Се одржаа “Преспански треперења” во Стење 

На 24 мај 2024 година во преспанското крајјезерско Стење се одржа втората традиционална средба на поети во организација на здружението за граѓанска иницијатива во културата „Жар“ Преспа од Ресен.

Во кругот на манастирот кој е во изградба „Св. Кирил и Методиј“ своите песни ги прочитаа учесници од повеќе градови и места од нашата земја, како и гости учесници од странство, посветени на големите просветители.

Овој настан имаше и хуманитарен карактер бидејќи дел од средствата ќе бидат донирани за доизградбата на манастирот „Св. Кирил и Методиј“.

„Оваа манифестација очекувам да биде богата, пред сѐ во духовна смисла, а за тоа, сите ние ќе дадеме свој придонес. Сведок нека ни биде Крстот на црковната купола што гледа од исток додека небото ги запишува стиховите што преку езерските води ќе ги разлева ветрот на сите страни“.

Со овие зборови професорот и лектор Влатко Стојковски кој професионално го водеше настанот ја започна програмата. Прва се обрати талентираната писателка Маријана Митревска, еден од организаторите и реализатори на целиот овој проект, а потоа м-р Даринка Веслиевска претседател на здружението ЖАР Преспа Ресен ја отвори програмата. Тие две и оваа година бодро тргнаа во уште една обединувачка и богоугодна мисија.

На настанот присуствуваа четириесеттина од вкупно 73 поети и писатели со богато творештво од сите краеви на Македонија, присуствуваше и госпоѓата Мирјана Светозаревиќ од Ниш Србија. Сите на свој трошок патуваа многу километри за да учествуваат и заедно ја направат промоцијата на заедничката истоимена збирка „Преспански треперења“.

Се доделуваа благодарници за учество, а настанот со весели музички точки го збогатија групите Дуо Персиди: Тони Карапанчевски- Леко и Кристијан Милошевски и Здраве мјузик: Благојче Тодоровски, Бојан и Дарко Здравески.

Вратите и срцата широко ги отворија и овогодинешните кумови кои на нивни трошок обезбедија богата трпеза, почитуваните Невена и нејзиниот син Горан Ангеловски со фамилијата се главна поддршка и иницијатори токму оваа приказна да ја започнат тука.

Овој проект се реализираше со многу скромни финансиски средства: од донации од три фирми и две физички лице кои сакаа да останат анонимни. Средствата беа наменети за печатење на збирката и благодарниците, а за тоа беше одговорен Илија Мерковски со издавачката куќа Дата Песнопој од Битола и печатницата Ирис принт од Струга. Секогаш тука за здружението се Дооел Румко и Чокомил Дооел Ресен кои донираа дел од нивните производи. Хотел „Рива“ од Стење, подрачното училиште „Браќа Миладиновци“, и жители на селото помагнаа со инвентарот. Превоз од Ресен- Стење и обратно обезбеди Општина Ресен.

Штанд со ракотворби имаа три девојчиња, а со преубави магнети од глина се претстави единствениот во овој крај грнчарот Ристе Шулинчевски.

Настанот течеше убаво во дворот на преубавата црква„Свети Кирил и Методиј“ која сеуште е во изградба и како што рече еден од учесниците Мирко Томовски: „Едни се хранеа со посна храна, а други со духовна храна“. Со убави стихови, ора и песни беа весели сите гости кои ги имаше во голем број.

Овој настан е од огромно значење за Преспа, Ресен, за селото Стење, за луѓето. Ова не е само културен настан, ова е обединување, создавање заедничка збирка која дава почит кон христијанството, негување на македонскиот јазик, пред сѐ благодарност кон сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј за нивните дела. Овој настан имаше и хуманитарен карактер, дел од средставата ќе бидат наменети за доизградба на црквата.

Фотографот Сашо Ставрев ги долови сите детали на настанот и низ прекрасни фотографии остава спомени за овој прекрасно поминат ден.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.