Со концерт на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар” свечено се затвори јубилејното 45. „Скопско лето”, кое почна на 21 јуни со концерт на Звјездан Ружиќ во Куршумли ан.
Диригент:
Иван Еминовиќ
Солисти:
Симеон Гошев- виолина
Енис Аљи- виолончело
Во Сули ан со концерт на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски- Ѓумар“ под диригентската палка на Иван Еминовиќ синоќа, 31 јули 2024 година, свечено беше затворено јубилејно 45-то издание на манифестацијата „Скопско лето“, која и оваа година понуди прекрасни содржини- концерти, изложби, промоции, претстави …
Љубителите на класичната музика вистински уживаа во изведбата на дела од А. Вивалди, Р. Аврамовски, Д. Попер, Т. Зографски и Д. Шуплевски.
***
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои повеќе од 37 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид 1986 година. Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа, составен е од студенти на ФМУ- Скопје, но и од гости и млади музичари од други земји. Во досегашниот период имаат учествувано 350 млади, како и голем број на млади, но и афирмирани светски солисти. Со своето музицирање во сиот овој период се наметна на музичката јавност, не само како неопходност, туку и како изведувачки состав со високо професионални квалитети. Диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски- Ѓумар, В. Николовски- Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Иван Еминовиќ, со постојана тенденција за промоција на млади диригенти и солисти.
Фестивалот беше во организација на Дирекцијата за култура и уметност- Скопје.
Валентина Ѓоргиевска Парго