Столе Попов се закити со “Златен објектив” од Кинотека

На 29 мај 2024 година, во киносалата на Кинотеката на Македонија се одржа свеченото доделување на „Златниот објектив“ на големиот доајен на филмската уметност Столе Стојан Попов.

Ова признание Попов го доби за својот исклучителен придонес во развојот на македонската кинематографија, плодното творештво и белегот што го остави во домашната филмска индустрија- како филмски автор, продуцент, сценарист и професор, влијателен и конструктивен во градењето на културните политики за развој на домашниот филм.

 

По доделувањето на „Златниот објектив“ за 2024 година, Попов говореше за своето филмско творештво и работно искуство преку разговор кој беше модериран од страна на Илинденка Петрушева, познат филмски критичар, автор и истражувач на историјата на македонската и светската кинематографија.

Се осврна на низа сеќавања, на своите филмови и на снимањето на спотот за песната “Скопје” со “Леб и сол”, а со присутниот Влатко Стефановски во таа прилика направија и селфи- фотографија за спомен, затоа што од снимањето на спотот своевремено не направиле фотографии.

 

 

 

 

 

Вечерта, се одржа проекција на култниот ТЕТОВИРАЊЕ (1991), првиот игран филм создаден во независна Република Македонија кој, несомнено, и по својата содржина, одличните актерски достигнувања, познатите реплики и многу други нешта е впечатливо и единствено филмско дело. По проекцијата на филмот Столе Попов одговараше на прашања на публиката во Q&A сесија модерирана од Саша Станишиќ,и Јане Алтипармаков режисери од помладата генерација, инаку некогашни студенти на Попов кога тој беше професор на Факултетот за драмски уметности.

Оваа година Кинотеката воведе уште едно признание, т.н. „Специјален Златен објектив“ наменето за луѓето кои професионално се занимаваат со филмска архивистика и кинотечна дејнос.

Добитник на специјалното признание на Кинотеката за 2024 година е Киро Велков, долгогодишен филмски техничар, киноапаратер и филмски архивист, а доделувањето на признанието за неговиот придонес во развој на кинотечната дејност се одржи во рамките на овој пладневен настан.

 

Досегашни добитници на ова признание биле режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов ( таткото на Столе) и Кирил Ценевски, актерот и режисер Коле Ангелов, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митровска, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Луковска-Дончиќ и Спасе Тасевски, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, продуцентот Панта Мижимаков, филсмките критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски Доре, композиторот Љупчо Константинов, костимографите Елена Дончева и Зорица Тодорова-Младеновиќ, тон-мајсторот Глигор Паковски, сликарот Коле Манев и филмскиот работник Коста Крпач.

 

****

 

Столе Попов е роден 1950 година во Скопје, а во 1973 година дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Снима уште како студент, а со првите документарни филмови како филмски професионалец – ОГАН (1974) и АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА (1977), тој веќе се етаблира како талентиран филмски творец со препознатлив стилски и естетски сензибилитет. Од 1978 година, се вработува во „Вардар филм“ – и веќе следната, 1979 година, со ДАЕ, документарецот за ромското население во Скопје – станува прв македонски автор кој е номиниран за престижниот американски „Оскар“, тогаш како претставник не само на македонскта, туку и на југословенската кинематографија во тоа време. Потоа, снима бројни рекламни филмови – за Алкалоид, ГП Маврово и ХЕК Југохром, а првиот негов игран филм – ЦРВЕНИОТ КОЊ, го реализира во 1981 година. По тоа следуваат долгометражните филмови СРЕЌНА НОВА ‘49 (1986), ТЕТОВИРАЊЕ (1991), ЏИПСКИ МЕЏИК (1997) и ДО БАЛЧАК (2014), поголем број негови менторски и продуцентски проекти, како и неговиот професорски ангажман на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Член е на Европската филмска академија, а еден период беше и директор на државната продуцентска куќа „Вардар филм“ во тоа време.

 

Во 2011 година – неговите филмови (три документарни и четири играни дела) беа дигитално реставрирани и објавени во форма на ДВД-издание – што воедно беше и првиот проект за дигитална реставрација реализиран од страна на Кинотеката.

 

Речиси сите негови филмови – и документарните и играните – се наградувани на бројни регионални и на светски фестивали, а некои од нив – како на пример ТЕТОВИРАЊЕ и СРЕЌНА НОВА ’49 – се здобиваат и со култуен статус кај различни генерации од тогашната домашна македонска и југословенска публика, и тој статус само се зголемува и продлабочува со минувањето на времето…! Тоа е и еден од најголемите и вистински показатели за неговата авторска оригиналност и специфична филмска естетика и квалитет – заедно со неговата филмска оставштина и залог помеѓу поновите генерации на филмски автори и промислувачи на филмот кои дошле и доаѓаат по него – поттикнати, окуражени и инспирирани од неговиот длабок естетски и специфичен филмски опус, и од неговиот високо значаен стилски авторски белег кој тој го остава во македонската кинематографија…

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.