СЕМЕЈСТВОТО АНДОНОВСКИ: Данците ќе ги изненадиме со сладолед од преспанско јаболко!

Репортажа од Балеруп!

Мишелин ѕвездите кои своевремено ги добиваше ресторанот „Нома“ во Копенхаген, на шефот Рене Реџепи, со потекло од Македонија, како и светската слава со која се здоби, своевремено, на моето прво патување во Копенхаген беше предизвик да го посетам макар накратко, макар и на едно кафенце кое нека чини и 20-30 евра … Па еднаш се живее, велиме сите, а мене желбата ми е голема, иако помодарка не сум. Клучното што влече е неговото потекло од истото подрачје како и моето, што е светски, а наш.

Во организација на клубот со жени со визија “Лоза” и со естрадниот уметник Ранко Рангелов го прошетавме Копенхаген, на 8 септември 2014 година, но до “Нома” единствено што апансас можев да направам беше тоа што ми остануваше да го направам- отидов до местото каде се наоѓа, ѕирнав однадвор и заминав.

Вечерната Осмосептемвриската прослава во близина на Копенхаген, каде од Малме, на таа незаборавна екскурзија нѐ пречека и однесе извонредната организаторка Лилјана Стоилковска, беше шанса таму да го сретнам мојот драг школски другар Васко Андоновски и неговата сопруга Елизабета со која и нејзините две помали сестри како деца делевме болнички кревет, и да му ги запознам четирите прекрасни деца Ана, Кристиан, Софија и Катерина.

Кога му кажав, многу беше срдечна поканата од страна на Васко за “Нома”, да одам кога сакам, тој ќе се погрижи за сѐ, ќе закаже во ресторанот, но мора неколку месеци претходно, затоа што без најава целиот успех може да ти биде сведен на една фотографија пред вратата на ресторанот (кој веќе за жал не постои) и “Се гледаме следна прилика!”.

Десет години подоцна, неодамна, за време на мојот евровизиски престој во Малме, на 7 мај, желбата барем накратко да се сретнам со мојот школски другар и неговото прекрасно семејство мораше да биде остварена, колку ноќта да се видиме, да си поприкажеме а и да ја уважам поканата на Елизабета ” Ти само дојди ако треба и на земја ќе спиеме”.

Спиење знаев дека ќе нема, муабетите траеја до изгрејсонце.

Од нив на самото место ја дознавам суштината на нивната работа и богатство, на данскиот капитализам, имено Васко се врати на полноќ, до 4 часот муабетевме, неколку часа само спиеше, па се разбуди и се подготвуваше за дневните обврски, а ние малку подоцна по него, откако премилиот тригодишен Петар ме разбуди со песна “Слушам кај шумат шумите” и извици Македонија Македонија…каде вели налето ќе дојдел многу му е убаво.

Станува збор за изненадувачко пријатен топол дом, огромна широка куќа со двор во која мојот другар живее со сопругата, двете прекрасни ќерки тинејџерки, синот снаата и двете внучиња- Петар и Јован, а најголемата ќерка е семејна и живее во близина. И куќа, во која секако не се спие на земја туку има избор каде сакаш да спиеш, на првиот или вториот кат, да пиеш кафе во тивкиот двор или да се ладиш во приватниот базен.

Васко е истиот чинам матурант (а и овој месец повторно ќе бидеме матуранти), работата го одржува свеж и во форма, а Бети е истата од кога лежевме заедно, различна е само животната приказна низ која сме поминале. За да денес успеам да видам едно хармонично семејство со многу многу успеси зад себе.

И тој и Бети се родени во Данска, па како деца се вратиле во Македонија, Бети со семејството а Васко сам, за да живее кај баба му и дедо му во Дрмени, па каде се и двајцата, и останале до матура а потоа пак заминале, и до неодамна сакале да се вратат, но сега Бети вели дека не е тоа нивна опција. Секојдневно е во комуникација со нејзините, како тазе предвремена пензионерка и баба на внуци, доаѓаат тука, но таму им е животот.

А и многу бизниси се во прашање. Мора сѐ да биде организирано во секој момент.

На пример, вредниот Васко повеќе од две децении имал заеднички сервис за чистење со своите двајца браќа, преку кој поминале над 1000 работници, а 70-тина од Македонија со нивна помош дури и се преселиле таму со семејствата. Кој имал желба за работа бил добредојден.

А од неодамна има свој сервис за чистење работи самостојно и со поспоро темпо ама и зафатен е и со други нешта.

На пример, иако сите негови деца се обезбедени со по неколку свои живеалишта, и удобност, и таму и во Преспа, и иако условно речено тој нема потреба за уште печалење, но неговиот вреден карактер не го остава да мирува, а сопругата, која исто така е многу вредна не само што го поддржува туку и двајцата во еден глас ни се пофалија дека секоја вечер го масира да го опушти, за следниот ден да е што поработоспособен.

Таа ми раскажува една анегдота дека кога она лето се омажила за Васко, имала еден одговор од свекрва си кој не го сфатила.

Васко ја поканил заедно да излезат на дневна прошетка до продавницата, а таа му рекла дека не може, додека свекрвата дофрлила “Гледај го сега, биди со него, зашто во Данска нема да можеш”.

Дури по триесеттина години од тогаш ѝ станал јасен овој муабет.

– Ова е Данска. Сѐ има, сѐ е убаво и ни припаѓа, но без работа не можеш да постигнеш ни да се прехраниш. Капитализмот те тера да си активен, вреден и посветен. Јас изгледав четири деца и работев на разни места, најдолго се задржав во детската градинка која е во наша близина, каде научив и да готвам…

Сега ми е јасно како таа ја направи онаа вкусна вечера со која ме дочека, повкусни лазањи навистина сум јадела, со многу разновиден зеленчук и месо, што морав и кришум да ги фотографирам.  Мишелин ѕвезда од мене за неа.

А и синот Кристиан го научила да готви толку одлично.

 

Таму ако не си најдобар во својата работа, нема да просперираш, тоа ги водело во изучување на своите професии.

Ми раскажува и за Васко. Можете да замислите иако го знаел јазикот и учел неколку одделенија во Данска, најпрво кога повторно се вратил таму не се потпрел на богатството на своите родители туку отишол во ресторан да мие чинии и додека миел чинии слушал лекции на дански јазик, да не губи време додека се вклопи повторно во средината.

Оттогаш досега починка, нема. Работа, работа и работа нон стоп. И ведар е, среќен што ја има таа можност.

Освен кога ќе дојдат налето во Македонија и не ја заменуваат со друга земја.

– В лето барате нѐ на таа адреса, во Преспа. Еднаш во конфликтот во 2001 година Васко уплати да одиме три недели во Италија, во Лаго ди гарда, заедно со наши пријатели. По една недела таму си ги спакувавме куферите и се вративме во Данска. “Кога не можам да сум во Преспа, не ми треба” ми рече. Таму си ги направивме и свадбите, ќерката е мажена за Македонец од Битолско и славевме во Битола, а синот со реденчанка и славевме во “Две лири”. Сите деца, а сега почнуваат и четирите внучиња, македонски зборуваат одлично.

Кај нив дома се зборува на мајчин јазик, а се гледаат македонски канали, најмногу со радост настап на внукот Живе Мешурески кога пее.

Со Васко се потсетуваме на школските денови, а следниот ден нѐ покани во нивниот бутик со сладолед “Балеруп исмејери”. Тогаш сфатив дека поминале многу децении од нашата матура, кога некој веќе сам со свој труд стигнал до таков бизнис статус.

Следуваше моето големо изненадување, во главниот трговски центар во центарот на Балеруп, местото каде живеат во близина на Копенхаген, се наоѓа навистина извонреден бутик на сладолед, во кој што допрва ќе се слушне уште повеќе. Низ цела Данска.

-Тешко е некоја идеја да ја пренесиш во стварност затоа што бара голем труд. Не е тоа само дека ќе направам мој бизнис, ќе го купам бутикот и завршена работа. Секојдневното одржување е тешко, ни раскажа.

-Јас го правам сладоледот,  а на пример вчера цел ден не праев само сладолед, вчера цел ден бев 40 километри подалеку по набавка на состојки. Бев да донесам па да се вратам. Има само двајца продавачи што продаваат италијанска роба, а мојот сладолед е по италијански рецепт. Одев, учев, се обучував за мајстор за сладолед. Треба да положиш сертификат за да ти дадат право за правење сладолед. Полагаш на курс. А јас затоа што работам повеќе години, умеам да го направам маестрално и купувачите ми го признаваат тоа. Јас го правам инсулинот, имам искуство во тој поглед и обучувачите само што ме видоа тогаш, само што им покажав како работам во само еден ден, почнаа да веруваат во мене. Денеска на пример, во шест тури направив 24 килограми сладолед. Изутрина направив лимон, чоколадо, карамел со морска сол, ф’стак, јаготка и лешник. Рецептите се нивни. Соодветноста колку млеко, колку шеќер зависи од сласта која треба да се постигне. Да го погодиш вкусот треба. Сладоледот се замрзнува во 15 минути. Прво се врти во машина, па го ставаш соодветно во метални кутии. Ако го чуваш на минус 16 трае две години односно на 15,6 верувајте. Во овој сладолед нема конзерванси, самата температура е таа што го држи. Се прави по италијански рецепт и со еколошко млеко. Сите состојки се еколошка и затоа имаме право да е еко сладолед. Но тоа значи и дека е поскапо. Едно топче 30 круни. Две топчиња 43. Едно топче 4 евра, две топчиња 5.7 евра. Нудиме и ајс кафето за 54 круни. Ајс кафе е со вистински сладолед. А фрапе е кафе со коцки, ни раскажува вредниот сопственик.

 

Балеруп полуде по овој прекрасен сладолед како и по сладоледите торти кои се прават тука, ни раскажуваат и купувачите кои постојано влегуваат. Има и зошто. А тука се продаваат и “hand made” (домашно изработени) чоколади и бонбониери од друга фирма, но исто така и тоа задоволство чини од 50 евра нагоре.

Бутик за сладолед постоел и пред тоа, го држеле Пакистанци, но со мајсторските прсти на Васко добил нов имиџ и станал тренд.

Како дошол на оваа идеја, ќе ви падне мило сега кога ќе ви откриеме.

-Ова го правам пред сѐ за снаата Марија. Јас сум сигурен дека неа не ѝ се работи во фабрика, да стане во 6 часот наутро, како што тука прават сите Данци, од тинејџерска возраст па нагоре. Во Македонија е друг систем, на кој таа е научена, а овде децата се научени на работа. Мојата снаа единствено може да работи вакво нешто, да дојде на смена, кога ќе може, сега се грижи за помалото внуче и е дома, но кога ќе работи, да може во 15-16 часот да си ги земе децата од градинка, а потоа да е слободна за домот и семејството. А и моите помали девојчиња наместо во околните кафулиња ќе си работаат овде. Најпрво ги прашав “Што сакате да отвориме овде, кафуле ли?”, сакав и гледав тука во центарот да биде, ама слабо има движење. Нема таква навика тука, движењето е помало отколку во Копенхаген. Но по сладоледот луѓето просто полудеа. Прашајте и ќе ви кажат- ова е најдобриот сладолед овде, правен по природен италијански рецепт. Лето, зима се јаде сладолед. Но тоа значи и дека местоположбата и целиот бизнис чинат многу големи пари. Еден милион и пол круни да го купиш само, но од срце за моето семејство, вели Васко.

Но она што пред да си одам ми го кажа мојата драга Бети, ме изненади повторно.

-Само што отворивме бутикот, во кој има дваесеттина видови на сладолед, прво на Васко му реков “А да ги изненадиме ние Данците со сладолед со вкус на преспанско јаболко”, на што овој пат Васко само одговори “Да, јас ќе ја изненадам сопругата со таква понуда, ама не кажувам кога. Сепак, следниот пак кога ќе се видиме овде, биди сигурна ќе вкусиш Преспански сладолед во Балеруп, зашто, не личи Преспанци а да не се покажат во своето вистинско светско пред светот. Ние само си знаеме колку сме горди на тоа”, вели насмеаниот Васко.

Очекувам, во најскоро време, а пред тоа не е исклучено да нѐ изненади и со ваков бутик и во Преспа, како што наслушнав, па да има со што да се насладуваме и овде.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.