Одбележан Денот на државноста на Хрватска во Битола и 30 години Хрватски културен центар и МХД „Марко Марулиќ“

Денот на државноста на Хрватска е еден од најзначајните за хрватската понова историја. Традиционално оваа  манифестација во Битола е во организација на Хрватскиот културен центар  и Македонско -хрватското друштво „Марко Марулиќ“ – Битола, а оваа година повторно беше организирана во соработка со КИЦ.-Офицерскиот дом. Хрватскиот културен центар, покрај Денот на државноста го одбележа и јубилејот 30 години постоење.

Препознатливиот далматински мелос, во Битола го пренесе далматинската женска клапа од Јелса, Хвар, „Фреција“, вокалната група „Ангелини“ во придружба на тамбурашкиот оркестар од КУД. „Клоштар“-општина Клоштар Иваниќ, Загребачка жупанија, a како специјални гости настапија едни од најнаградуваните ученици од Државното музичко училиште Битола (со кое Хрватскиот културен  центар неодамна потпиша Меморандум за соработка): Алексеј Белевски, Матеа Стојаноска и Климент Ристески, во придружба на професорката Доминика Робе Поповска.

Манифестацијата започна со македонската и хрватската химна.

На присутните се обрати претседателот на Хрватскиот културен центар, Бранко Маретиќ кој истакна дека овој ден е многу значаен за Хрватска и Хрватите, без разлика каде се наоѓаат.

„Посебно ми е задоволство што оваа година го организираме ова дружење, заедно со институциите и поединците кои се наши пријатели. Се надевам дека ќе продолжиме со вакви средби, но и со нови, со реализација на новите проекти помеѓу двете држави, посебно на културните активности.

Во текот на изминатите 30 години Хрватскиот културен центар од Битола, воспостави соработка со сите релевантни институции од Македонија и Хрватска, беше иницијатор на неколку збратимувања со општини и КУД-ови, ги одбележа сите позначајни празници и датуми на РХ, организираше гостувања на актери, музичари, КУД-ови, групи, делегации од Македонија во Хрватска и обратно, се со цел збогатување на културниот мозаик на Битола, како и поголема соработка на двете пријателски земји“.

Присутните ги поздрави и Стјепан Домјанчиќ, воено аташе при Хрватската амбасада во Скопје:

„Посебно ми е задоволство што ја имам можноста да ве поздравам и што сум тука на традиционалното одбележување на Денот на државноста на Република Хрватска, посебно сакам да го поздравам претседателот на хрватскиот културен центар “Марко Марулиќ“ – Бранко Маретиќ, кој веќе 30 години работи на продлабочување на односите на двете држави.

Ме радува тоа што сум во Битола, град кој има посебно урбано живеење, а тоа се чувствува насекаде, посебно на Широк Сокак. Битола е град кој научи како да се живее со другите и тоа да го пренесува од генерација на генерација“.

Општина Битола и овој пат како и во текот на изминатите 30 години ја поддржа оваа манифестација. На истата гостите ги поздрави заменик градоначалникот на Битола – Бојан Бојкоски.

„На господинот Маретиќ кој е наш домаќин, на претставниците на Хрватска кои се вечерва со нас, и на сите Хрвати во Битола им го честитам Денот на државноста на Хрватска во име на градоначачникот кој е отсутен и во мое име. Мене ми е посебно драго што господинот Маретиќ триесет години ги негува односите помеѓу двете држави, а посебно меѓу Битола и општините во регионот со градови од Хрватска. Битола има два збратимени градови од Хрватска и тоа Риека и Осиек со кои се надевам дека ќе ја збогатиме соработката. Се надевам и дека Република Хрватска ќе биде и понатаму наш пријател и ќе ни биде ветерот во грб на патот кој Европската Унија, како и досега“.

На оваа свечена манифестација присуствуваа членови на Македонско хрватското друштво, дипломатскиот кор на Битола, членови од другите здруженија од Македонија, од Охрид, Струга, Скопје, Хрвати кои живеат во Битола, градоначалниците на Новаци, Могила, Македонски брод, претставниците од католичката црква “Пресвето Срце Исусово“љубители на хрватската култура и други.

На крај беа доделени благодарници на институции и поединци со кои Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ соработуваше во текот на овие 30 години и ќе соработува во иднина, а дружењето продолжи со пригоден коктел во Премиер центар каде се пееја македонски и хрватски песни.

 

Фотографии: Concept production Битола

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.