На денешен ден, 8 август, во 2019 година, во вечен живот замина познатиот актер- натуршчик Рифат Сулејман, кој остави длабока трага во скопскиот живот.
Во негова чест повторно објавуваме едно интервју, направено пред повеќе години.
Моника Белучи ми е предизвик!
Вие сте познат на филмската јавност по улогите во „Црна мачка, бел мачор“, „Шампионите од Шутка“ и неколку видео спотови. Како станавте актер?
-Актерството само ме повика, ако може така да речам (роден е 1931 н.з.), кога режисерот Емир Кустурица бараше актери во Шутка, пред многу години, некој му кажал за мене дека сум специфичен лик и сам ми дојде да ме бара за актер. Не му се случува секому тоа. Така беше и за „Шампионите на Шутка“, сами ме побараа да глумам. И една француска режисерка ме однесе во Охрид на снимање, снимав реклама и за Полска, а неодамна и музички спот. И добро сум платен секој пат. Инаку познат сум како Алфонсо, по еден заводник популарната серија „Касандра“.
Кажете ни за улогата во култниот „Црна мачка, бел мачор“. Како ја добивте?
-Мојата добра кондиција беше пресудна за напорните снимања на „Црна мачка, бел мачор“, да ги поминам лесно. Беше тоа во 1998 година, чинам. Шест месеци престојував во Белград, со сите почести. За мојата сцена, во која над моето голо тело беше ставено големо парче мраз, ја снимавме неколку часа, а тоа не би можел секој да го издржи, иако имаше мал заштитен слој на најлон. Како, и опасните сцени на снимање наведнат над брод, кој се наоѓаше во длабоките води. Одамна не сум го видел Кустурица. Прочитав дека снимал интересни сцени со Моника Белучи. И мене ми е предизвик, сега веќе, таква улога. Спроти Белучи.
*Секој ден дотеран го пиете своето кафе во центарот на Скопје, Пелистер и околните кафани. Тој стил на живот потекнува од вашиот статус на познат глумец натуршчик?Каде го поминавте работниот век
-Работев во текстилна фабрика, на работа ме обожаваа со никого не се скарав, ниту се налутив. Насмеан го поминував секој ден. Мојата сопруга Ремзија, без која сум три децении, за жал, сѐ до нејзиниот последниот ден од нејзиниот живот ја чував ко капка на дланка. Сега сум среќен татко и дедо и прадедо, некои од моите деца се во Скопје, а некои во Виена и Париз. Внуците ме обожаваат и сакаат да муабетат со мене, имаме другарска релација. Секогаш сѐ им кажувам насмеан, со стрпливост и со внимание. Тоа е рецептот за долг и среќен живот и убави моменти со саканите луѓе.
Се ближите кон 90-тата година, а апче не сте испиле.
-Точно е тоа. Мојот татко живееше 103 години, а јас сум сигурен ќе го надминам, здравјето ме служи многу добри, апче никогаш не сум пробал, а на доктор не сум бил. Јас сум роден на нива, кога моите родители Рамиз и Барјамша биле на берба на лубеници. Моите имаа 12 деца и мораа многу да работаат за да ги прехранат. Една недела потоа продолжиле со работа, а мене завиен во пелени ме ставиле во крошна. Еден голем и дебел смок, како што смоковите го намирисуваат млекото, се доближал до мене и ме обвиткал цел. Кога пријателот на моите родители видел и викнал, смокот избегал и се сокрил во дупка. Но, татко ми му рекол дека тоа е знак дека ќе живеам долго. А за мојата добра линија се грижам сам- наутро пијам по еден литар млеко, јадам по едно кило банани, преку ден пијам по неколку капучина, со шлаг се разбира, и понекогаш јадам и пица. Сите желби ми се исполнети, сега сакам само уште еден голем постер со мене на Плоштад, споменик, да излезам во американски весник, и да добијам нова улога. Со Белучи. Низ Европа сум шетал речиси секаде, Унгарија, Австрија, Италија, Франција, Холандија, Шпанија, Германија, Шведска, а преку океанот никогаш. Можеби и тоа ќе биде.
Валентина Ѓоргиевска Парго