21 јули 2024 година Скопје, Македонија
Во организација на Светскиот Македонски Конгрес на 21 јули во Скопје се одржа академија по повод 2380 години од раѓањето на големиот македонски цар Александар III Македонски.
Поздравно обраќање пред присутните имаше претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров, а за животот и делото на Александар III Македонски беседеа претседателката на Здружението “Феникс” од Скопје, Билјана Челик и потпретседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Вангел Божиновски.
Билјана Челик рецитираше поезија за Александар Македонски од црногорскиот поет Миодраг Миња Милачиќ, а поетесата Лилјана Стоилковска ја отпеа македонската народна песна “Зајди зајди”.
По академијата присутните се упатија пеш преку Парк Жена- борец и низ Порта “Македонија“ до фонтаната со споменикот на Александар Трети Македонски на плоштадот “Македонија”, каде положија свежо цвеќе и заеднички се фотографираа за вечен помен и спомен.
ТОДОР ПЕТРОВ: “ВОИНОТ НА КОЊ” ТРЕБА ДА ГО УДОСТОИМЕ СО ВИСТИНСКОТО ИМЕ – АЛЕКСАНДАР III МАКЕДОНСКИ!
Почитувани браќа и сестри Македонци,
Денес е голем ден во историјата на Македонскиот народ и на државата Македонија. Пред 2380 години е роден Големиот Македонски цар Александар Трети Македонски.
Како неформален светски парламент на Македонците од сите делови на Македонија во целиот свет, Светскиот Македонски Конгрес на 25-то Генерално Собрание одржано на 9 август 2015 година донесе Резолуција за чествување на раѓањето на Големиот цар Александар Трети Македонски заради негов вечен помен и спомен во возобновената Македонска држава на 2 август 1944 година.
Светскиот Македонски Конгрес и Здружението Антички Македонци од Богданци уште во 1990 година заедно доставија писмено барање до тогашното Собрание на Градот Скопје за изградба на огромен споменик на Александар Трети Македонски врз неговиот коњ Букефал на постамент во фонтана со шеснаесет лавови на централниот плоштад “Македонија“ во престолниот град Скопје.
Благодарност до Здружението Антички Македонци од Богданци за иницијативата и упорноста.
Радува, среќни сме и горди, што после дваесет и една година од 1990-та, на 21 јуни 2011 година, на постаментот во Фонтаната на плоштадот “Македонија“ во престолниот град Скопје, во присуство на градоначалникот Коце Трајановски и авторката на идејниот проект Валентина Стевановска, а со помош на Министерството за култура и Владата на Македонија, се постави споменикот на Големиот Цар на Македонија – Александар Трети Македонски на неговиот коњ Букефал.
Во името на Светскиот Македонски Конгрес, упатувам искрена благодарност и до сите кои досега го удостоија раѓањето на Александар Трети Македонски со чествувањата во 2013-та, 2014-та, 2015-та, 2016-та и 2017-та година на плоштадот “Македонија“ пред фонтаната во којашто е неговиот споменик.
Жалиме, што Споменикот несреќно е именуван како “воин на коњ“ поради агресијата од Владата во Атина и сервилноста на последната марионетска Влада во Македонија.
Денес, повеќе не постојат причини, таа состојба да продолжи безимено и понатаму. Затоа, Светскиот Македонски Конгрес врз основа на членот 4 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, во кои спаѓаат и фонтаните, на 7 јули 2016 година до Советот на Градот Скопје поднесе иницијатива за донесување на Одлука за определување “Александар Трети Македонски“ за име на фонтаната со коњаник на плоштадот “Македонија“ во Скопје, со предлог на Одлука. Предлог одлуката повторно ја доставивме до Советот на Градот Скопје на 17 јули 2017 година. И повторно до Советот на Градот Скопје ќе ја доставиме и утре, на 22 јули 2024 година. Со оваа Одлука и формално треба да се заокружи именувањето на просторот од двете страни на реката Вардар што ги врзува Камениот Мост: Споменикот на Големиот Цар Александар Трети Македонски од десната страна и Споменикот на татко му Големиот Цар Филип Втори Македонски и Споменикот на мајка му, Царицата Олимпија, од левата страна на реката Вардар.
Името Александар Трети Македонски е во пописот и описот на имињата на улиците, плоштадите, мостовите и на другите инфраструктурни објекти на Градот Скопје. Очекуваме Советот на Градот Скопје да ја донесе одлуката, бидејќи никого не дискриминира или дискредитира, а радоста ќе ја споделиме сите заедно, сите Македонци и почитувачи на неговото име и дело, во сите делови на Македонија, во светот и во татковината!
Почитувани браќа и сестри Македонци, Големината на една цивилизација е во универзалноста на нејзините вредности. А, универзални вредности на македонската цивилизација, на која сите ние заедно припаѓаме се: мирот и љубовта наспроти војната и омразата, толеранцијата и коегзистенцијата наспроти дискриминацијата и сегрегацијата, и културниот глобализам којшто подразбира интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури, наспроти корпоративниот глобализам кој поаѓајќи од профитните интереси на мултинационалните корпорации врши интеграција со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури сѐ до нивна физичка ликвидација од земјината топка. Британскиот империјализам и европскиот колонијализам за последните неколку стотини години избришаа стотици етноси, јазици, религии и култури од планетата Земја.
Почитувани браќа и сестри Македонци,
Се разбира, културата и историјата на Империјата Македонија, не може да се супституира во границите на Републиката Македонија. Затоа, и покрај тоа што сме единствен носител на државното име Македонија во светот, а знаејќи дека сите сме биле делови на исти империи на овие простори, и сите носиме исто или слично културно-историско наследство, ние, Македонците, макар и еднострано велиме: Културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации во чијашто основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите помеѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации!
Ако сите претендираме кон исти датуми, настани и личности, тоа не треба да биде причина за омраза и одмазда, туку повод за мир и љубов, меѓусебно разбирање и почитување. Впрочем, сите војни на Македонскиов полустров, почнувајќи од Балканските војни 1912-1913 година, не се производ на домородните народи, туку на интересите на големите сили за свои сфери на влијание на овие простори по принципот раздели па владеј до – Балканот како буре барут.
Почитувани браќа и сестри Македонци,
Бараме итно и безусловно еднострано раскинување на Спогодбата Димитров- Коѕиас од 17 јуни 2018 година и поништување на амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на државата Македонија и Уставниот закон за нивно спроведување донесени на 11 јануари 2019 година, а според објава на Владата влезени во сила на 12 февруари 2019 година, затоа што е ништовна според домашното и меѓународното право, ноштовна е според Виенската конвенција за договорно право од 23 мај 1969 година: Со билатерален договор не може да се суспендира меѓународното право, односно универзалното неотуѓиво, неотстапно и неприкосновено веќе апсолвирано право на самоопределување и самоидентификација на Македонскиот народ на сопствена Македонска држава со името Македонија!
Со Спогодбата Димитров- Коѕиас и Договорот Заев- Борисов, Македонија од држава треба да стане територија без Македонски народ и историја. За жал, шарлатанот Зоран Заев ексклузивното право врз културата и историјата на Македонија го пренесе на Грција, која е во договор со Бугарија: Нас Македонците да не сместат во историјата на Бугарија, за Македонија да остане ексклузивно културно-историско наследство на Атина. Иако, за волја на вистината, Атина за првпат во нејзината историја го окупира Беломорскиот дел на Македонија во Првата Балканска Војна 1912 година.
Грчкиот крал од данско потекло Георгиос Први, кој владеел со Грција од 1863 година, убиен во Солун на 18 март 1913 година, на 31 октомври 1912 година издал декрет на грчкиот премиер Елефтериос Венизелос да воспостави времена управа врз окупираните територии во Македонија после Првата Балканска Војна 1912 година. Оттогаш започнува систематскиот грчки геноцид врз Македонскиот народ во окупираниот Егејски дел од Македонија кој трае до денес…
Истовремено бараме итно и безусловно еднострано раскинување на Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година!
Бараме итно и безусловно еднострано распуштање на македонско- бугарската и македонско- грчката меѓувладина комисија за ревизија на македонската историја.
Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, отфрлаат нова октроирана политичка историја за Македонија и Македонскиот народ.
Бараме итно и безусловно продолжување на членството на државата Македонија во Организацијата на Обединетите Нации под единственото државно, историско и генеричко име кое се состои само од еден единствен збор- зборот Македонија!
Почитувани браќа и сестри Македонци,
Секогаш кога ќе погледнете во центарот на плоштадот Македонија, во метрополата на државата Македонија, споменикот на Големиот Цар Александар Трети Македонски, нека ве потсети дека оваа држава се вика Македонија, ние сме Македонци, нашиот јазик е Македонскиот, така било, така и ќе остане! Остануваме горди Македонци и достојно ќе го браниме и одбраниме името на татковината Македонија и идентитетот на нацијата Македонска!
Голема благодарност на покојниот професор д-р Ташко Белчев кој со неговите бројни дела, ги постави темелите во науката за древната историја на Македонија, македонски славист, палеолингвист, професор и научник од областа на древната македонска цивилизација, писменост и култура.
Голема благодарност и до покојниот Паскал Камбуровски, кој беше претседател на Одборот за чествување на Александар Трети Македонски при Светскиот Македонски Конгрес. Паскал Камбуровски напиша две книги за Александар Македонски. Автор е на книгата “Гробот на Александар Македонски”, напишана како роман, лесна за читање, со голем број на историски податоци за времето на Александар и по неговата смрт. Во книгата е дадено и едно негово видување и размислување за создавањето на античката Македонска држава, за посебноста на Македонскиот народ и Македонскиот јазик, за обичаите и традициите на античките Македонци.
Слава им и вечна им памјат и на Белчев и на Камбуровски!
БИЛЈАНА ЧЕЛИК: АЛЕКСАНДАР ТРЕТИ МАКЕДОНСКИ- НАЈГОЛЕМИОТ ИМПЕРАТОР ВО СВЕТСКАТА ИСТОРИЈА!
Добра вечер почитувани браќа и сестри Македонци, дами и господа
Благодарам за довербата на Претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Г-дин Тодор Петров да дарам свој скромен придонес во чествувањето на роденденот на нашиот, Големиот Македонски Император Александар Трети Македонски, син на Великиот Цар Филип Втори Македонски и на царицата Олимпија, ученик на Аристотел Македонецот.
Дали сме доволно свесни кого ни подарија Бог и Македонија, и што ни остави како аманет?!
Роден е пред 2380 години, на 22 јули 356 година пред новата ера во Македонската престолнина Пела. Со неговите 33 години живот остави длабоки траги во историјата на човековата цивилизација. Со своите походи, на кои неговата војска за осум и пол години помина 18.000 километри, создаде Империја каква што до ден денешен не постоела во пространство, ниту пред него, ниту по него.
Великиот Цар Александар Трети Македонски, Крал на Македонија и Хегемон на Елените, Крал на Вавилон и Фараон на Египет, Цар на Персија и Крал на Ариевците, е најголемиот император во светската историја!
Тој е единствениот војсководец на сите времиња, кој своите војски – непобедливите фаланги, ги подигна во невиден воено-научен истражувачки поход.
Иако сакал да го открие почетокот на раѓањето на сонцето, а со тоа и почетокот на светот, секаде каде што поминал истражувал, проучувал, градел и носел напредок. На моменти со сила, на моменти со сесрдно прифаќање од оние кои сакале и успеале да погледнат подалеку во иднината.
Великиот Цар Александар Трети Македонски најмногу од се’ сакал да се одликува со севкупното знаење, а не со власта која му припаѓала. Со себе го донел најголемиот процут на науката, просветата, културата и слободоумната мисла. Иако неговиот живот траел околу 33 години, а неговото владеење помалку од 14 години, оставил огромно наследство во целиот прогресивен свет, поради што многу други светски императори го имитирале.
Неговите воени стратегии и потфати и денес се темел на изучување на светската воена доктрина. Неговите истражувања во сите науки се база на научната мисла воопшто. Неговото сфаќање за духовната сила и моќта на самосвесноста на секој човек се основа за сите денешни религии, а најмногу од сѐ, неговиот поглед на микро и макро космосот е фундаментот на човечки подадената рака кон секој кој ја сака и почитува планетата Земја.
Следбеник на Херакле и Ахил во силата и храброста, поклоник на Зевс и Амон во верата и љубовта, жртвеник на Ад и Селена во издржливоста и истрајноста, веселник на Дионис и Баху во хармонијата на звукот, поет на Хомер во топлината на зборот, тој бил и ќе остане симбол на човековата возвишена светост.
Тој го отвори патот на новата цивилизација и од потопот остави само бледо сеќавање за она што значи неукост и дивјаштво, за да го одбележи почетокот на новото раѓање, на новиот милениум.
Именуван да биде бранител на човековиот род пред нескротливата природа, до денес остана неповторлив патоказ за сите, свртени кон сонцето и храбри како лав, кои најмногу од сѐ ја почитуваат вистината.
Упокоен е на 10 спроти 11 јуни 323 година пред новата ера, во Вавилон. Неговата гробница остана енигма до денес, повод е на бројни преданија и локации. Македонците веруваат дека Царот над царевите е погребан во границите на Републиката Македонија, како и неговиот татко Великиот Цар Филип Втори Македонски.
Божја волја е кога некрополите ќе бидат обелоденети и отворени, светот да ја виде вистината за Македонците и за Македонија!
Тој е наш синоним за бесмртноста на Македонија. Корените македонски со тек на времето се сѐ подлабоки, гордоста бидејќи сме негови наследници катаден е сѐ поголема.
Вечна му слава и памјат на Големиот Цар над Царевите Александар Трети Македонски, кој духовно не’ обединува нас Македонците каде и да сме и целиот слободољубив свет на планетата Земја!
МАКЕДОНИЈА ВЕЧНА, Амин!
БИЛЈАНА ЧЕЛИК: ПОЕЗИЈА НА МИОДРАГ МИЊА МИЛАЧИЌ – “АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ”
Мене лично ме радува а верувам и вас бидејќи мисијата и пораките на Александар Македонски и на Севишниот ги разбрал, доживеал примил и преточил во поезија, авторот на поезијата “Александар Македонски”- Миодраг Миња Милачиќ кој е од Црна Гора и во чии дамари нѐ тече македонската крв. Тоа е уште еден доказ за успешната мисијата на Александар Македонски за духовно обединување, моќта на самосвесноста и погледот на микро и макро космосот.
АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ
Аманетот кој ни го даде дамнина, сѐ уште живее,
и, сите твои рамки кои се без крај.
Сите твои војни беа наша надеж,
оклопите од Теба до Троја се твои.
Владетелу на сите Персиски престоли.
Сину Македонски за своето сѐ даде.
Владетелу на светот од Рајот,
Твоите победи наша награда се.
Совршено се спои оваа земја со тебе,
Кралу над кралевите на твојот Вавилон.
Ќе живееш сѐ додека ги има оние кои те паметата,
Оние, чие знаме со твоето копје зора ќе зори.
Река од твојата крв уште посилно тече во нас,
поврзани сме со Македонската лоза,
Го чуваме твоето дело кое сѐ уште изртува во нас.
Не дозволуваме Знамето да го дофатат, да ни го земат.
Денес сите прозори во бесконечноста се твои!
Ги слушаш ли како плачат македонските камбани?
Те славиме тебе, вечен бесмртен јунаку!
Македонското сонце повторно силно свети!