Француските авантуристи покажаа солидарност и ја запознаа културата на Крива Паланка

Крива Паланка, 16 август 2024

Над 600 Французи, со околу 200 возила, дел од авантуристичкиот караван со “Пежо 205”, пристигнаа во Крива Паланка- единствената општина во Северна Македонија, домаќин на Europ’ Raid.
Во чест на нивната посета, се одржа културна размена со македонски фолклор и франкофонски хепенинг во дворот на ООУ “Св. Јоаким Крчовски”, а француските авантуристи донираа училишна и спортска опрема, училишен прибор и спортски реквизити.
„Ја поздравувам уште еднаш иницијативата што прераснува во традиција- веќе четврти пат нашиот град да биде единствен град- домаќин на ова несекојдневно, уникатно, авантуристичко здружување, со една мисија: солидарност и испраќање пораки за почит, разбирање и културна размена помеѓу луѓето. Францускиот караван на возила ја носи универзалната порака од младите за младите- да се биде хуман, да се надминуваат границите и бариерите, да се трага по знаења и да му се радуваме на животот“, истакна градоначалникот на Крива Планка Сашко Митовски во своето обраќање пред гостите.
На настанот присуствуваа Даниел Меркез, прв секретар во Амбасадата на Франција, Бенжамин Леден и Жереми Бланден, претседатели и организатори на Ероп Ред и Жулиет Бертран, одговорна за логистика на Ероп Ред, кои се заблагодарија на гостопримството, како и на професорката Елена Николовска која е најзаслужна за едукацијата и љубовта кон франкофонијата во општината. Благодарност за донираната опрема, пак изрази директорката на ООУ „Свети Јоаким Крчовски“, Анита Стојковска.
Овој настан е значајна компонента од мисијата на Europ’ Raid за меѓународна солидарност. Младите Французи минуваат низ 20 европски држави, вклучувајќи ја Македонија, со цел да се запознаат со различни култури и нации, а истовремено да споделуваат заеднички вредности. Преку јазикот што ги зближува и солидарноста, тие ја носат порака дека младите се носители на подобро утре.
Културните активности и пречекот на француските авантуристи годинава се дел од Кривопаланечко културно лето, што потврдува дека Крива Паланка е вистински “Град на културата”.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.