Свечената сала на Офицерскиот дом- КИЦ Битола, место на рекорден број концерти на класична музика. Само оваа недела во репрезентативната концертна сала на Офицерскиот дом, на програмата се дури пет концерти на класична музика.
На 12 јуни 2014 година, го најавуваат концертно танго доживување „Танго приказна“ со камерниот состав „Агогик“ и сценски настап на Владанка Колева и Онур Мок од ,,Центар 213“.
Концертната турнеја ТАНГО ПРИКАЗНА има за цел доближување на танго културата, музиката и танцот пред широката македонска публика. Првиот концерт беше реализиран во Скопје на 14 мај во Културно информативниот центар со извонреден успех.
Вториот концерт е во Битола во Офицерскиот дом а третиот концерт ќе се одржи во Струмица.
На концертот публиката ќе има можност да ужива во прекрасните танго композиции, милонги, валцери од најпознатите композитори на тангото како А. Пјацола, Ф. Канаро, К.Гардел и други познати композитори.
Камерниот состав „Агогик“ во состав Филип Петрески на хармоника, Ајхан Куртов на пијано и Пламенка Трајковска на виолина повеќе од 15 години ја носат магијата на танго музиката кај нас. Досега настапиле на речиси сите македонски сцени и познати манифестации како Скопско лето, Бит фест, Штипско културно лето, Топол културен бран, Кавадаречка културна есен, Велешко културно лето и многу други настапи на концертни сцени во Македонија и концерти во Србија и Грција.
На концертот публиката ќе може да ужива во сценскиот настап на Владанка Колева и Онур Мок од ,,Центар 213“ кои досега настапиле на повеќе домашни и странски сцени во Словенија, Хрватска, Босна и други танго сцени.
Билетите за концертот се достапни во сите прадажни места на ТОБАКО ДИМПО или онлајн преку МК Тикетс.