Премиера на „Татко и војник“ со Омар Си во Скопје и во Битола

Француско- сенегалскиот воен филм „Татко и војник“ во режија на Матје Вадпие, од недела
(28 јули) премиерно ќе се прикажува во кината низ републиката. Филмот ќе биде на редовен
репертоар на киното „Милениум“ во Скопје во терминот од 18 часот, а ќе се прикажува и во киното „Манаки“ во Битола во термин од 19:30 часот.
Главната улога ја толкува реномираниот француски актер Омар Си (Omar Sy), познат по улогите во „Недопирливите“ (The Intouchables), најгледаниот француски филм на сите времиња, како и во познатата серија на Нетфликс, „Лупин“.
„Татко и војник“ ги прикажува искуствата на африканските војници кои се бореле на страната на Франција во Првата светска војна. Тоа е приказна за еден татко кој волонтерски се пријавува во француската армија за да биде со својот 17-годишен син кој е со сила регрутиран против негова волја. Испратени заедно на фронтот, тие мора да се борат за своите животи во ужасните воени битки на Франција.
Филмот ја имаше својата премиера на 75то издание на канскиот фестивал во 2022 година каде беше дел од натпреварувачката Un Certain Regard селекција. Својата македонска премиера ќе ја има на 28 јули, денот кога се одбележуваат 110 години од почетокот на Првата светска војна, една од најголемите трагедии во човековата историја.
Дистрибутер на филмот е „КТ Филм и Медиа“ од Битола, а дистрибуцијата е поддржана од МЕДИА Креативна Европа.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.