Се собра љубопитен народ
пред вратата
на Музејот што не го посетува никој.
Се гледаа немо еден во друг и трепнуваа во исто време.
Го чекаа ѕвончето да даде знак да влезат
го чекаа долго, долготрајно, чедно
можеби два века…
А вратарот
клучот го имал зафрлено,
во некое дамнешно минато време.
Усните им окоравија без вода и омарнина ги фати.
Толпата извикна:
“Отвори ни да го видиме и тоа чудо!
Да ја видиме, да ја видиме:
Статуата од музејот што не ја видел никој!
Таа била сета од сребро, мермер сивец и на постолје од камен,
и исполирана со пролетна убост.
И стоела гордо на сред музејот што не го посетил никој!
-Не,
не можам да ве пуштам внатре, мрзеливо стариот вратар им рече.
-Одете си, одете си,
разновидноста нека ве пречека
и денес вие видете нешто друго!
А тие со преклопувачки извици кон него назад:
– Ја сакаме статуата од сребро и мермер сивец.
Таа статуа ги персонифицира сите совршенства на светот!
Со проѕирност и цврстина, со блескавост и финост.
-Ама статуа е луѓе, не умее да збори.
не умее да пее, им подвикна луто.
Статуа е, не умее да танцува до зори,
ниту да ве погали со дланки.
А од особена важност е и тоа што, запомнете добро- таа не умее ни да љуби!
Одете уште веднаш побарајте статуа жива
што блика одвнатре.
И,
душата од топлина и од љубов што ѝ гори…
Па со натажено лице главата со рацете си ја покри:
-Јас еднаш таква во младоста моја, пред три века, сакав,
и за неа до пред малку, сам во осама среде музејот си плакав.
Вратарот тогаш почувствува ко да се тие некои безбожници и атеисти,
и дека освен во древната статуа,
која којзнае кој беше ја скроил и ја донел тука, не веруваат во ништо друго.
Си примолкна и тајно влезе од задната врата.
Се доближа и ја скрши со потсмев,
статуата од музејот што не го посетил никој!
Таа била магична и преубава и џепна,
извајана од сребро, мермер сивец и на постолје од камен…
Но, тој не сакаше безживотни фигури,
сакаше живи, животворни, весели и докрајно развиорени и орни,
кои се подготвени за љубов и во грев да се стават
и да пламнат ко силен пламен.
***
А надвор пред музејот млада девојка лека- полека хранеше птица со трошки,
додека Сонцето најде златна рефлексија во тие нејзини крупни очи, во лицето ѝ бело.
Косата долга до земја како коприна свилена сјајна
в долж беж робата ѝ ја покри.
Девојката наеднаш почна да лебди
косата околу неа да ѝ се сука и да се врти.
Полета, за да толпата случајно не тргне кон неа
и ѝ ја уплаши плашливата птица
а можеше веќе да им го насети, поради пречката со статуата, гневот.
Прецизна индикација е дека
вратарот клучот го загубил со право.
Тие сите од пред врата не се мрднаа,
сакајќи да влезат и да ја видат чудесијата
за која се прочу во градот!
Иако, тешко дека ќе има барем еден кој никогаш не ја сретнал девојката што катаден птиците ги храни.
А тој насобран народ наместо по неа,
за статуата пушти одушевени викој.
Статуата убава е- сепак душа нема
и добро што стариот ја заборавил два века зад закатанчени врати,
па сега зеде и ја искрши и срони на парченца за да никогаш не ја ни видат,
и полн со иронија им рече:
-Одете и видете нешто поубаво денес!
И во грев фрлете се за љубов ако треба,
ви го велам ова луѓе јас како старец
од, за чувствата ваши,
ново ниво
и нов еволутивен аспект.
Валентина Ѓоргиевска Парго
Copyright