Проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска е родена на 3.02.1979 година во Битола, Р. Македонија. Работи како универзитетски професор на Педагошки факултет-Битола на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола на група методички предмети меѓу кои Методика на наставата по македонски јазик, Методика на почетно читање и пишување, Методика на креативното пишување и Методика на критичка писменост. Пишува поезија, кратки раскази, есеи и критики, но и научни и стручни трудови од подрачјето Образование кои се објавени во референтни интернационални научни публикации.
Член и коосновач е на Универзитетскиотлитературен клуб Дениција ПФБТ – УКЛО Битола и Центарот за литература, уметност, култура, ораторство и јазик на Педагошкиот факултет во Битола. Член е на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), Битолскиот книжевен круг (БКК) и Македонското научно друштво Битола (МНД). Претседател е на Уредувачкиот совет на МНД, Комисијата за издавачка дејност на Педагошкиот факултет-Битола, а уредник е на списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво Современи дијалози (МНД) и на списанието за литература Раст во издаваштво на Битолскиот книжевен круг.
Ги има објавено следниве книги поезија: „Збор за зборот“ (со Златко Жоглев и Гордана Стојаноска, Матица македонска, Скопје, 2014), „Поема за маргините“ (со Гордана Стојаноска, изд. Македонско научно друштво, Битола, 2015), „Црна точка“ (изд. Битолски книжевен круг, Битола, 2017), „Стапалки“ (изд. Македонско научно друштво-Битола, 2017), „Три“ (изд. Современост, Скопје, 2019). Во процес на објавување е и поетската збирка со наслов „Куќа на контрасти“.Застапена е во домашни и странски литературни списанија и публикации, а учествува и на домашни и на странски литературни манифестации. Добитник е на меѓународна награда од Носиде, Италија (2011), награда за најдобра необјавена песна од Друштвото на писатели на Македонија на манифестацијата „Празник на липите“ 2018, втора награда на Караманови средби 2018 и наградата „Крсте Чачански“ за најдобра необјавена збирка раскази во 2019 со наслов „Кафе чај и црвено небо“.
ВЕРТИКАЛНА ЉУБОВ
има една вертикална линија
која никогаш не ја менува позицијата
колку сакаш удирај ја со тупаници
по стомакот
колку сакаш влечи ја за коса
плази ѝ го јазикот
играј стоејќи на раце пред неа
викај по неа за да те чуе
пуштај крв пред неа
менувај си го името
беси ѝ се на вратот
бакнувај ја нејзината сенка
скокоткај ја за да се насмее
колку сакаш гледај ја в очи
за да те препознае
колку сакаш и што сакаш прави ѝ
за да се накриви кон тебе
таа пак ќе биде ѕидот
меѓу тебе и светот
(Од „Куќа на контрасти“)
ТАМУ КАДЕ ШТО СТАКЛОТО Е БЕСПРЕКОРНО ЧИСТО
НИКОЈ НЕ ЖИВЕЕ
спалната соба не знае да молчи
во неа и тишината има своја артикулација
– си легнува врз ѕидовите
и дише со белешките на сонуваното време
и прозорецот е намовнат
и по него солзат откинатите воздишки
во кои слободно се чуваат
есенцијалните масла на бесконечниот миг
таму каде што стаклото е беспрекорно чисто
никој не живее
(Од „Куќа на контрасти“)
Прва димензија
една лушпа од орев со скршеница на долната
вилица долго се тркалаше по асфалтот
на изгубените погледи
понекогаш ветерот си играше
со остатоците од нејзините мозочни ќелии,
а сонцето се пикаше под неа барајќи сенка
на жешкиот плоштад на кој сите го пиеја
пладневното кафе со многу шеќер
во горчливиот збор на осаменоста
понекогаш дождот ја измиваше маската во неа
пред таа да се залепи за некој нов мекотел
кој од неа ќе бара или сѐ или ништо
eдна лушпа од орев со скршеница на долната
вилица долго се тркалаше по асфалтот на
изгубените погледи каде сите гледаа, но не можеада видат
(Од „Три“)