Ние ги уживаме, светот ги признава!
Националниот џез оркестар вечерва, Први Јуни 2024 година, оствари уште еден голем концертен успех со кој повеќе од дефинитивно со голема комотност во констатацијата може да се каже дека го продолжуваат просветителското дело на некогашните просветители, првенствено на Свети Климент, како и на Свети Кирил и Методиј, но во една поинаква, современа варијанта, ширејќи ги вредностите на уметничките достигнувања и цивилизациски придобивки, вредностите овој пат на музичко описменување и афирмација.
Кои, наидуваат на сѐ поголема потврда и од светски реномирани уметници и великани, затоа што нивната генијалност толку лесно ги проби границите на овие простори, и стана нивни знак на препознавање, нивна главна одлика, што е сѐ уште зачудувачко за нас, воедно и одушевувачко.
Тие, Националниот џез оркестар, вечерва во Македонски народен театар остварија заеднички концерт со светски познатиот тапанар Џон Рајли и, за нас добро познатиот диригент, Зиги Фајгл, кој самиот на сцена кажа дека ова му е петти пат во Македонија, и дека многу му е убаво.
Зиги Фајгл, беше баш како дома. Се почувствува дека се чувствува како на домашен терен, слободен и добро вграден во бендот, и она што останува највпечатливо е што со врвна почит без ниедна грешка во текот на вечерта ги кажа имињата и презимињата на целиот бенд, како и тоа дека овие неколку денови одржувале напорни проби, но нему му е посебно драго што соработува со толку врвен оркестар.
Воедно, не е нарцисоидно ако забележиме дека сета таа почит која ја покажа именувајќи ги наизуст и поздравувајќи ги еден по еден, говори само за какви признати музичари станува збор, кои за кај нас не е чудно што веќе важат за култни, иако како оркестар постојат само неколку години, но со некоја своја брзина се вивнаа и во очите на оние кои се на плафонот, во очите на светската музичка елита.
Зиги е, инаку, светски познат диригент, водел различни биг- бендови и ансамбли, меѓу кои биг бендот во Грац, каде што е и декан и професор на Универзитетот за музика и изведувачки уметности…А се стекнал со репутација за неговото вешто лидерство и иновативни аранжмани.
За разлика од потемпераментниот на сцена Зиги, тивкиот Џон Рајли e четирикратен добитник на Греми наградата, од вкупно 14 номинации, Џон има реализирано стотици снимки и настапи со Мајлс Дејвис, Дизи Гилеспи, Стен Гец, Вуди Херман, Џон Скофилд, Џо Ловано, Карнеги Хол џез бендот, џез оркестарот Вангард и многу други.
Многу весел деведесетминутен концерт ни направија вечерва, со одбран разигран репертоар кој заврши со “Only The Greatest” (наслов кој заслужено им го припишуваме), а беа отсвирени композиции од оркестарот Тед Џонс/Мел Луис, оркестарот Vanguard Jazz, како и од Бади Рич биг бендот и Оркестарот Стен Кентон, создадени од повеќе различни композитори меѓу кои: Тeд Џонс, Џим Мекнили, Боб Брукмаер, Бил Холман.
Со извонредни стандарди и аранжмани се истакнаа уште повеќе способностите на гостинот- тапанар.
Изведбата на единствениот бис “Interloper” диригентот Зиги го оправда како нешто за кое знаеле дека ќе се случи на барање на публиката и затоа и ја извежбале и таа точка.
Од Македонски народен театар сите заминаа со голема радост и исполнети музички очекувања, затоа што овие џезери, и тоа како умеат да го “вбризгаат” тоа чувство кај своите посетители.
Мисијата се исполнува сѐ повеќе и повеќе, а ние овој концерт ќе си го запишеме во своите нотеси како уште едно незаборавно дружење со магичните џез ноти, на македонски начин а во светски манир.
“Не сме компетентни да коментираме ваква убавина, доволно е само да ја слушаме”, беше коментар на една дама на самото излегување…
Валентина Ѓоргиевска Парго