ОД МОЈ АГОЛ: Границите на Бебе Реџа!

Минатата недела на фестивалот “Сани Хил Приштина 2024” гостуваше американската пејачка Бебе Реџа, по потекло од Дебар, една од трите актуелни светски музички ѕвезди со албанско потекло од Балканот, покрај Дуа Липа и Рита Ора.
Нејзините новости ги следам преку Инстаграм, и овој пат освен што ми привлече внимание нејзиното учество во соседно Косово, уште повеќе што дошла во Дебар и ги посетила почивалиштата на своите претци, објави фотографии, и не само што се чекираше туку и прикажа мапа каде точно се наоѓа.
Дебар е често споменуван од нејзина страна, дури еднаш и ја фотографираше теглата со оригинален ајвер и објави дека тој специјалитет доаѓа од Македонија, од каде се и нејзините корени.
И сѐ ќе помнеше во знакот на таа објава и овој пат, и тие над 239.746 лајкови од цел свет, доколку таа понатаму не напишеше провокативна изјава дека за неа Албанија, Косово, Македонија и Прешево сѐ тоа е Албанија, и дека неа ѝ е нелогично што Албанци живеат од двете страни на границите, а некои од нив меѓусебно се роднини.
Ќе го прескокнам момент и анализата дали оваа изјава, на која имаше многу напади од страна на Македонци и Срби пред сѐ, содржи недоличност, националистички, сепаратистички или било какви други мотиви кои предизвикуваат наелектризираност, но јас целосно се согласувам со тоа дека граници не се потребни! Никаде на Балканот.
Затоа што секаде е истата приказна!
Секоја граница поделила семејства, роднини, имоти, па дури и моето семејство по мојата мајка на граница со Грција има ниви од другата страна кои се гледаат од оваа, но за да одиш до нив од Маркова нога (Долно Дупени до Герман) треба да завртиш со автомобил преку Битола и Лерин, да поминеш две граници, со враќање четири, и тоа ќе те фати цел ден. Само за да ги ѕирнеш од блиску (а не со двоглед), да се фотографираш и вратиш назад. Јасно, не можеш ни да ги обработуваш. Ни да ги поседуваш, иако се твои.
Какви парадокси и глупости, поради човечки глупости.
Навистина, за што ни се граници? Еве и со Албанија. Кога би ги немало сите ние, не само Албанците од поделените семејства, многу покомотно би патувале на море на пример.
Колку е само пријатно и достоинствено патувањето меѓу Малме и Копенхаген, за половина час си од едниот до другиот град со воз, и, иако се во две различни држави, со два различни народи кои зборуваат различни јазици, немаш граница и едноставно уживаш и секаде се чувствуваш како дома. Замисли да имаше… Тие две земји никогаш немаше да пулсираат како една и ќе беа на раб со “не баш пријателски”. Вака- широко поле …
А низ цел Балкан и патувањето од Скопје до Љубљана знае да се претвори во вистинско тормозење, иако сѐ уште барем нашата генерација, тоа го чувствува како една земја и има роднини насекаде низ ју земјите- мешани бракови, преселени семејства, братучеди…
Еве да изброиме, доколку патувате со автобус, колку пати треба да се симнете и качите во автобусот поради пасошка контрола.
Еднаш на македонска- еднаш на српска, потоа на српска и хрватска граница, следно е меѓу Хрватска и Република Српска, па повторно Република Српска и Хрватска, и конечно на крај Хрватска- Словенија. Десет пати симнување од автобус за само десет часа пат. Просто да добиеш воспаление на мускули. Ексик. Се чувствуваш како некој престапник и почнуваш и да се сомневаш дури и во себе, што си згрешил.
Јас во принцип не ги сакам сите граници во светот, на Балканот па посебно (не го наоѓам ни за оправдание шверцот и слично, тој и така и вака поминува, но превозните средства кои пренесуваат стока може да бидат проверувани и на разни други начини). Би било многу порелаксирано кога би немало граници во форма на стопирање и чекање, освен извесни административни граници кои мора да постојат, за да би обележале една земја за постоечка.
Граници?!
Непотребни и нехумани!
Ова ме врати во едни за мене трауматични доживувања во деведесеттите години од минатиот век. За прв пат се воспостави извесна врска меѓу Македонците од Преспа и Мала Преспа.
Луѓето од мала Преспа тоа подотворање на границата го искористија да заработат некој денар преку пазарот во Ресен, бидејќи живееја во голема сиромаштија. Одеа во Корча, купуваа облека, украси, цигари, маслиново масло и други намирници кои беа многу поевтини, и ги препродаваа во Ресен.
Од нашите блиски пријатели дознав какво е нивното мачно секојдневие. Отприлика вака- стануваа во 4 во зори, ги полнеа торбите со купената стока. Со запрежна волска кола нивните ги носеа до албанско- македонска граница (па се враќаа назад), каде на граница секој ден им ги проверуваа торбите, а некогаш и не ги пуштаа, правило немаше и сѐ зависеше во какво расположение ќе го начекаш цариникот. Неизвесноста беше секојдневна.
Потоа, од таму, бидејќи волската кола не смееше да премине граница, натоварени со претешки торби, одеа пешки час- два до првото село- Стење, од каде го фаќаа автобусот за Ресен. Таму продаваа на пазар. Во тие први години ретко си купуваа за јадење, затоа што така ќе си ги потрошеа заработените пари и за џабе ќе им беше сета мака.
Навечер со автобусот пак назад до Стење, од таму час-два пешки до граница, и од граница најчесто пешки, или ги чекаа повторно нивните со запрежната кола, каде стигнуваа дома во доцните вечерни часови. Утрото во 4 часот пак истата шема.
Ви се смачи само што прочитавте?
Ве сфаќам…
Дури по неколку години почнаа да употребуваат автомобили.
И ден денес се тревожам од траумата што ми ја создаваат овие спомени.
А замислете, доколку ја немаше таа непотребна граница, можеа со натоварени кола со волови да стигнат во Ресен, да ги врзеа воловите на соодветно место, за неколку часа да ја продадат стоката што ја нудеа и потоа пак да си заминат во своето село, и тоа би било некаде во попладневните часови, а нивното тело немаше да е толку измачено од кревање и носењето на тешките торби. Или барем со запрежната кола да можеше да ги носеа до Стење, да не пешачеа толку.
И самите беа потценети затоа што знаеја дека тоа не е ни легално, тоа е шверц, и не им паѓаше драго, но од друга страна Македонците преќутно се согласуваа на таков начин да ги помогнат своите браќа и сестри, затоа што во местата каде живееја сиромаштијата царуваше со немилосрдна сила.
Но, тоа е далеку зад нас. Треба прогрес и треба поместување на границите прво во главата, а потоа и во реалност, затоа што има само една конкретна граница за човекот- живот и потоа смртта. Сѐ друго како да е измислено да му го отежни тој живот. Односно самиот така си го измислил. Којзнае зошто. Човекот ионака е нелогичен сам по себе.
На крај ќе се потсетам на незаборавната изјава на нашата славна Есма, која исто не се согласуваше со границите и илустрираше: “На една најлута змија ѝ е отворен цел свет кај сака да може слободно да се движи, а само на човекот движењето непотребно му е ограничено со граници”…
Па има ли смисла?
Ух, колку се само досадни и бескорисни!
А има и една интересна анегдота од минатото, за две завојувани индијански племиња кои решиле да ја поделат освоената територија. Се договориле како да ја поделат земјата, реката, езерото, планината, но сфатиле дека не може да го поделат небото и така се откажале од идејата и не ставиле граници меѓу себе…

Валентина Ѓоргиевска Парго
Уредничка во КулАрт

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.