Вечерва- Висенте Амиго, најголемата ѕвезда на Оффест!

По првите две извонредно успешни фестивалски вечери, OFFest продолжува да го чекори своето 23. издание. Во рамките на третата вечер, во Националната опера и балет, вечерва 8 јуни 2024 година ќе настапи најголемиот фламенко гитарист денес, ВИСЕНТЕ АМИГО. Тој се смета за наследник на легендарниот композитор и фламенко гитарист Пако де Лусија. Со две Греми награди зад себе, придружуван од музичари од највисока класа, тој ќе го претстави своето фасцинантно творештво, коешто му донесе светска слава и придонесе неговото име да се стане референца за фламенко гитарата денес.

ВИСЕНТЕ АМИГО ужива висок рејтинг во светот на фламенко музиката како еден од најкомплетните и највлијателните гитаристи од новата генерација. Недофатлив, мистериозен, енигматичен уметник, со фасцинантна чувствителност и ненадминлива длабочина. Висенте Амиго е роден 1967 година во Гвадалканал (Севиља), а израснал во Кордоба. Приврзан за гитарата уште од детството, албум по албум, тој се наметна како еден од најиновативните и најплодните современи музички творци. Од неговата прва албумска објава во 1991, тој успеа да создаде свој стил, суптилен и раскошен, отворен за другите музички стилови. Со право го нарекуваат „логичен наследник на легендарниот композитор и фламенко гитарист Пако де Лусија“. Овој андалузиски уметник соработувал со најголемите фламенко ѕвезди како и со значајни уметници од други жанрови: Пако де Лусија, Камарон де ла Исла, Кармен Линарес, Манола Санлукар, Диего Ел Сигала, Мигел Поведа, Естреља Моренте, Дејвид Боуви, Кит Ричардс, Боб Дилан, Џон Меклафлин и Ал ди Меола, Стинг… Покрај тоа што е Амбасадор на фламенко гитарата, Амиго е сопственик на две Греми награди и Златен медал за фини уметности. Познатиот џез-гитарист Пет Метини за него изјави: „Висенте Амиго е најдобриот светски гитарист денес!“

facebook event:

https://rb.gy/s1zwr1

www.offest.com.mk

 

 

Инаку да потсетиме дека ова е трета вечер.

Отворањето на дваесет и третото издание на ОФФест на 6 јуни целосно беше во знакот на африканската музика со настап на две големи имиња: BOMBINO, еден од клучните претставници на прославениот „пустински блуз“, како и јужноафриканските ѕвезди BCUC, познати по својот афро-психоделичен транс и импресивните настапи во живо.

 

Гитаристот од Нигер Омара ‘БОМБИНО’ Моктар е феномен, човек со приказна. Во неговата родна земја, тој е вистински култен херој меѓу младите Туарези, способен да го долови звукот на африканската пустина со неговите дисторзирани гитарски мелодии. Заедно со Tinariwen, Mdou Moctar и Vieux Farka Touré, Бомбино е предводник на експлозијата на високозаразниот пустински блуз/рок во светот последниве години. Неговата музика ја става гитарата во центарот на звучниот пејзаж, кој е комбинација на традиционалното и модерното. Експерт за создавање волшебни ритми, Бомбино ја слави културата на Туарезите, чувајќи ја од заборав. Инспирацијата од неговата музика лесно се забележува во модерните познати инди бендови како Khruangbin, GOAT или Dirty Projectors – Дејвид Лонгстрeт од последниве воедно го продуцираше албумот „Azel“ (2016). Претходно тоа беше Ден Ауербек од The Black Keys кој стоеше зад прославениот „Nomad“ (2013). Албумот „Deran“, пак, беше номиниран за Греми за најдобар world music албум, со што стана првиот изведувач од Нигер што добил ваква номинација. Во моментов, Бомбино го промовира својот седми албум „Sahel“, кој излезе минатата есен за култната Partisan Records. Без оглед на животните предизвици, Бомбино постојано граби напред во својата мисија да ја користи музиката за ширење љубов, разбирање, како и прекрасната туарешка култура низ целиот свет.

 

Афро- психоделичниот септет БИ-СИ-ЈУ-СИ (Bantu Continua Uhuru Consciousness) е супергрупа од Совето, Јужна Африка, која ја доживува својата музика како хедонистички транс, но и како оружје за политичко и духовно ослободување во согласност со борбата за правда на претходните генерации. Звукот на БИ-СИ-ЈУ-СИ е истовремено современ и оригинален, самоуверен и моќен. Тој е исполнет со фанки грувови и хип-хоп сензибилитет, но и со репетитивни бас рифови, флејти и галопирачки ритми, како директно оддавање почит на надежта и борбениот дух на претходните генерации. Групата пее и зборува гласно за суровата реалност со која се соочуваат сиромашните работници во Јужна Африка, но во исто време, БИ-СИ-ЈУ-СИ не ја прикажува татковината како сиромашна, туку богата со традиции, ритуали и вера. Кога БИ-СИ-ЈУ-СИ настапуваат во живо, тие ја вовлекуваат публиката во вистински транс. И кога ќе присуствувате на концерт на БИ-СИ-ЈУ-СИ, тоа никогаш нема да го заборавите. Од нивниот деби албум „Our Truth“ објавен во 2016 година и следниот „The Healing“ (2019), тие го привлекоа вниманието на публиката на сите светски концертни подиуми и фестивали, вклучувајќи ги Glastonbury, Roskilde, Afropunk Brooklyn, Dour, Worldwide, Womad и многу други. Во моментов го промовираат албумот „Millions of Us“ (2023), кој доби одлични критики ширум светот.

 

***

 

 

А по експлозивно отворање на 23. издание на OFFest со импресивниот настап на „султанот на сахарскиот блуз“ BOMBINO, како и на ѕвездите на јужноафриканскиот психоделичен транс BCUC (Bantu Continua Uhuru Consciousness), нашиот најголем и најзначаен фестивал на музика на светот продолжува натаму. Втората вечер на годинешниот OFFest, што ќе се одржи вечерва во Националната опера и балет, е резервирана за вкусниот микс од меланезиски, индиски, африкански влијанија и европски фолк со елементи на импровизирана музика на холандскиот секстет BOI AKIH (БОИ АКИ), во комбинација со оригиналниот и моќен звук на француско-етиописката супер група KUTU (КУТУ). Овој програмски сплет несомнено создава услови за беспрекорно фестивалско доживување.

 

Повеќе од 25 години, пејачката и текстописец Моника Акихари и гитаристот и композитор Нилс Браувер се срцето и душата на БОИ АКИ. Безграничната љубопитност ги наведува на нови експерименти и откритија. Така, тие денес ги чувствуваат блиски музичките традиции од сите страни на светот – од модерен џез до класична Индиска музика, од Меланезиска, Африканска и Европска фолк до импровизирана музика. За музичарите, сите овие различни традиции и влијанија не се крајна дестинација, туку инспирација и почетна точка за музички развој. Тие можат да се забележат во бојата и текстурата на нивната музика, во сложените композиции и слободната импровизација, во употребата на вокалот и техниките на свирење, во смелите формации, а исто така и во необичната збирка на инструменти што ги користат – често изработени од нив самите и соодветно прилагодени на нивните индивидуални музички идеи. Уникатниот звук на Бои Аки произлегува од постојаната интеракција меѓу музичарите и изворите од кои тие црпат. Овој звук, изненадувачки нов, а сепак целосно препознатлив, ги обединува акустичните звуци и електронските звучни пејзажи со сестраниот, топол глас на Моника Акихари, која понекогаш пее на Англиски, а понекогаш на Харуку, јазикот на островот на нејзиниот татко. Во музичките проекти на Бои Аки, нивните длабоки, лични музички истражувања резултираат со хармоничен спој на навидум инкомпатибилни звуци, ритми и тоналитети, поништувајќи ги границите помеѓу старото и модерното, помеѓу музиката, приказната и поезијата и помеѓу Истокот, Западот, Северот и Југот.

 

КУТУ се формирани во Адис Абеба каде што францускиот виолинист и композитор Тео Секалди, повеќеслоен импровизатор и славна фигура на класичната музика и џезот во својата земја, го откри симбиотскиот глас на етиопската рок-пејачка Хејван Гебрeволд, добро позната на локалната вибрантна андерграунд музичка сцена по нејзиниот акробатски вокал и елегантни движења, како дел од 10-члениот рок бенд Јано. Заедно, тие се впуштија во авантура на создавање нов импровизаторски концепт кој ги спојува Азмари и Етио-џез корените со поезијата и грувот на светската урбана култура. Од поезијата на денешницата и селекцијата на етиопски племенски ритми, Тео Секалди гради сончев систем во кој се соединуваат импровизацијата, галопирачките вокали и панк енергијата, поддржани од моќна ритам секција и постава со заразна енергија: електро-вселенски клавијатури, древни перкусии, хипнотичен бас, заносен танц и небески гласови. Блескав етиопски транс состав, во кој слободата на џезот проникнува во суровата длабочина на Азмари звукот. КУТУ пленат и раздвижуваат со експлозија од волшебни ритми и енергија, наметнувајќи возбудлив танц, своевидна ведра духовност! Во Етиопија бендот се третира како еден вид НЛО поради својот речиси вонземски звук.

Утревечер 9 јуни, е четвртата и после

дна вечер на Оффест 2024.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.