Интервјуто го водеше Валентина Ѓоргиевска- Парго
Гордана Винчиќ е релативно ново име на македонската уметничка сцена. Би сакале на почеток да дознаеме нешто повеќе за вас и неколку зборови за вашата уметност.
Потекнувам од интересно семејство. Мајками е ликовен уметник а татко ми прва генерација на археолози во Македонија. Нивното животно творештво секако имаше големо влијание на мене и мојот развиток. Честопати бев дел од ископувањата во Стоби, Полошки манастир, Хераклеа, Марвинци и многу други. Одличен спој за еден зачеток на иден концептуален уметник, кој со помош на дамнешните културни наследства ќе твори современо, во урбана средина навраќајки се на јазикот на симболиката, митологијата, филозофијата и психологијата.
На 17 години заминав за Виена а потоа и за Шведска каде што 1998 дипломирав при реномираниот универзитет во Лунд за социјална работа и социјална политика. По дипломирањето се занимавав со психологија и имам сретнато околу 4000 клиенти а исто така здобив и 15 години стратешко лидерско искуство во повеќе области работејки за општината на град Малме. Остварив исто така успешни проекти финансирани од шведскиот државен буџет. Сите проекти имаа за главна цел остварување на демократија и интегрирање на ранливи групи како што се, злоупотребувани жени, емигранти, невработени, деца и младинци од гето, осудувани, лица со посебни потреби и други. Со последните три проекта 2012-2015 остварив 300 ликовни работилници во Малме за млади.
Изработив заедно со мојот тим повеќе од 70 уметнички дела кои во проектот служеа како инспиративни визуелни таблици за еден нов вид на комуникација со и помеѓу граѓаните. Еден конкретен пример би спомнала група на тинејџерки со исламска вероисповед кои сакаа со помош на неколку уметнички дела да допрат, како до своите машки врсници, така и до своите родители и сограѓаните воопшто. Една од нивните најважни пораки која со помош на проектот беше представена пред публика беше дека и тие во потполност смеат да бидат бучни, да играат фудбал, да шетаат и. т. н. без да бидат осудувани како помалку да се дами и девојки. По завршувањето на овие проекти се одлучив целосно да се предадам на мојот првобитен детски порив и пасија, да творам и да инспирирам се додека сум жива. Тука започнува една нова епоха каде што уметноста станува централен дел во мојот живот.
Ќе споделам цитат од познатата англиска кустоска Лиса Греј која вака кажува за мојата уметност: ”Делата на Гордана самите по себе се наративни и носат длабока мистичност, носталгичност и надреална симболика. Секое нејзино парче уметност ги поттикнува сетилата, тера на размислување и барање одговори. Во своите дела таа ги спојува уметноста и личниот развој, а главниот поттик и е фасцинираноста од подсвесното знаење и мудрост кои секој човек ги носи во себе. Кај набљудувачот сака да предизвика размисли за мистиката на животот, митологијата и симболиката, се со цел достигнување на повисоко ниво на свесност и среќа”.
Жената е главниот мотив во вашите бројни дела, цртежи и уметнички дела. Можете да ни кажете конкретно од каде потекна оваа инспирација?
Модерната жена длабоко ја закопала својата мистика и моќ, архетипот на исцелителка, високата свештеничка и божица.Секојдневието ја одвлекло далеку од природата и ја приморува да биде мајка, сопруга, љубовница и кариеристка.Повеќе од 2000 години доминантниот парадигм ја ограничува оваа женска енергија, без размисла дека поради тоа ни машкиот принцип не може да го достигне својот врвен потенцијал. Имам забележано дека во општества со висок стандард еднаквоста на жената со мажот е се поблиска. Сметам дека ставот и душевноста во тие земји се на повисоко ниво. Моите дела, се мој обид да ја доближам мистиката и возвишеноста на женската интуитивна и креативна енергија на несекојдневен начин. Да ги подсетам жената и мажот за нејзината важност.
Да се има конкретна инспирација е одлика само на големите уметници. На оние кои точно знаат што сакаат да постигнат со својот концепт. Дали вие точно го имате дефинирано вашиот концепт, вашата порака и вашата крајна идеа со целокупното свое творештво која сакате да ја соопштите на јавноста?
Според психоаналитичарот Карл Јунг личниот идентитет на современиот човек е веќе минато, бидејќи е заробен во актуелните и конвенционални начини на размислување. Според него индивидуата може повторно да се здобие со идентитет, ако дојде во контакт со праисториските слики оставени од нашите претци и архетипови. Контактот е можен кога индивидуата е подготвена и тргнува на пат за да ја оствари својата автентичност и внатрешна оригиналност. Потрагата по идентитетот, доживувањата, тешкотиите и авантурите се од спирутуална и душевна природа. Таа потрага е прекрасно претсавена со патувањата на Одисеј кој на крајот се остварува сам себеси.
Главната инспирација ми доаѓа од внатре, од мојата подсвест, душа и спиритиален свет кој секако е споен и со колективната свест во која се стои забележано во форма на визии, слики и симболи. Со моите дела сакам да го споделам тој свет со јавноста и ја поттикнам и помогнам да го најде својот автентичен пат до вистинската среќа и исполнетост.
Фрида Кало ви е позната како уметница со која навистина се спојуваат бројни уметници особено од ликовната сцена. Дали сте запознаети што работела таа и дали наоѓате некоја сличност помеѓу вашето и нејзиното творештво односно помеѓу вашата и нејзината уметничка идеа.
Фрида е една од моите топ десет уметници на сите времиња. Нејзиното чувство, размисла и перцепција за љубов и болка толку ме импресионира да многупати си велам дека сеуште ништо незнам од животот. Сметам дека ретко кој човек на планетава може воопшто да се приближи до нејзината возвишеност. Нешто слично помеѓу Фрида и мене, што со почит го споделувам е, никаков страв од споделувањето на личната автентичност во уметноста. Моето творештво во секое време и е достапно на публика во своја најискрена форма, со сите мои позитивни и негативни страни.
Подготвувате ли изложби и дали на нив доаѓаат повеке жените или мажите, бидејки знаеме дека кога нешто творите од едната страна другата е повеќе заинтересирана да ја дознае суштината на тие дела. Дали во случајот мажите се повеќе заинтересирани за пораката на вашите уметнички дела?
Генерално доживувам дека и мажите и жените во иста мера ги посетуваат изложбите но и ги купуваат моите дела.
Работевте и долго време во Шведска а последниве години сте во Македонија. Инспирацијата е сеуште иста, што значи дека вас не ве инспирира околината туку вие сте инспирирани од некои внатрешни размислувања. Затоа што, доколку би биле во Шведска би имале една идеа, на друго место друга а на трето место сосема поинаква. Но, бидејки станува збор за цврста определба кажете ми како почна таа внатрешна инспирација да се посветите на оваа тематика?
Точно е тоа,но би споделила дека сепак и околината влијае на мене. Природата, луѓето, дружбите се многу важен момент во творештвото. Гледајки ги делата творени на специфични простори се разликуваат но како што велите тематиката претежно останува иста. Различни циклуси на пример од пресојувашњата во Русија, Шведска, Франција, Велика Британија, Бугарија, Турција, Албанија, Мароко, Шпанија, Грција, Кина, Германија и други земји. Иако определбата е цврста таа сепак се надградуваше постепено, многу години се во прашање.
Дали можеби една од причините за да се посветите потполно на жената е вашата работа како социолог и психолог? Можеби некој момент од таа работа ве допрел за да почнете уметнички да го излевате она што во себе го носите како внатресен мисловен концепт?
Секако, работата ми овозможи одблиску да ја запознаам жената со сите нејзини можности но, и ограничувања. Сите тие моменти заедно ме изградија и мене како жена, која нема сето тоа искуство да го заборави во себе, туку го споделува со јавноста на еден современ начин.
Дали сметате дека доволно знаете за македонската уметност? Што најмногу ви се допаѓа од неа а што можеби би требало да се промени? Со кои уметници од Македонија контактирате и се наоѓате на иста фреквенција или можеби исто размислувате, во иста насока?
Последните три години постепено се запознавам со уметноста од македонската современа сцена. Ми се допаѓа не само начинот на изведба на поедини уметници туку и нивната работливост, личност и храброст. Најглавната одлика на уметниците што посебно ќе ги издвојам е нивната отвореност за споделување на знаење и соработка со други колеги уметници. Ќе ги набројам како ќе ми дојде, никако по кој од нив е најважен, сите ми се важни и сеуште драги: Горјан Ѓоргиев, Синиша Кашавелски, Касиопеа Наумовска, Владо Костов, Костадин Качев, Игор Љубовчевски – Љубац, Александар Таневски, Цветанка Јованова Хермес, Весна Ниче и други. Тоа што би требало да се промени создавање на една платформа, форум каде што сите уметници од горе наведениот ”калибар” ќе можат непосредно да се дружат, не само меѓу себе туку и со љубители на уметност и заинтересирани граѓани, кои денеска се километри длеку од галериите и се друго што го нарекуваме уметност. Исто така доживувам дека работливиот жар кој постои кај младите уметници нема кај да се оствари. Особено кај средношколците и ”новопечените” академци. Непосредната платформа која ја спомнав би била на пример одлично за добивање, не само на надеж за успех туку и конкретна информација, за тоа како понатака и кои патишта се се возможни за живот како слободен уметник.
Се гледа дека во се она што го творите има една универзална димензија, бидејки вие во вашиот живот, по вашата лична приказна имате еден универзален код. Истао така и темите се со универзален код, сегдека можат да се сватат, женската душа, женскиот аспект. Подготвувате ли можеби некоја изложба во скоро време со досегашните ликовни творби и што да очекуваме понатаму?
Следната изложба која ја подготвувам е групна, подржана од град Скопје и ќе се оствари на 3 Септември во МКЦ во Скопје. Учесник, но и координатор сум на изложбата под наслов ”Урбани пагани”. Овој проект го доживувам како една мини варијанта на платформата која ја спомнав предходно. Подготвувам и други изложби, една од нив е подржана од Министерство за култура и треба да се оствари во Шведска при крајот на годината.
Како дел од ликовната колонија која што следува во Валандово наскоро имате и свое учество. На што конкретно ќе бидете посветени и ќе изработувате на оваа ликовна колонија?
Колонијата се одржува 25-та година по ред во Валандово и годинава е подржана од Министерството за култура. Учесник сум но и оперативен менанџер на настанот како и одговорна за селектирање на меѓународните уметници учесници. Темата за моето творешто ќе ја препуштам на моментот кога ќе почнам да сликам. Ќе биде баш она што ќе ме ”повлече” од внатре.
Која е вашата порака до македонската публика која допрва треба да ве запознава и да се дружи со вашите слики?
Ве сакам сите до еден, дојдете на моите изложби и други ликовни настани, тука ќе ја осетите љубовта, тука можам да ви ја допрам душата, да споделиме позитивна енергија. И научниците велат дека љубители на уметност живеат подолго.