„Охридско лето“ на 4 август одбележа 64 години постоење

„Охридско лето“ на 4 август 2024 година одбележа 64 години со концерт на салса оркестарот „Меркадонегро“. По повод роденденскиот концерт, директорката на оваа национална установа, Наташа Поповиќ истакна дека „Охридско лето“ е уникатен македонски подиум на кој се вкрстуваат уметничките креации од целиот свет, а на фестивалската сцена, како што потсети, секоја година сеобединуваат различните култури оставајќи неизбришлива трага за идните генерации.
-Огромна е благодарноста до сите оние кои со својот настап го воздигнале фестивалот, славни музичари и актери, реномирани оперски и театарски куќи, бројни љубители на уметноста, но и до сите оние кои неуморно работеле и ја граделе успешната приказна на „Охридско лето“. „Охридско лето“ е врвна културна сцена. Место каде музиката и театарот ја надополнуваат
богатата традиција.Фестивалската програма и на ова, 64-то „Охридско лето“предизвикува
воодушевување кај љубителите на врвната уметност а тоа е доказ дека сме доследни на заложбите да ја градиме и надополнуваме магијата која извира од оваа сцена. Ги славиме годините испишани со богата историја, со славни имиња од светската музичка и театарска елита, рече директорката Поповиќ, изразувајќи благодарност до сите кои се втемелиле во успешната приказна наречена „Охридско лето“.
Селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Бисера Чадловска годинешното фестивалско издание ќе биде испишано како едно од најуспешните токму со настапот на реномираните странски, но и домашни уметници.
-Досега имавме 20 дена исполнети со прекрасни концерти, многу музика, аплаузи и овации за нашите уметници кои учествуваа на фестивалот. Освен странските уметници кои беа многубројни на фестивалот и донесоа огромен квалитет на нашите сцени, во оваа прилика се
заблагодарувам и на нашите домашни уметници се кои рамо до рамо со сите странски уметници кои доаѓаат на фестивалот. До крајот на фестивалот нè очекуваат интернационални вечери, но и вечери со домашни изведувачи со што ќе заокружиме уште едно успешно фестивалско издание, рече Чадловска.
Според селекторката на драмската програма на фестивалот, Сања Арсовска, до роденденскиот датум на „Охридско лето“ се реализираа две третини од драмската програма.
-Имавме три театарски премиери на ова фестивалско издание. Поминаа две третини од театарската програма, ја видовме „Имакулата“ во режија на Ливија Пандур а во продукција на СНГ Драма Марибор, ја имавме „Галеб“ на Битолскиот народен театар, ја имавме „Крал Лир“ на Lit Moon Theatre Company од Санта Барбара во режија на Џон Блондел и пред некој ден, ја имавме и извонредната премиера на претставата „Рацин“ во режија на Дејан Пројковски, а во
продукција на Велешниот театар. Го имавме и Никола Ѓуричко со неговиот стен-ап кој и тоа како има неверојатна врска со театарот односно претставуваше една мононографија на неговите театарски искуства во Југословенското драмско позориште, рече Арсовска, најавувајќи дека до крајот на ова фестивалско издание остануваат уште две театарски претстави, „Лет над кукавичкото гнездо“ со Драмски театар Белград и „Алиса во земјата на стравовите“ со Југословенскиот драмски театар од Белград која на 20 август ќе ја спушти и
завесата на ова фестивалско издание.
Салса оркестарот „Меркадонегро“ е оформен од страна на Армандо Миранда. Неговите
членови доаѓаат од различни делови на Латинска Америка и секој од нив носи сопствени традиционални специфики.
-Како водач на бендот, среќен сум што сум што сум првпат во Македонија и што првпат
настапуваме на „Охридско лето“. Многу сме возбудени од нашиот настап бидејќи го
подготвивме специјално за фестивалската публика. Ќе направиме едно патување низ Латинска Америка токму преку музиката. Сакаме целата публиката да биде дел од нашето музичко патување и да им ги покажеме нашите музички корени, истакна Миранда пред концертот.
Роденденскиот концерт на „Охридско лето“ со салса оркестарот „Меркадонегро“ се одржа на Долни Сарај.

***Виножитниот спектар на латино ритмови беше концертот што по повод 64. роденден на фестивалот „Охридско лето“ го одржаа членовите на салса оркестарот „Меркадонегро“.

Музичкото патување низ земјите на Јужна Америка, со презентација на музика и песна од државите и краиштата од каде доаѓаат уметниците го следеше и претседателката на државава, Гордана Силјановска- Давкова. Таа заедно со публиката играше и се восхитуваше на уметниците кои со својата надареност ја доловија уникатната посебност на салсата.

Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, вели дека и 64. роденден на фестивалот како и впрочем целото фестивалско издание досега ги оправда очекувањата на публиката, но и на стручната јавност.

-Годинешново издание изминува во знакот на истакнати домашни и светски уметници, исполнети гледалишта, задоволна публика и бројни пофалби, како од стручната јавност, така и од уметниците кои се дел од програмата. Посебно сум горда на поддршката која ја добиваме од Амбасадите во Република Северна Македонија. Огромно е задоволството, по 64-ти пат, да посакаме да ни е вечен фестивалот „Охридско лето“. Нашата одговорност е голема и предизвикувачка – да го сочуваме она што го втемелија бројни генерации пред нас, но и да ја збогатуваме културната понуда која изминативе 64 години го издигна Охрид не само како духовна, туку и како културна престолнина, вели Поповиќ.

Роденденскиот концерт на фестивалот „Охридско лето“ секоја година на 4 август е посебно изненадување и по традиција нуди доживувања малку поинакви од вообичаените фестивалски содржини. Токму на овој ден во далечната 1961 година, оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ го одржа првиот концерт на фестивалот со што и започна магијата наречена „Охридско лето“.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.