Цветиновиот Комитет за Мир ја објави “Декларацијата за Мир во Светот, против војните и употребата на нуклеарно оружје”

6.08.2024

“Декларацијата за мир во Светот, против војните и употребата на нуклеарно оружје” денес, 6 август 2024 година, пред спомен куќата на Нобеловата за мир Мајка Тереза, беше објавена од страна на големиот македонски уметник и хуманист, повеќекратен и годинешен македонски кандидат за Нобеловата награда за мир, Живко Поповски Цветин, и Цветиновиот комитет за мир.
По повод потсетувањето на 79 годишнината од употребата на нуклеарно оружје во Хирошима (06.08.1945) и Нагасаки (09.08.1945) и желбата никогаш да не се повтори, потписниците одржаа поетско читање во кое изнесоа и апел за мир.
Горан Анчевски ја прочита декларацијата за мир, составена од Цветин и новинарот Тодор Стојчевски.

ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА МИР:

До: Влади на држави кои имаат нуклеарно оружје
Носители на Нобелова награда за мир
Носители на Нобелова награда за литература, физика, хемија, економија,медицина и други научници во програми за нуклеарно вооружување
Владите и Министерства за надворешни работи на државитечленки на Обединетите Нации
Сите мирољупци и мировни работници, екологисти, хуманитарни волонтери, уметници,
просветни и здравствени работници

Ние, носителите на Цветиновата награда за мир- членови на Цветиновиот комитет за мир, на иницијатива на македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски- Цветин, кандидат за Нобеловата награда за мир, ја поднесуваме и предлагаме оваа:

ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА МИР ВО СВЕТОТ И ПРОТИВ СИТЕ ВОЈНИ И УПОТРЕБА НА НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ

По повод одбележување на 79-годишнината од употребата на нуклеарно оружје врз Хирошима (06.08.1945) и Нагасаки (09.08.1945) предлагаме:

* завојуваните држави да прекинат со војни со постигнување мир преку преговори и меѓусебно разбирање;

* државите да не употребуваат ни користат нуклеарно оружје на ниту една точка на земјината топка;

* државите да ги уништат сите боеви глави кои разоруваат и уништуваат човечки животи и материјални добра и флората и фауната;

* државите да не го повторат теророт, страдањата и траумите од војни и употребата на нуклеарното оружје;

* државите да не финансираат развој на нуклеарна програма во воени цели;

* научниците да не прифаќаат и да не учествуваат во програми со разорна нуклеарна моќ;

Го повикуваме сите државници, амбасадори, министри и носители на јавни функции да ја поддржат оваа Декларација и да остават аманет за идните генерации, преку сопствен личен пример, да се заборават, да се уништат и да не се развиваат нови нуклеарни програми за воени цели.

Ги повикуваме сите носители на Нобеловата награда за мир и на Нобелова награда за литература, физика, хемија, медицина, економија, да ги ангажираат своите лични капацитети, знаења, социјален капитал, дигнитет и личен авторитет во запирање на војните и уништување на сите боеви глави и потенцијали за создавање нови нуклеарни арсенали.

Ги повикуваме членовите на Нобеловиот комитет за доделување на Нобеловата награда да не ги доделуваат наградите за физика, хемија и други слични науки на луѓе кои работат на развој на нуклеарни воени проекти и да побараат сите идни добитници на оваа престижна светска награда да работат на позитивна наука која ќе даде придонес и ќе го олесни животот на сите луѓе во светот.

Ги повикуваме сите физичари, хемичари и другите научници во програми за нуклеарно вооружување, под итно и доброволно да се откажат од овие проекти и да го насочат своето знаење и придонес кон создавање мировни проекти, кои ќе обезбедат благосостојба, мир и развој за сите луѓе во светот.

Ги повикуваме сите претседатели на држави и Влади да иницираат и создаваат услови за поттикнување и развој на различни мировни програми и пренамена на сите финансии од програмите за нуклеарна наука за воени цели кон програми за мировна наука.

Ги повикуваме сите Влади на држави кои поседуваат нуклеарно оружје да ги искористат сите свои потенцијали во борбата против развојот на нуклеарното оружје и да ги мотивираат носителите на власт во својата држава да се откажат од ова потенцијална опасност за човештвото.

Ги повикуваме сите Влади, сите мирољупци и мировни работници и млади генерации да бидат поактивни, погласни и поефикасни во декларирање на мировни програми и проекти, во реализација на нови мировни студии, нови мировни иницијативи, нови мировни идеи кои ќе донесат развој, среќа, мир, просперитет за сегашните и идните генерации.

Затоа, како носители на Цветиновата награда за мир, како членови на Цветиновиот комитет за мир и како потписници на оваа Декларација за мир во светот, против сите војни и против употреба на нуклеарното оружје Ве повикуваме:

ДА СЕ ОБЕДИНИМЕ ВО МИРОТ ЗА ПРОСПЕРИТЕТ НА СВЕТОТ И ПРОТИВ ВОЈНИТЕ И НУКЛЕАРНАТА ОПАСНОСТ ОД УНИШТУВАЊЕ НА СВЕТОТ, ЧОВЕКОТ, ФЛОРАТА И ФАУНАТА

ПОТПИСНИЦИ- ЧЛЕНОВИ НА ЦВЕТИНОВИОТ КОМИТЕТ ЗА МИР:

Живко Поповски- Цветин, уметник, хуманист, кандидат за Нобелова награда за мир
Весна Дамчевска Илиевска, доктор на науки на мир и развој
Тодор Стојчевски, магистер на мир и развој
Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар и мировен активист
Димитар Илиевски, меѓународен шаховски мајстор
Горан Анчевски, поет и писател
Стево Стефановски, капетан пилот
Проф. д-р Милорад Јовановски, универзитетски професор
Проф. д-р Миле Димитровски, универзитетски професор
М-р Жељка Бургунд, мировна активистка
Мендо Димовски, писател и новинар

***

Поетесата Лидија Лучко Јеремиќ денес стана и добитничка на Цветиновата награда за мир, со едногласна одлука од страна на Комитетот, а нејзината поема “Дали епопеја за болката”, преведена на осум светски јазици, беше прочитана на повеќе јазици.

***
Декларацијата ја потпишаа и присутни новинари Верче Блажевска од Тв Сител и Марија Латиновска од Тв вести 24, директорката на спомен куќата на Мајка Тереза Соња Кузмановска, како и дел од екипата, магистер Драган Цвијетиќ, Јадранка Клисарова и Анета Велковска претставници од раководството на Здружението на Просветни работници на Град Скопје и многу други.
Сите што се согласуваат со оваа идеја ќе можат да ја потпишат, до петок, 9 август, во спомен куќата Мајка Тереза на приземје.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.