22 јули 2024 година
Три вечери фестивалска програма содржи овогодинешното издание на Мултимедијалниот алтернативен фестивал „ГИГА Фест“ , посветен на прерано починатиот режисер Глигор Цветковски, основач и раководител на Драмското студио и драмската дејност при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Првата фестивалска вечер е на 24 јули, а на програмата е дуодрамата „Кенди“ од Лук Дејвис, во продукција на „Златен елец“ , а во адаптација режија на Тамара Стојаноска. Улогите ги играат Лео Поповиќ и Бобан Алексоски, музиката е на Лука Тошев, а вокал и укулеле Лео Поповиќ. Претставата ќе се одржи во НУ Центар за култура, со почеток во 21,00 часот.
На втората фестивалска вечер, на 25 јули , која ќе се одржи на платото пред Градскиот музеј, ќе биде прикажан документарниот филм „Лука“, во продукција на „Транзен“. Режијата на филмот е на Ице Виранов, сценариото на Бинева Џејд, костимограф е Столе Ангелов, камерман Иво Јанков, а музиката ја потпишуваат Ставро Ангелаков и Љубен Маџиров. Проекцијата на „Лука“ започнува во 20,00 часот, а во 21,00 часот следува музичкиот перформанс „Ставро и Џејд“.
Фестивалската програма ќе биде затворена на 31 јули со проекција на документарно-музичкиот филм „The Hip – Brainstorm“ , во режија и продукција на Јане Алтипармаков , по оригинална идеја на Љубиша Петрушевски. Камерата е на Наташа Гелева и Ања Илиева, а монтажата на Михаил Димитров. Програмата започнува во 21,00 часот, на платото пред Градскиот музеј Крива Паланка.
Мултимедијалниот алтернативен фестивал е поддржан од Општина Крива Паланка, а годинава се реализира во рамките на Кривопаланечко културно лето и манифестацијата „ Крива Паланка- Град на културата“.
Глигор Цветковски (21.02.1980- 12.10.2021), во чија чест се организира „ГИГА Фест“, беше посветен на младите актерски таленти од Крива Паланка , се трудеше да создаде поинаква сцена за младите генерации и да им ја всади желбата за уметноста и вистинските вредности. Неизмерно веруваше во својата идеја и упорно ја градеше кривопаланечката театарска сцена.
Дипломира општа и компаративна книжевност на Филолошкот факултет„Блаже Конески“ при УКИМ и беше магистрант по театарска режија на ЕСРА универзитетот за аудиовизуелни уметности, во класата на Дејан Дуковски и Горан Тренчевски. Во 2007 година го основа Драмското студио при НУ Центар за култура Крива Паланка и раководи со драмската дејност. Режирал околу 15 претстави од странски и домашни автори, како и сопствени драмски текстови и текстови на локални автори. Гостува на театарски фестивали во Бугарија, Србија и Македонија. Има добиено 4 плакети на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“, плакети од ДАФ Кочани и две награди на фестивалот „Бескрај 10 квадрата“ од Прокупље, кој во негова чест ја востанови наградата за режија „Глигор Цветковски“. Ќе остане запаметен како посветен вљубеник во драмската уметност, предводник на алтернативната култура во Крива Паланка и основач на локалната театарска продукција.