Отворање во среда на 10 Јули 2024 година во 20.30 часот, Музеј на град Скопје.
*
Изложбата се реализира во рамките на Скопско лето 2024
*
Гостин на изложбата, Марјана Костојчиноска Узунчева
***
Изложбата “Модерна традиција” претставува спој на традиционалната грнчарија, која е автентична за македонската традиција, и нејзиното трансформирање во модерен визуелен стил со авторски пристап на уметникот. Со оваа изложба, се насочува внимание кон зачувувањето на традиционалниот грнчарски занает, кој е во ризик од исчезнување, и ја илустрира умешноста на авторот преку неговото сликарство во керамиката, кое се смета за една посебна и уникатна дисциплина во керамичката уметност. Со тоа што се враќа во употреба заборавениот начин на приготвување на храна и го унапредува стариот занает, се цели да се замисли начинот на живеење на модерниот човек и како може да се вклучи традицијата во тој начин на живеење. На изложбата, ќе бидат претставени повеќе традиционални садови кои сè уште се произведуваат, со задржан нивен облик и функција. Изложбата е концепирана на начин што керамиките ќе бидат поставени на маса која ќе биде прекриена со чаршаф со стилизирани фолклорни елементи изработен од Марјана и ќе биде сервирана во функција на традиционално послужување на храна, слично на она во домовите и рестораните. Со ова, гледачот ќе има можност да кружи околу масата и да се запознае со културата на сервирање на садовите и нивната основна функција. Оваа изложба на керамика не само ќе ги прикаже креациите на уметникот, туку и ќе го поттикне интересот кон традицијата и уметноста во керамиката кај пошироката јавност. Со прикажувањето на традиционалните садови на начин што го сретнуваме во секојдневниот живот, оваа изложба ги обединува минатото и современоста и ја остварува целта за оживување и промовирање на традицијата во модерниот свет.
За изложбата во текстот, Јасминка Намичева ќе напише:
„Едицијата уметнички керамики, не случајно, Филип Фидановски ја насловува „Модерна традиција“, бидејќи во ова уметничко патешествие базичната идеја е извлечена од културолошкиот багаж кој уметникот го апсорбирал низ долгогодишните истражувања на генезата на формите, колоритот, декорациите и занаетчиските техники на македонската керамичарска традиција. Од богатиот дијапазон на отпечатоци содржани во оваа мемориска капсула, Фидановски со умешност на вешт алхемичар, ги изнедрува од историската темнина и „барбутина“ декорациите од втиснатите прсти врз неолитските керамики на Говрлевските садови и префинетата структура на глината од скупските садови „terra sigillata“; и трева зелениот замав на четката која ја влечеле уште средновековните грнчари врз садовите можеби подготвени за трпезата на властелините на скопското Кале; и облиците од грнците и бардаците за вода, кои занаетчиите од скопската чаршија ги продавале во пазарните денови на ледината во подградието на тврдината во Скопје; и карактеристичното „сплескано“ глинено мало тавче во кое се подготвувало надалеку познатото „тавче гравче“ во чаршиските ашчилници; како и огромната палета на бои, брановидни и флорални декорации, аплицирани врз капаците на огромните глинени тави, за да послужат како „белег“ и да не се измешаат „турли тавите“ кои вредните домаќинки ги однеле во маалската фурна. При тоа Фидановски ги трансформира сите овие колористички и декоративни обрасци во сопствен уметнички јазик, задржувајќи го линеарното моделирање при ликовниот отпечаток со кој ја исцртува замислената креација. Користењето на форми кои се извлечени од „мемориската матрица“ на македонскиот традиционален репертоар на керамички утилитарни садови, му дава можност на уметникот да ја искаже својата почит кон сопственото културно наследство, при тоа надоградувајќи го, при раскажувањето на сопствената замислена нарација, со современ цртачки израз и соодветна колорна палета, формирајќи севкупно извонреден ликовен експеримент „модерна традиција“. Ваквиот авторски пристап на Фидановски, претставува своевиден „светилник“ со кој инсистира кон насочување на вниманието на домашната јавност кон итната неопходност за зачувување и неизоставно продолжување на вештините на традиционалниот грнчарски занает, кој е соочен со трајно исчезнување, при тоа многу вешто, покажувајќи ги можностите и моделите за негова ревитализација преку вградување на индивидуален уметнички печат на секој творец како додадена вредност.“…
Филип Фидановски
Роден во град Скопје – Социјалистичка Република Македонија, во 1977 година. Во 1996 година завршува средното уметничко училиште во Скопје во касата на Професорите Раде Перчуклиевски и Михо Лазаров. Го продолжува своето образование на Националната уметничка академија во Софија, Република Бугарија каде во 2004 година магистрира на катедрата за керамика во класата на Професор Красимир Џидров. Од 1995 година до денес има реализирано 24 самостојни изложби, над 50 групни и жирани изложби, има учествувано на многу уметнички колонии и симпозиуми. Добитник е на 5 награди. Член е на повеќе професионални здруженија. Професор е по предметот Дизајн на керамика и Технологија на керамика во уметничкото училиште во Скопје. Во периодот од 2003- 2010 е доцент на Факултетот за ликовни уметности- Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, Македонија, 2002 – 2006 Стручен соработник во Музеј на Македонија, оделение за едукација, од 2002 -до 2003 работи во ателје за музејски копии при Музеј на Македонија, од 2019- 2022 е Претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, ДЛУМ, во периодот од 2020- 2021 е директор на уметничкото училиште, ДСУЛУД „Лазар Личеноски“- Скопје, од 2020- 2022 е претседател на комисија за полагање приправнички испит по ликовно образование при Државниот испитен центар на Македонија, во 2023 е член на комисија за визуелни уметности, архитектура и дизајн при Министерство за култура на РС.Мкедонија. Автор е на прирачник за изведување на настава по ликовно обравони како и на практични вежби материјали за учење за ученици по ликовно образование за 3-то и 5-то одделение во основното образование. Уредник е на повеќе монографски изданија, списанија и каталози. Учествува во организација на многу настани од облата на уметноста и културата на некои од ние е и автор. Денес живее и работи во Скопје.
Повеќе за авторот и неговото творештво може да се погледне на веб страната на авторот; https://filipfidanovski.mk/
Марјана Костојчиноска Узунчева
Родена во Белград- Република Србија, во 1974 година. Во текот на изминатите 27 години работел во контекст на гимназиското образование, ангажиран во Државното средно училиште за ликовна уметност „Лазар Личеноски“ и во приватниот образовен систем во „Меѓународни училишта НОВА“. Најголемиот дел од кариерата ја посветува на предавање предмети за уметност во меѓународните училишта НОВА. Портфолиото како наставник вклучува: MYP Visual Art и сертификат во 2020, IB Visual Arts и сертификат во 2010, AP Art 2D portfolio, AP Art Drawing portfolio во 2017, Graphic design, Painting and drawing, Color and design, Watercolor, Elements and principles of design, 3D design; како и менторство на Personal Project на ученици во MYP одделение 10; истражувачки проекти за матура- за студенти кои полагаат Македонска државна матура; портфолија за универзитети надвор од земјава од областа на архитектура, мода, фотографија и ликовната уметност. Во 2002 е предавач на Летната школа Дрезден, Германија;
Во 2006 учесник на АЕРО програмата и сертификат за истата во Вашингтон, САД .
Во академската средина, ги завршува дипломските и постдипломските студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Факултетот за ликовни уметности педагошки отсек насока графика, во класата на Костадин Танчев- Динка – 1996. Постдипломските студии беа под менторство на Зоран Јакимовски-2006. Докторскиот труд со наслов „Примената на современите тенденции во употребата на ликовните материјалите и нивното влијание врз детското ликовно изразување во одделенската настава“ беше под менторство на Фехим Хускович на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, на Педагошкиот факултет- 2016.
Во професионалното портфолио реализира 15 самостојни изложби и повеќе групни изложби и проекти. Учесник на ликовни колонии во земјава и во странство. Во 2013 и 2015 добитник на две награди од ДЛУМ за сликарство Димитар Кондовски. Долгогодишен член на ДЛУМ и дел од раководниот тим; член на „Casa di Dante Association“ – Фиренца, Италија; член на комисија за визуелни уметности, архитектура и дизајн при Министерство за култура на Р. С.Македонија; дел од тимот за изработка на нови програми за предметот Ликовно образование во рамките на Бирото за развој на Р.С.Македонија. Денес живее и работи во Скопје.