односно, како би се опишале самата како автор?
Божана – Сакам да пишувам и проза и поезија. Поезијата е мисла искажана во мигот исто како секавицата од громот ќе светне и толку, а прозата иако бара повеќе посветеност ме исполнува и облагородува. Пишувам за сѐ што ме опкружува, често во романите има мал дел од вистински настани за потоа да прерасне во цел роман. Сакам да пишувам за изгрејсонцата, за залезите, за тишината која во ова време невреме ја има малку. Моите романи се лесни за читање, разбирливи и можат да ги читаат повеќе генерации што ме прави горда, зашто не сакам многу заплети а за насилство не станува збор. Со еден збор ја сакам целата убавина која ме опкружува и затоа пишувам за неа.
Куларт – Дали правите планови за иднина. Имате ли можеби некоја нова скица за ново дело?
Божана – При крајот на овај месец ќе го отпечатам романот „Судбина“, а стихозбирката „Песните ќе ви кажат сѐ“, малку ќе почека мислам дека ќе го види сјајот на денот при крајот на 2024 година. Моментално работам или поточно кажано пишувам нов роман на кој некако му се гледа крајот.
Куларт – Што е вашата желба која сакате да ја остварите во полето на литературата?
Божана – Моја голема желба е после издавањето на романите да издадам стихозбирка со детски песни кои трпеливо чекаат да дојдат на ред, зашто покрај желбата за издаваштво потребна е и голема инвестиција…
Но, дека кога има внатрешен порив на креативност, желба и љубов Божана Тренческа, писателка од Прилеп докажува дека сѐ е можно и остварливо.
Интервјуто го водеше
М-р Татјана Гогоска