Вечерва на „Охридско лето“- изложбата „Калиопе“

Фестивалот „Охридско лето“ и Австриската амбасада во земјава денеска 18.07.2024 година, организираат изложба со наслов „Калиопе- Жените во општеството, културата и науката“.

Изложбата ќе биде отворена во малиот изложбен салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток во 19 часот и 30 минути.

Австриското Сојузно Министерство за европски и меѓународни работи и Женскиот музеј во австриското гратче Хитисау во покраината Форарлберг ја промовираат работата и достигнувањата на жените од Австрија на секаде во светот. Оваа изложба е потсетник на тоа колку жените напредувале, но и истовремено претставува и осврт на она што се’ уште треба да се направи за да се обезбеди еднаквост.

Жените од Австрија често биле заборавани, занемарувани или маргинализирани во официјалната историја на својата земја. Оваа околност го зголемува значењето на изложбата, која е израз на заложбата да се прикажат последниве 200 години во светлина на биографиите за значајни Австријки, жени што со талентот, силата на волјата, храброста и борбеноста ѝ дале печат на својата земја и ја збогатиле. Со целосна свест за празнините, кои се делумно скандалозни, овде егземпларно ќе им се оддаде почит на нивниот живот и на нивните дела, кои сочинуваат најмалку половина од духовниот идентитет на Австрија.

На изложбата хронолошки ќе се рекапитулираат животните приказни на аристократки, уметнички, домаќинки на салони, научнички, активистки за женските права, политичарки, актерки, музичарки, режисерки и други жени. Временскиот опсег се протега од почетокот на XIX век до денес. Црвената нишка е еманципацијата на жената, со сите свои победи и порази.

Низ историјата, жените се занимавале со уметничко творештво низ различни култури, иако нивните дела често биле непризнаени или заборавени. Тие во светот на историјата на уметноста, се претставени само во улогата на пасивни музи, нивната креативност и умешност засенети од машките колеги. Сепак, ова пасивно присуство на жените како објекти во уметничките дела на мажите ќе се промени кога храбрите жени ќе одлучат да станат активни уметнички учеснички. Со нивното присуство во уметничката сцена и преку нивните дела, за првпат се претставува светот гледан од „женска“ перспектива и се пренесуваат нивните лични искуства на платно. Оваа промена на парадигмата е видлива и во периодот на првите македонски академски уметници, каде жените пионерки имаа значајна улога во формирањето на траекторијата на современата македонска ликовна уметност. Катја Ефтимова, Кераца Николова, Лена Стефанова и Борка Аврамова стојат како примери на ова трансформативно движење. Со преминувањето на постoечките граници во свет доминиран од мажи, тие се етаблираат како пионери на современата македонска уметничка сцена.

Група жени визионерки ги користеа своите четки за сликање како инструменти за промена, надминувајќи ги општествените бариери и создавајќи простор за себе во уметничкиот свет доминиран од мажи. Нивното пионерско присуство не само што го трансформираше уметничкиот пејзаж, туку служеше и како покана за други жени уметнички да се приклучат на движењето, засилувајќи го уметничкиот диверзитет во македонската современа уметност.

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.