Концерт на „Хрватски гитарски квартет“ во Македонската филхармонија

Платформата „За тебе“ организира настап на меѓународно познатиот „Хрватски гитарски квартет“ во Скопје.

На 28 мај, во 20.30 часот на големата сцена во Македонската филхармонија, во организација на платформата „За тебе“ за првпат ќе гостува „Хрватски гитарски квартет“ во состав: Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ.

Новооформената платформа „За тебе“ се залага во континуитет да промовира атрактивна, пред се, музичка културна содржина и меѓународни гостувања на светски и регионални докажани музички артисти.

Концертниот настап на „Хрватски гитарски квартет“ ќе биде посветен на жената, како синоним на духовноста. Недвојбено, жената како гласот на мудроста, одмереноста, грациозноста, нежноста, стаменоста, храброста и истрајноста – жената како борец, хероина против неправдата, која исправено стои, борејќи се за социјални и општествени промени.

На програмата ќе бидат изведени дела од: Луиџи Бокерини, Антонио Вивалди, Астор Пјацола, Рафет Руди, Мирослав Милетиќ, Гордан Тудор, Сергеј Прокофјев и Зоран Јураниќ.

Гитарската четворка Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ го одржале својот прв заеднички концерт во 2016 година и оттогаш имаат отсвирено бројни турнеи низ Хрватска, Италија, Словенија, Чешка… вклучително и неколку премиерни изведби на дела од композитори како Викторија Чоп, Гордан Тудор и Зоран Јураниќ, како и настапи со Загрепските солисти и Вараждинскиот камерен оркестар. Ја добија наградата „Орландо“ на Хрватската радио-телевизија за нивниот концерт на фестивалот „Дубровничко лето“ во 2017 година. Од 2020 година, овој ансамбл настапува под името „Хрватски гитарски квартет“ и истата година го објавија албумот „Guitarrismo“ за „Кроација рекордс“, кој доби две номинации за „Порин“. Во 2022 година, објавија албум под името „Багатели за домашна употреба“ („Кантус“). „Хрватски гитарски квартет“ изведува дела од сите музички епохи, со посебен акцент на делата на хрватските композитори.

Концертното гостување се реализира со поддршка на „Смаргд 1969“, „Мерлин солушн“, „Гигабел“ и Why агенција.

 

 

Загрепскиот гитарист Зоран Дукиќ се наобразувал на Музичката академија при Универзитетот во Загреб, а се доусовршил на Универзитетот за музика и танц во Келн.

Дукиќ е еден од најнаградуваните хрватски гитаристи ширум светот. Има настапувано на сите континенти. Тој е единствениот гитарист што победил на двата меѓународни натпревари „Андрес Сеговија“ (во Гранада и во Палма де Мајорка). На најголемиот шпански натпревар по гитара во Мадрид, одржан под покровителство на кралското семејство, тој не само што ја освоил првата награда, туку бил и првиот странски државјанин што ја добил наградата за најдобра изведба на шпанска музика.

Петрит Чеку е роден во Призрен, Косово, дипломирал на Музичката академија во Загреб и ги продолжил студиите во Балтимор, САД, на конзерваториумот „Пибоди“. Предава камерна музика за гитара на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац, Австрија. Има изведувано рецитали низ целиот свет и бил солист со симфониски оркестри како Балтиморската симфонија, Калгариската филхармонија, Чешката камерна филхармонија, Теџонската филхармонија, Државниот оркестар „Ермитаж“ од Санкт Петербург, Панонската филхармонија и Загрепската филхармонија. Пофален од „Калгари Хералд“ како „природен гитарист, со силен, продорен звук“, Чеку е првонаграден на многу меѓународни натпревари за гитара, вклучувајќи ги и најпрестижните како „Паркенинг“ (Малибу, САД), „Шадт“ (Алентаун, САД), „Биасини“ (Болоња, Италија) и „Питалуга“ (Алесандрија, Италија). Тој бил единствениот класичен музичар на турнејата „Night of the Proms 2018“ со Антверпенската филхармонија под диригентство на Александра Ариече, на која учествувале великани на поп музиката како Брајан Фери, Мајлоу, Сил и Сузан Вега. Соработувал со наградуваната режисерка Калтрина Красниќи и компонирал оригинална музика за нејзиниот долгометражен филм „Вера сонува за морето“, кој премиерно беше прикажан на Филмскиот фестивал во Венеција во 2021 година.

Марое Брчиќ е роден во Дубровник, Хрватска, каде живее и денес. Дипломец е на Музичката академија при Универзитетот во Загреб. Предава гитара на Уметничката академија при Универзитетот во Сплит. Брчиќ речиси 30 години настапува на концертните сцени како солист, како член на камерни состави и како солист со оркестарска придружба (оркестарот на Хрватската радио-телевизија, Дубровничкиот симфониски оркестар, Вараждинскиот камерен оркестар, Загрепските солисти, Мостарскиот камерен оркестар, Сараевската филхармонија, Темишварската филхармонија, оркестарот на Македонската национална опера и „Гнесин виртуози“ од Москва). Има настапувано низ Европа, Азија и Северна Америка. Брчиќ ја добил Ректоровата награда на Универзитетот во Загреб, наградата „Милка Трнина“ (со Дубровничко гитарско трио) и е двократен добитник на наградата „Орландо“ на фестивалот „Дубровничко лето“.

Твртко Сариќ е роден во Госпиќ, Хрватска. Завршил на Музичката академија при Универзитетот во Загреб, а на музичката академија „Ино Мирковиќ“ во Ловран, завршил едногодишна специјализација. Имал концерти низ Словенија, Австрија, Италија, Германија, Полска, Босна и Херцеговина, Мексико и САД. Како солист настапувал со Загрепската филхармонија, Загрепските солисти, Гудачкиот оркестар на Целје, Вараждинскиот камерен оркестар, со речиси сите гудачки квартети во Хрватска и како член на Ансамблот „Кантус“ за промоција на современата музика. Снима за издавачки куќи во Хрватска и во Словенија. Добитник е на наградата „Порин“ за најдобар албум за класична музика (настапувајќи во албумот на Берислав Шипуш „Заједно“, „Кантус“, 2018 година). Основач е и уметнички директор на неколку концертни серии во областа Госпиќ. Тој е доцент на Одделот за наставнички студии при Универзитетот во Задар, а предава и на музичкото училиште во Чрномељ. Во 2012 година го основал хорот „Дегенија“. Во 2017 година бил награден со Ректоровата награда на Универзитетот во Задар за „извонредни достигнувања воу метничката работа и управувањето со хорот“.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.