ЕКСКЛУЗИВНО ОД НИШ: Вечерва почнува 30. издание на познатиот Нишвил, на фестивалот ќе настапат и уметници од Македонија

Специјално од Ниш: Валентина Ѓоргиевска Парго, уредник во КулАрт

Со филмови и претстави вечерва, 9. Август 2024 година, свечено ќе биде отворен „Нишвил“, надалеку познатиот музички џез фестивал кој годинава прославува јубилеј 30 години постоење.
Со филмска и театарска програма на Плоштадот Крал Милан и во амфитеатарот на кејот вечерва ќе започне 30. издание на џез фестивалот во Нишвил.
Филмскиот самит, како и програмата на џез и театарот Нишвил почнуваат вечерва, а ќе завршат на последната фестивалска вечер, на 18 август.
Од театарската програма вечерва, од 20:30 часот на амфитеатарот на кејот ќе биде изведена претставата “Туѓи чевли”, создадена во српско/британска копродукција, додека од 22 часот на сцена е претставата Qualcosa di Grande од уметници од Италија, театарска и музичка претстава на AMA – Accademia Mediterranea dell’Attore во проп
дукција на Франко Унгаро, а во режија на Марија Каси и Леонардо Брицо, асистент на режија Лоренцо Паладини.
Играат Маестрале театро со Лоренцо Паладини, Маријана Москети, Аријана Алфарано, Франческо Касабури, Даниеле Спањоло и Самуел Ингрозо.
Театарската програма влезе во репертоарот на фестивалот од 2017 година.
Што се однесува до филмската програма, публиката може да очекува документарни, играни, независни и експериментални филмови, повеќе од 50 филмови и претстави.
За разлика од претходните години, доминираат експерименталните и документарните филмови. Има и документарни филмови од Индија, Турција, Мароко.
Филмејкерите од Иран се доминантни, кога се работи за понудата од долгометражни филмови, најмногу поради политичката и социјалната ситуација. Од корејската и кинеската кинематографија ќе видиме филмови од студенти на нивните еминентни филмови.
Освен на сцената на Плоштадот Крал Милан и Тврдината, каде што ќе се емитува главната ревијална програма, публиката ќе може да изгледа експериментални и документарни филмови на кејот кај Нишава, додека играни филмови ќе се емитуваат и во градината на Офицерскиот Дом.

Утревечер на 10 август, публиката кај белградската порта од 20:30 часот ќе биде почестена со изведбата на “Искинат/а како роза” во изведба на актери од Чикаго, а од 22 часот ќе има настап на актерите од Театар Златен Елец со претставата “Кенди”.
На овој фестивал ќе има и други учесници од Македонија а на 17 август ќе настапат поети од повеќе балкански земји како и од Скопје, Струмица, Куманово, Штип и други градови.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.