„Диво месо“ на Албанскиот театар, штипската „Лекција“ и „Натчовек“ на Драмски театар од Варна на претпоследниот ден на фестивалот
*
13 јуни 2024, Прилеп: Три претстави се на програмата на претпоследниот ден на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ денеска. Албанскиот театар од Скопје во 17 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе ја изведе „Диво месо“ од Горан Стефановски, во режија на Мартин Кочовски. Улогите ги толкуваат:
Бајруш Мјаку, Амернис Нокшиќи, Џевдет Јашари, Дритеро Аме, Ментор Курти, Сабина Мемиши Асланај, Рахим Рамадани, Арбен Расими, Генци Мирзо и Хетем Етеми. Веднаш по изведбата ќе следуваат разговори на тркалезна маса, на која публиката може да сподели свои мислења за претставата.
Во 22 часот на сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ ќе следува претставата „Лекција“ во продукција на Motion Network и Центарот за култура „Ацо Шопов“ од Штип. Улогите ги толкуваат Ефтим Трајчов-Ѓаурски, Димитрина Мицкоска Трајкоска и Милорад Ангелов. Претставата е дел од придружната програма на фестивалот.
На полноќ на големата сцена на Центарот за култура ќе гостува Драмскиот театар „Стојан Бочваров“ од Варна, Бугарија. Претставата е според текст на Сашо Димоски, а во режија на Васил Зафирчев. Олга Панго се погрижи за кореографијата, Филип Коруновски – за сценографијата, а котимограф е Раде Василев.
Во рамкитена дневната програма на фестивалот, во 11 часот ќе биде промовирана книгата „Антигона“ од Славој Жижек во превод на Марио Стојаноски. За книгата ќе зборуваат режисерот Борис Василески, преведувачот Марио Стојаноски и актерката Ава Хусеини. Веднаш потоа ќе следуваат тркалезни маси за претставите „Едвард Втори“ и „Демонот од Дебар Маало“, што беа изведени синоќа.
Во 15 часот во бифето „Аура“, што е пријател на фестивалот, ќе се одржи промоција на книгите „Сон на јаве/За театарот од овој крај на светот“ од Варја Ѓукиќ и „Нов наратив“ од д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, двете членки на овогодишното жири на фестивалот.
Конструктивни дискусии се случуваат за време на тркалезните маси на фестивалот, каде освен што се разговара за претставите, се зборува и за состојбите во театарот, како да се подобри, што треба да се промени.
На разговорите на тркалезнaта маса за „Ало! Ало!“ според британската ТВ-серија на Џереми Лојд и Дејвид Крофт, беа отворени прашањата за адаптацијата на текстот во наши услови.
Мотото на фестивалот е „Промени се, промени сѐ“, па во тој контекст е прашањето за адаптацијата на текстот и на ликовите во претставата, наспроти познатата британска серија „Ало!Ало!“ Претставата одлично комуницирше со публиката. Внесени се елементи, препознатливи за нас, рече модераторката Сребра Ѓорѓијевска.
За режисерот Синиша Евтимов адаптацијата во наши услови и тоа што е во претставата ние го живееме.
-Колку ситуациите и дејството на сцената да се комични и фантазмагорични, ние сето тоа го живееме. Сакавме да направиме наша, автентична приказна и мислам дека во тоа успеавме. Измените имаат и факти и фикција. Како режисер, мојот повик е на публиката да ѝ овозможам два часа да ужива и да се забавува, рече Евтимов.
Актерот Атанас Атанасовски кој го толкува ликот на Јорго кој води кафеана во центарот на Скопје, но е вовлечен во војната и ситуациите со отпорот, окупаторот и администраторот.
-Со режисерот го оформувавме ликот на Јорго да биде поразличен, да не биде дистанциран како во серијата. Идејата за неговото име е од Гркот Зорба, кој, еве режисерот, бил погребан во Скопје и посетувал конретна кафеана, рече Атанасовски.
Актерот Тони Денковски ја нагласува работата со екипата.
-Супер беше работата со екипата. Не е тешко да се работи со таков тим, туку е креативно, рече Денковски.
На актерот Валентин Костадиновски многу му помогнал колега од Бугарија за креирањето на ликот.
„Дупло дно“ беше уште една претстава од Авторот во фокус, Горан Стефановски. Режисерката Наташа Поплавска се наврати на времето кога била студентка на Горан Стефановски и на советот дека е слободна да прави реконструкција на неговото дело и да го чита текстот во контекст на денешницата.
-Ја режирав и претставата „Фигура, венерис, хисториае“ на оваа сцена на која Горан Стефановски првпат видел како мајка му умира на сцена. За Горан прашањето е кој е жив…Ако со „Дупло дно“ го отвора ова прашање, во „Венерис“ го затворам. И затоа претставата „Дупло дно“ ја завршувам со репликата: Јас сум уметник, не припаѓам никому, стојам на работ на ништо – рече Поплавска, истакнувајќи ја соработката со одличните актери.
Во претставата настапува и композиторот Ристо Вртев, кој ја нагласи лесната соработка со актерскиот тим.
-Мене секоја нова претстава ме допира со уметноста, со автентичноста. Направивме органска целина. Со секоја нова изведба, претставата се обновува, расте. Реакцијата на публика е златната подлога на банкнотата – рече Вртев.
Претставата премиерно беше изведена пред 2 години и во фестивалската изведба, актерите препознаваат дека има основа, стожер.
-Поставеноста на претставата е таква што таа не ми биде досадна. Го кажав тоа што го имав во претставата – рече актерот Зоран Иваноски.
За Димитар Ѓорѓиевски претставата има темел, а текстовите на Горан Стефановски имаат вонвременска димензија.
Селекторката Ана Стојаноска ја објасни причината за селекцијата на претставата, а тоа е читањето на Горан Стефановски на современ начин.
-Важна е енергијата на актерската екипа. Сите ставаат свој печат, но прават мрежа на ликови во селектирани интересни односи.
На средбата со актерите од „Франкенштајн“ на Театарот за деца и младинци, модераоторот Милош Б. Андоновски издвои негови согледувања за претставата и сподели дека оваа претстава ја отсликува енергијата на ансамблот што ја носи.
-Таа е многу моќна, јасна и гласна претстава. Радува тоа што применуваат пристап на колективно авторство. Сите актери учествуваат во создавањето на текстот, покрај мотивите од романот на Мери Шели.
Романот комбинира прозен текст и лични приказни – постапка што е покарактеристична за вонинституционална сцена, отколку за националната.
На прашањето како изгледал процесот, режисерот кажа дека на прва проба освен романот, немало ништо друго, само желба да се направи современа модерна претстава, што ќе ја обработува темата на третманот на другиот, различниот инаквиот и начините на кои ги отфрламе поразличните од нас.
Актерите не само што се коавтори на текстот, режисерот истакна дека тие се коавтори и на целата претстава. Актерите не се затскриваат зад текстот, туку преку истражување, доаѓаат до споделување лични искуства и приказни на тема поврзана на чудовишното во нас и околу нас.
Претставата исто така вклучува и рап сонгови изработени од Никола Ристески. Како автори на текстовите повторно се јавуваат актерите. Рап музиката е позната по тоа што се јавува во 80-тиуте години на 20 век како протест на афроамериканците и бунт против занемарувањето од системот.
Рап музиката го има најдено точното место во претставата, зашто самата по себе дава глас на безгласните, посочи Андоновски.
Актерот Никола Наковски сподели дека преку рапот и дијалозите толку многу теми се отвораат против дискриминацијата, што и се прашува колку всушност треба да трае претставата.
***
Да потсетиме , на 12 јуни се одиграа „Франкенштајн“, „Едвард Втори“ и „Демонот од Дебар Маало“ на шестиот ден на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Први на сценaта гостуваа Театарот за деца и младинци од Скопје со младинската „Франкенштајн“, по мотиви од истоимениот роман „Франкенштајн“ од Мери Шели. Режијата е на Кокан Младеновиќ.
Улогите ги толкуваат: Ангела Димитрова, Бојан Кирковски, Maтеа Јанковска Наташа Петровиќ, Ненад Митевски, Никола Наковски и Симона Спировска.
Романот „Франкенштајн“ од Мери Шели ни послужи како повод за истоимената претстава која има цел да ги истражува различните практики на дискриминација во општеството во кое живееме. Прашањето кој е и што е; што може да биде и кој сè може да биде „чудовиште“, а пред сè прашањето кој проценува и одредува дека Другиот е чудовиштен – е темата на оваа наша претстава. Веднаш по претставата ќе следуваат разговори на тркалезна маса.
***
Потоа на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ бешњ изведена „Едвард Втори“ во продукција на „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес. Претставата е во копродукција со Драмски театар „Масалитинов“, Пловдив. Претставата во режија на Андриј Жолдак, е по текст на Сашо Димоски според А. Жолдак и К. Марлоу. Улогите ги толкуваат: Борис Крстев, Илин Јовановски, Јована Миладинова, Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Бранко Михајлоски, Кире Ацевски, Тодор Стојковски, Сандра Танчева – Марго, Марија Баркова, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски и Тодор Стојковски.
*
Театарот „Ацо Шопов“ од Штип гостуваше истата вечер на сцената на Прилепскиот театар, со претставата „Демонот од Дебар Маало“, според текст на Горан Стефановски, а во режија на Наташа Поплавска. Улогите ги толкуваат: Пеце Ристевски, Марија Минчева- Андонов, Ефтим Траjчов, Валентина Ѓоргиевска, Владимир Тулиев, Миле Вратеовски, Анѓелка Нашкова, Елена Шорова-Дербов, Раде Рогожарев, Стефанија Митовска и Даријан Петров.
Истиот ден продолжија разговорите на тркалезната маса за претставите што претходната беа изведени во Прилеп. Со бурни аплаузи и овации беа наградени актерските екипи на „Ало! Ало“ на Театар Комедија и на „Дупло дно“ на Народниот театар од Прилеп, кој има голема поддршка од прилепската публика.
***
Бешеде промовирана книгата „За комичното и хуморот“ на Иван Џепароски, во издание на Театар Комедија. За книгата зборуваа Дарко Спасов, директор на театарот и Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот „Војдан Чернодрински“.
Монографијата „Театар Куманово 75 години (1948-2013)“ беше промовирана исто така на ова издание на фестивалот, а за неа зборуваа авторите- тројца драматурзи и актерката Кети Дончевска- Илиќ.
Нaјавувајќи го ова дело – историја за кумановскиот театар насловено „Театар Куманово 75 години (1948-2023), режисерот Милош Б. Андоновски потенцираше дека ова е прва од ваков вид монографија за театарот. Имало само печатено издание за периодот 1961-1971 година.
За уредникот на монографијата, актерката Кети Донческа Илиќ, најфасцинантна е енергијата која се чувствува низ страниците и фотографиите на монографијата.
-Во монографијата се концентриравме на фотографиите. Посебно од гостувањата на театарот. За жал, за некои претстави не најдовме материјал, ама многу е битно што под секоја фотографија се и имињата на актерите. Инаку, театарот веќе четврта година се реновира, тоа е тешка ситуација зашто сме „кираџии“ во Домот на културата. Се надеваме дека наскоро ќе заврши, зашто се пробиени сите рокови, објаснува Дончевска Илиќ.
На монографијата работеле тројца драматурзи и еден актер. Драматургот Сашо Костовски смета дека е внесена историјата и на градот, и на театарот, особено се посебни деталите забележани во инспициентските тетратки.
-Се пренесува сета енергија низ 75-те години, која ги опфаќа сите чувства. Внимание привлекоа нотираните, интересни, необични моменти во инспицинтските тетратки. На пример, кој кога задоцнил на претстава, кој дошол поднапиен. Тоа е историја. Посебно пријатно вчудовидува што во 60-тите години од минатиот век годишно имало дури 12 премиери, рече Костовски.
Инаку, сите режисери, родум од Куманово, режирале во кумановскиот театар.
Впечатоци од претставата „На дното“ во режија на Ќендрим Ријани, на Битолскиот театар сподели публиката присутна во Центарот за култура. Се отворија прашањата за театарот и претставите кои зборуваат за проблемите во општеството што е и смислата на театарската уметност.
-Голема обврска е да се донесе тој социјален реализам во директен контакт со публиката која на малата сцена во Центарот за култура речиси беше во директен контакт со дејството и актерите кои на сцена беа 17, рече модераторката Јована Горѓиовска.
Драматургот Билјана Крајчевска, во отсуство на режисерот ги објасни интервенциите.
-Интервенциите беа според концептот на режисерот. Да се работи на текст од 1905 година не е лесно. Осовременувањето бара многу интервенции. Ликовите добија неколку промени. Имаше неколку драматуршки интервенции, се внесоа и авторски текстови, рече Крајчевска.
Актерот Иван Јерчиќ нагласи дека идејата било дејството да се ослободи од секакво лицемерие.
-Наша мисија, мисија на театарот е да се занимаваме со проблемите во општеството, да отвориме повеќе прашања. Театарот има смисла ако кај публиката предизвика барем едно прашање, рече Јерчиќ.
Актерот Никола Стефанов го потенцираше заедништвото на актерската екипа.
-На сцената бевме 17 луѓе. Ова е колективна претстава и еден да отсуствува, би настанал хаос, рече Стефанов.
Актерката Илина Чоревска рече дека актуелноста на претставата е голема.
-Сите како да живееме токму како дејството во претставата. Ова, се чини, е вистинското време за актуелноста на текстот „На дното“. Репликите што ги изговараме за тоа кога си на дното се наши и сите речиси ги направивме по сопствено искуство. Ваквиот концепт на претставата нуди во секое излегување на сцената да си поинаков, а пак да не се загуби основната линија, рече Чоревска.
Уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска, смета дека таков театар ни недостига.
-Ни недостасува театар кој гласно го говори она кое сите го премолчуваат. Оваа претстава ми даде сила да помислам: Добро си онаму каде што си. Има и некој друг што така размислува, рече Стојаноска.
Во претставата „На дното“ музиката е силен контрапункт.
***
Да се навратиме и на 11 јуни кога беа изведени
„Ало! Ало!“ на Театар Комедија, прилепската „Дупло дно“ и „Кенди“ на МТФ „Војдан Чернодрински“
За претставата „Ало! Ало!“ во режија на Синиша Евтимов на Театар „Комедија“ ќе огромен интерес владееше кај прилепската публика за претставата, која беше распродадена една недела пред да започне фестивалот. Улогите ги толкуваат: Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Валентин Костадиновски, Асен Алберто, Сергеј Димоски, Тони Денковски, Виктор Арсов, Јаков Спасов, Столе Мицов, Илија Илиоски, Наталија Теодосиева, Маја Љутков, Елена Кузманов, Григор Јовановски и Стефан Николовски.
„Ало! Ало!“ е духовита пародија на историските случувања и на човековите слабости во обидот да се сочува главата во налетот на насилството. Дејството е сместено во скопската кафеана „Кај Јорго“, во окупираното Скопје за време на Втората светска војна. „Кај Јорго“ е сврталиште на високите претставници на фашистичкиот окупатор во Скопје и на членовите на Отпорот, а сопственикот на кафеаната, Јорго, се труди да ги „менаџира“ односите со двете страни и да се одржи жив среде војната. Но, неретко се заплеткува во компромитирачки ситуации, обидувајќи се да ги балансира барањата на Отпорот и на фашистичките чиновници, што резултира со напнати и комични расплети. Хуморот во претставата го формираат многубројни зборовни игри, двосмислености, каламбури, јазични сплетки и сатиризирање на различни стереотипи и клишеа поврзани со минатото, но и со сегашноста во Македонија.
*
Во 22 часот на својата матична сцена беше изведена претставата „Дупло дно“ од Горан Стефановски, во режија на Наташа Поплавска. Играат: Катерина Чакмакоска-Клинческа (Кристина), Даниела Иваноска (Параскева), Димитар Ѓорѓиевски (Божо), Игор Трпчески (Јаков), Зоран Иваноски (Лудакот) и Михајло Миленкоски (Нове).
На полноќ на сцената 105 во Центарот за култура „Марко Цепенков“ гостуваше Театар „Златен Елец“ со претставата „Кенди“. Улогите ги толкуваат Бобан Алексоски и Лео Поповиќ.
Во рамките на програмата на фестивалот во 11 часот беше промовирана монографијата посветена на 75 години Кумановски театар. Веднаш потоа ќе следува тркалезна маса со екипата на претставата „На дното“ во режија на Ќендрим Ријани. На фестивалот во се одржуваше и работилницата за млади новинари што ја реализира порталот Умно.мк. Низ програмата на фестивалот младите ентузијасти учеа како да известуваат од театарски фестивал. Исто така, со млади работеше и Александар Ношпал на тема костимографија.
Екипата на Струмичкиот театар на тркалезна маса разговараше со публиката за својата претстава „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски. Сите се согласија дека Горан Стефановски е неисцрпна тема и дека треба одново и одново да му се навраќаме.
Во придружнаа програма на фестивалот беа промовирани и нови драми од мрежата „Еуродрам“. Иван Додовски им ги врачи наградите на драматурзите Ана Ристоска Трпеноска и Ева Камчевска.
На четвртиот фестивалски ден гостуваа екипите „На дното“ и „Домот на куклата“ на Турскиот театар. Прилепската публика до последно столче ги исполни гледалиштата за овие претстави.
Покровители на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ се: Министерството за култура и Општина Прилеп. Спонзори на фестивалот се: Пакомак, Витаминка, Прилепска пиварница. Пријатели на фестивалот се: Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, Градската библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, Театар за сите, Самоглас, Умно.мк, Јавен простор- Прилеп, Гледај.мк, Театроск, Факултет за драмски уметности, Донирај компјутер, Урбан ера. Пријатели на фестивалот се: Бит крафт, Карé и Смарт Ливинг, Македонија осигурување, Крин производство Прилеп, Аура, Клуб Калинка, Кафе-бар Тротоар, Кафе бар Чоше, Кафе бар Лувр, Брос бургерс, Монарка гастробар, пекара Алекс, Национален ресторан „Македонска куќа“, Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп, Такси 5, Лусио Стор, Уан бајт и хотелите Кристал Палас, Атлас и Салида. Медиумски покровители се Македонската радио-телевизија и Трн.мк.