Камерниот оркестар на МММ „Саша Николовски- Ѓумар“ вечерва на „Охридско лето”

30 јули 2024

Камерниот оркестар на Музичката Младина на Македонија „Саша Николовски- Ѓумар“ вечерва ќе одржи целовечерен концерт во рамките на репертоарот на класична музика на 64. „Охридско лето“. Диригентската палка му е доверена на Иван Еминовиќ, а солисти на вечерта ќе бидат виолинистот Симеон Гошев и виолончелистот Енис Аји.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои 38 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска. Како признание за постигнатите резултати, во 1995 оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50-годишнината од основањето на Светската федерација на музичка младина.

Оркестарот има остварено повеќе од 100 концерти добивајќи голем број позитивни критики и признанија, а на неговиот репертоар покрај делата од светската класика свое место наоѓаат и делата на современите македонски композитори. Веќе 38 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“.
Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.