Големата уметница Лидија Лучко Јеремиќ ја доби престижната Цветинова награда за мир

Повик за мир во Светот на 6 август 2024 година упати Цветиновиот комитет за мир, во Скопје, каде беше промовирана Декларацијата за мир и против сите војни и употреба на нуклеарно оружје.
На самиот настан, одржан пред спомен куќата на Мајка Тереза, со Цветинова награда за мир беше наградена големата поетска дива, која твори и интерпретира на повеќе јазици, Лидија Лучко Јеремиќ.

Наградата е едногласно предложена и усвоена од страна на членовите на Цветиновиот комитет за мир, и се однесува на целокупната нејзина дејност во интерес на мирот и поетската сфера, но и особено за нејзината извонредна антологиска “Дали епопеја за болката”, објавена во книга пред неколку години на осум јазици, од кои по повод оваа прилика беше изведена на неколку.

Стиховите на македонски ги прочита самата авторка Лучко Јеремиќ, на влашки професорка д-р Ванѓа Радевска, на српски поетот Мендо Димовски, а на англиски, руски, грчки, француски и италијански јазик новинарката и поетеса Валентина Ѓоргиевска Парго.

Кариерата на Јеремиќ е богата и изобилува со креативни и уметнички елементи, од времето кога се занимавала со манекенство и режија на манекенство, па до ден денес кога се занимава со поетска реч, и кога нејзини поеми постојано се преведуваат и објавуваат во интернационални збирки поезија на разни меридијани.

Прочитаната поема е посветена на ужасот и страдањата од најцрниот момент од историјата на човештвото, бомбардирањето на Хирошима и Нагасаки, на 6 и 9 Август 1945 година.
Во таа пригода, поетот Горан Анчевски ја прочита и песната што ја напиша за пилотот Стево Стефановски, кој во знак на протест кон овој катастрофален настан и почит кон жртвите, во 2006 година одбил да лета над Нагасаки.

На овој настан беше потпишана и Декларацијата за мир, која ќе биде испратена до сите влади и светски државници.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.