СРЕДБА СО СИЛВАНА ДИМИТРИЕВСКА: Страста кон пишувањето која во мене е налик на онаа стерна на Конески, потиснувана и криена, но сега излегува со сета своја сила!

09.08.2024
Познатата поетеса Силвана Димитриевска е родена 1981 година во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“- Скопје на Катедрата за Општа и компаративна книжевност со македонски јазик, а подоцна ја завршила и Едногодишната школа за новинари при МИМ (Македонски Институт за Медиуми).
Нејзин најсвеж успех е освоената награда на конкурсот “Антево слово” за песната со наслов „Оревот“, што ја прими на свеченото доделување минатиот месец.
*Драга Силвана, за почеток какво е чувството да се прими една таква награда, значајна во наши рамки и посакувана од многу припадници на тој круг на поезијата?
– Наградата „Антево слово“ е навистина една од најреномираните поетски награди кај нас, но со оглед на меѓународниот карактер на конкурсот, односно на самата манифестација, таа значајна и во меѓународни рамки. Како што стои во официјалниот опис на ФБ страницата на Антево слово, во соработка со здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст- Струмица“, наградата „Антево слово“ е конституирана како дел од меѓународната манифестација „Анџело Ла Векија“ која се одржува секоја година во градот Каникати во Сицилија, Италија и е прва од ваков вид која се доделува за македонски автор надвор од нашата држава. Самата награда е основана во чест на името и делото на нашиот поетски великан Анте Поповски и тоа, секако, и дава дополнителна тежина и вредност. За мене лично, оваа награда е едно од најзначајните признанија кои ги имам добиено за своите стихови и ми е посебно драга.
*Која беше инспирацијата за да се напише таа песна, посветена е некому конкретно или, врзана е можеби за некој личен момент?
– „Оревот“ е песна инспирирана од поетиката на Анте Поповски, а идејата за стиховите е налик на животодавна капка која поетот жеден за збор ја позајмува од неисцрпниот извор на македонската историја и традиција. „Оревот“ со неговите длабоки корени е симбол на вкоренетоста, на припаѓањето, на битисувањето на македонскиот народ и преку сликата на тие корени во песната полека се разоткрива и се препознава, навидум една семејна приказна, а всушност историјата на нашето општествено постоење. „Оревот“ е една топла, емотивна приказна во која се загатнуваат и длабоки филозофски теми како што се: смртта, растењето, созревањето, поврзаноста на сегашноста со минатото и насушната потреба на човековиот дух погледот секогаш да го насочи кон иднината.

*Каков е Вашиот став- поетот треба ли да учествува на конкурсите кои се прават кај нас, да го стави во натпревар својот “збор” со на другите? Впрочем, има ли мерка со која тоа точно може да се измери?
– Конкурсите се интересна можност за секој поет да добие увид колку, како, на кој начин се прима, препознава и се вреднува поезијата која ја пишува. Сепак, да бидеме искрени, секој оној кој пишува и објавува поезија го прави тоа за да биде читан, за да допре до другите и да им пренесе одредена порака, мисла, идеја, чувство. Во спротивно би пишувал само за себе и песните никогаш не би ја виделе светлината на денот. За мене, лично, конкурсите знаат да бидат убава можност и за себе анализа и преиспитување, но не мислам дека имаат пресудна важност. Првенствено заради тоа што единствена мерка за тоа дали некоја поезија навистина поседува висока естетска и уметничка вредност, е всушност тестот на времето. Некоја песна ќе биде наградена на конкурс, но ќе се изгуби, во литературна смисла, во морето од сите други песни. Од друга страна, за песни кои се антологиски, кои со децении се паметат и се рецитираат наизуст ретко кој прашува дали некогаш и некаде биле наградени. Едноставно, тоа се песни кои оставиле длабок печат, биле толку моќни и силни и во себе содржат безвременски мисли и пораки.
*Во последно време поактивно пишувате. Инаку, вашата книжевна биографија има еден навистина интересен тек. За време на Вашите студентски денови на катедрата за Општа и компаративна книжевност сте особено активна. Вашите почетоци во светот на поезијата датираат од времето кога сте била координатор на литературниот кружок „Мугри“ и уредник на истоимениот поетски алманах. Заокружено со неколку зборови, како изгледаа тие дваесеттина поетски години?
– Да, навистина е така. Убаво го кажавте тоа, особено од оваа временска дистанца и јас знам да кажам дека мојот книжевен пат има навистина интересен тек. Ако зборуваме за почетоци, всушност мојата љубов кон пишувањето датира уште од основно училиште кога поттикната од наставничката по македонски јазик почнав поактивно да пишувам, но и да учествувам на литературни конкурси. Таа љубов кон книжевноста, особено кон поезијата, продолжи и во средно училиште, особено затоа што тогаш ја открив и класичната литература која е дел од задолжителната лектира. Подоцна, на катедрата за Општа и компаративна книжевност добив една сеопфатна наобразба и мислам дека дури тогаш почнав да растам во духовна смисла и да се обликувам како поет. Велам почнав, оти растењето е постојан процес и никогаш не престанува. Сѐ уште растам и сѐ уште учам. Факултетските денови ми донесоа многу одговорности, но и многу убавини. Периодот на активноста на „Мугри“ секогаш го истакнувам како еден прекрасен, креативен, енергичен период во кој не само јас, туку сите кои бвме дел од таа приказна буквално вложуввавме дел од себе. Сериозни и осмислени изданија на поетскиот, а подоцна и литературен, алманах „Мугри“, поетски читања, промоции, учества на „Бели ноќи“, на Млада струга при Струшки вечери на поезијата… тоа беше еден период во кој живеевме со и за уметноста. Е, потоа настапи таа пауза од повеќе од 15 години во кои јас се повлеков од пишување. Всушност, на некој начин целосно се повлеков од книжевната сцена. Секогаш се шегувам дека тоа е мојот Рембовски период во кој налик на мојот сакан француски поет, кажав сè што имав да кажам и потоа едноставно замолкнав. Од оваа временска дистанца знам да кажам дека веројатно во животот на секој автор доаѓа време на молчење во кое некои работи треба да пораснат, да созреат, да згаснат и одновно да се родат.

*За да се влезе во поезијата нешто мора да ти ја подотвори портата. Да те повика внатре, да те покани, зарем и може поинаку?
– За мене тоа беа наставниците и професорите по македонски јазик. Подоцна имав извонредна можност да соработувам со некои од нашите извонредни автори, големи поетски имиња и пред сѐ големи луѓе, како што се Светлана Христова Јоциќ и Михаил Ренџов. Всушност, Светлана беше иницијатор и за мојата прва и засега единствена објавена поетска збирка „Ти што излезе од песна“, на која таа и го даде и името, а ми беше и рецензент и промотор на промоцијата на збирката. Нејзината поддршка, помош, енергијата која несебично ја вложуваше, вербата и довербата кои ги покажуваше, за мене беа таа подотворена врата и многу повеќе од тоа, еден навистина скапоцен зборовен и духовен дар.
*Од почетоците досега нѐ делат две децении, но жарот со кој почнувате се препознава и ден денес во секој напишан и искажан стих. Што ја одржува Вашата страст за пишување, како и Вашиот мотив?
– По паузата од речиси две децении, моето враќање во светот на книжевноста и желбата повторно да пишувам веројатно дојдоа токму како одговор на долгогодишниот молк. Една моја драга пријателка и поетеса, која исто така направила подолга пауза, во една прилика ми рече дека човек кој ја заљубил поезијата, тој никогаш не престанува да биде поет. Една позната изрека на Шарл Бодлер вели: „Здрав човек може да издржи неколку дена без храна, но ниту еден ден без поезија“. Страста кон пишувањето која сега е одново разбудена во мене е налик на онаа стерна на Конески, долго потиснувана, криена, заборавана, но сега излегува во сета своја сила и моќ. За мене поезијата е душевна храна, насушна и неопходна како што е воздухот што го дишеме. Не живеам за да пишувам, јас пишувам за да живеам.
*Освен пишувањето, Вие се јавувате и како организаторка на повеќе поетски читања и промоции, а авторка сте на антологијата “Ангели со пет крилја”, издадена во рамки на Струшки вечери на поезијата. Откријте ни нешто повеќе за тоа.
– Тоа се убави настани кои се случувале токму во периодот на студентските денови и се поврзани со активностите во рамки на функционирањето на литературниот кружок „Мугри“ и мојата улога на координатор и уредник на истоимените изданија. Во „Мугри“ членуваа многу убави луѓе и убави поетски души од кои голем дел се и сега активни и можам да кажам познати и признати на книжевната сцена. Промоциите и поетските читања на членовите на кружокот, но и на сите студенти на Филолошки факултет, па и пошироко, беа дел од моите одговорности, но и големо задоволство и радост. Во тој период ја добив и поканата од тогашното раководство на СВП да ја приредам антологијата на современата македонска поезија од млади, како дел од задолжителните изданија во рамки на СВП и тоа за мене беше огромна чест, но и огромна радост, особено затоа што таа антологија претставува весник и предвесник на свежи поетски ветришта во современата македонска книжевност.

*Бројни се Вашите учества во книги и публикации, патем застапената сте во Антологијата на поновата македонска поезија за млади “Пурпурни извори” од Сузана В. Спасовска, антологијата “Сто без една песна”, приредена од Светлана Христова Јоциќ, зборникот на поезија и кратка проза на млади од поранешните југословенски простори “Рукописе 30”, антологија на млади од поранешните југословенски простори „Ван кутије“, избор на современа македонска поезија “Сарајевске свеске”. Ви значи ли тој факт нешто повеќе?
– Секако. Ќе бидам неискрена ако кажам дека не ми значи. Тоа се антологии подготвени од навистина извонредни автори и изданија кои се исклучителни по вредносните и естетски критериуми. Да се биде дел од нив е голема привилегија.
*Освен поезија, пишувате и кратка проза, есеи и хаику стихови, а дел од нив се објавени во првото македонско хаику списание “Мравка”. Хаикуто во последнава деценија стана тренд кај нас. Вие како го доживувате?
– Хаику почнав да пишувам во студентските денови, поттикната од мојот професор и почитуван поет и автор Владимир Матиновски кој во тоа време беше и уредник на „Мравка“. За мене, лично, хаику стиховите се вистински предизвик, не само заради нивната строга структура, имено традиционалното јапонско хаику подразбира да биде напишано како тристишие во форма на 5-7-5 слоговна структура, туку и заради минималистичкиот концепт да се каже и да се долови цела една филозофија на живеење со што помалку зборови. Хаику стиховите вообичаено се поврзани со настан, феномен, процес во природата и начинот на кој ние го доживуваме истиот, притоа имајќи ја предвид поврзаноста на секоја индивидуа со универзалата димензија на постоењето. Јапонската книжевност разликува неколку видови на поетски минијатури, како што се хаику, хаига, танка, ренга и други, па во таа смисла, но и според естетската, смисловната, суштинската вредност, не сето она што се пишува денес, во вид на поетска минијатура, може да се нарече хаику. Хаику пишувањето бара медитирање, (само)дисциплина, високо ниво на самосвест и емпатија.

*Вам и расказот, како форма, не ви е далечен. За „Здолниште од пеперутки“ добитничка сте на првата награда на конкурсот „Раскажувам фотографија 2021“ распишан од Фонд на холокаустот на евреите од Македонија. За расказот „Вода“ пак добивте откупна награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ во 2022. Што го прави предизвикот да се напише расказ, поинаков и привлечен?
– Морам да бидам искрена и да признам дека ретко пишувам раскази, иако уживам при тоа и за мене пишувањето расказ е посебен креативен чин, книжевно поле кое навидум е широко отворено и нуди повеќе слобода на изразување од, да речеме поезијата, но всушност е вистински предизвик. На моето поимање на расказот како книжевен вид извршиле огромно влијание различни книжеви имиња, од Едгар Алан По, Фокнер, Вирџинија Вулф, Хемингвеј, Хулио Кортасар, па до Даниил Хармс и Чехов. Карактеристично за расказите кои јас ги пишувам, покрај различните теми кои ги обработувам, е фактот што и во нив никако не можам да избегам од поезијата, па тие содржат специфична динамика и поетичност.
*Добитничка сте и на втората и третата награда „Блаже Конески“ за научен есеј. За својата прва збирка поезија “Ти што излезе од песна” ја добивте наградата „Ацо Караманов“. А застапената сте и во “Зборник на кратки книжевни форми” при институтот ИНАКУ. Вашиот интерес во книжевноста навистина е распослан на повеќе полиња, и со леснотија одите од поле на поле, наоѓате инспирација и ја конкретизирате истата.
– Јас сум голем вљубеник во јазикот, во неговите неограничени можности, во неговата моќ да опише, да дејствува, па дури и да создадава светови (вистински или симболични, физички или апсткратни…). Од таму и мојата потреба да ги истражувам и да се нурнувам во сите негови форми на постоење. А, инспирација? Инспирација е и може да биде секој миг од нашиот живот. „Устата го зборува она со кое што е полно срцето“, се вели во Лука, 6 поглавје, Свето Писмо (Библија), а јас се трудам секој ден срцето да го полнам со убавината на животот, со благодарност и љубов, со божествени капки уметност. Моите очи во сè ја гледаат и ја препознаваат уметноста, од утринската роса, изгрејсонцето, пролетта, омарниот љубовен занес на летото, до секојдневните ритуали како испиеното кафе, напишаниот стих, прегратката на син ми….
*Исто така, се јавувате како рецензент на неколку збирки поезија од млади, но и од веќе реномирани автори. Кој е критериумот што еден автор треба да го исполни, за да станете рецензентка на неговото дело?
– Иво Андриќ рекол: „Секое добро дело е одземање на животот, мојот и Вашиот“. Јас сум страствен и активен читател. Тоа подразббира дека читам многу, но и заземам активен став при читањето на едно дело, односно дозволувам прочитаното да допре до мене длабоко и повеќеслојно, се препознавам, се запознавам, се преиспитувам, длабоко (себе)анализирам, одново се создавам преку сè она што го читам. Веројатно, критериумот е токму во тоа, не авторот, туку самото дело да ме поттикне да ги напишам сите мои размисли, идеи и чувства кое тоа ги разбудило во мене.

*Од сите овие пишувачки жанрови, пак ќе повторам, најмногу Ве карактеризира поезијата, за што имате навистина бројни награди. Добитничка сте и на третата награда на меѓународниот поетски фестивал „Бдеење на Кокински мугри 2022“ и на втората награда на истиот поетски фестивал за 2023 година. Во 2023 на меѓународниот поетски фестивал за поезија за деца „Стихувалки“ ја освоите втората награда. Втора награда на Меѓународниот поетски фестивал “Литературни искри 2023“, и иста награда и оваа година. Трета награда за поезија на меѓународниот поетски фестивал „Тафил Келменди 2023“ во Косово. Да не заборавивме некоја?
– Мислам дека не. Наградите се тие и убаво е чувството да се добие награда, оти како што веќе кажав тие се, ете, некој показател дека тоа што го пишувам е препознаено, вреднувано, допрело до другите, но, пак ќе речам, наградите не треба да бидат двигател и мотив за еден творец. Неодамна,поттикната од еден прекрасен разговор со една моја драга пријателка и поетеса, токму на оваа тема, бев инспирирана да ја напишам кусата песна „Ловорики“, па во оваа прилика како своевиден одговор на мојот став околу наградите ќе ја цитирам во целост:

ЛОВОРИКИ

Учи ме на понизност, Господи!
Да не го слушам
гласот на ловориките,
па да се излажам
и да ги облечам,
да одам по светов
слеп и унаказен.
Дај да не одам, Господи!
Да не слушам
да не видам.
Дај ми во зборот да влезам,
па само Збор да бидам!

*Прекрасно. Да се вратиме на фактот што уште една титула е запишана во Вашето CV. Минатата година сте прогласена за една од лауреатите на престижната светска награда за поезија „Наџи Нааман“ и се стекнавте со титулата почесен член на истоимената Академија за култура во Либан. Што значи овој, условно речено, ангажман? Какви обврски ви носи?
– „Наџи Нааман“ е едно навистина престижно поетско признание кое, како што се вели во официјалното соопштение на истоимената фондација, се доделува во светски рамки, на автори на најеманципираните литературни дела по содржина и стил, со цел да се оживеат и развиваат човечките вредности. Се сеќавам дека годината кога јас ја добив наградата, за истата конкурираа речиси три илјади автори од 79 земји од цел свет, а беа наградени само 60 кои со добивањето на оваа награда автоматски се прогласени и за почесни членови на „Masion Naaman pour la Culture“. Лауреатите се носители на оваа титула доживотно, без хонорари или обврски, но почесното членство вклучува и некои привилегии, како што се: лауреатот може да предложи нови учесници на книжевните награди на Наџи Нааман, во националните територии и во странство и да стане, со покана, член на жирито на споменатите награди.

*За наградата „Антево слово 2024“ веќе спомнавме. Ќе се надоврзе ли можеби на оваа награда, објавување на ваша книга, збирка поезија или раскази. Имате ли план за блиска иднина?
– Планови има, е сега, останува на времето да се види кога и како ќе се остварат. Повеќе од две децении ми стои во фиока подготвен поетски ракопис за кој рецензии напишаа токму Светлана Христова Јоциќ и Михаил Ренџов. А, во последниве три години, откако активно му се вратив на пишувањето, веќе има и уште два, можам да кажам целосно подготвени, поетски ракописи и материјал за една прозна книга со раскази. Што од тоа ќе се реализира останува да видиме.
*Пишувате и креирате преку еден наратив со топлина и нежност. Не ве провоцира реалноста, да бидете малку поостра на перо? Што го амортизира кај вас оној надоаѓачки поетски револт, на кој не е имун ниеден пишувач?
– Благодарам за вашата убава забелешка, односно за тоа што вие ја доживувате мојата поезија како топла и нежна. Тоа се навистина убави карактеристики и во голема мера тие се и дел од мојата природа и карактер. Сепак, во песните кои ги пишувам знам да упатам и остра критика кон одредена појава или случувања и да посочам на нив, оти поезијата ја има и треба да ја има привилегијата да викне силно онаму каде што се молчи. Тоа е особено видливо во моите најнови песни, како што се „Пресуда“ или „Прошка“.

*Бидејќи сте и новинар по професија, кој извесно време работела во МРТВ (Македонска Радиотелевизија), информативна редакција, Скопје (Македонија) но и во дневни весници на дневно-политичките случувања, култура, уметност и забава, би ве прашала- каде е полесно за една пишувачка- во медиум, каде работата, одговорноста и конечниот резултат е врзан со работата на тимот, или како поетеса, каде настапувате сама со своето перо, во својот свет, и сѐ е- лично твое?
– Нема да навлегувам во карактеризирање на новинарството какво што е денес, но за мене тоа е и треба да е една благородна професија. Сепак, ако треба да се дефинирам себеси што сум или, како велат- што сакам да бидам кога ќе пораснам, секогаш ќе речам дека пред сè сум поет.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.