Цветинова награда за мир за поетесата Анита Бошкова

83

7.08.2024

“Љубовта живее во мир”, е новата поетска творба на поетесата и интерпретаторка Анита Бошкова, која денес беше промовирана во рамките на нејзиното потпишување на Цветиновата декларацијата за мир.
Пред спомен собата Мајка Тереза беше прочитана оваа мирољубива поема, која е и додаток на Декларацијата (усвоена вчера од страна на Цветиновиот комитет за мир, на кој Бошкова е и членка).

Воедно, од страна на иницијаторот на Декларацијата и хуманист Живко Поповски Цветин денес ѝ беше врачена Цветинова награда за мир, и упатен аманет кон неа да ја шири мисијата меѓу помладите генерации.

Анита Бошкова е родена во Кавадарци, живее и твори во Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.
Основно и средно образование завршила во родниот град, а Правен факултет и магистерски студии од областа на криминологијата завршила на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Нејзиниот поетски творечки опус е изразен преку шест збирки поезија: „Клучот за моето срце“,„Цветен аманет“, „Дојран град со срце“ „Мирисот на љубовта“, „Моќта на поезијата“ и „Домот на љубовта“.
Монографијата за Општина Дојран, издадена 2016 година е нејзино авторско дело, а воедно е автор и на повеќе текстови за музика и тоа:„Таа не знае“, „Ајде сите сложни да сме“, „На гроздобер да се видиме“, „Моја Дојрана“, „Тиквешко востание“,„Жена за довека“, „Нема љубов во парите“ „Моја ти си судбина“, „Зароси љубов“, „Ти најмило си ми“ и други.
Учествувала и на македонски музички фестивали, каде во нејзини раце завршиле и повеќе награди.
Мисијата за мир ја подржува преку своето творештво и поезија.

Љубовта живее во мир

Сакаме мир, сакаме слога
сите го имаме тоа право од Бога.
Зошто тогаш војни, зошто немири
Зошто сме си едни на други немили?

Зарем не е подобро секој секого да сака
и во неволја и зло да му подаде рака?
Раката на мирот и љубовта,
Раката на солидарноста и човечноста.

Ајде сега сите ние
од Исток и Запад
од Север и Југ
мирот да го славиме,
неслогата и зависта да ги заборавиме!

Љубовта насекаде да царува,
секој од нас само добрина да дарува.
Љубовта само во мир живее
војната и немирот може да ја убие.

Анита Бошкова

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.