ВО ПРЕСРЕТ НА ПРАЗНИКОТ СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ: Охрид и Струга цветаа со мироцвеќето на Цветин и со песната на Хорот “Вања Лазарова”

20 мај 2024

 

Мирисот на пролетта и тивкото доаѓање на летото вчера беа запечатени со цветни цртежи и разлеана магична песна во Струга и Охрид, во неколкуте настани кои со филмско темпо се случуваа во овие два града, и во кои спонтано уживаа неколку стотици граѓани, туристи, случајни минувачи.

Имено, во организација на уметникот Живко Поповски- Цветин, Македонското здружение за култура обичаи и традиции “Гороцвет” и Хорот на Ансамблот “Вања Лазарова” од Скопје, беше организирана необична програма со која се славеа песната, поезијата, уметноста и природата. Уметникот и хорот од Скопје каде што одеа оставаа траги на убавина и повик за веселба на срцата.

Песната одекна уште на Стража, непосредно при самото тргнување на патувањето, каде во прегратките на планината се слушнаа рефрените на познатата народна песна “Ја излези Ѓурѓо”, нешто што ги сопре и собра на едно место како публика луѓето кои патуваа и поминуваа на ова планинско место, а застануваа на мала починка.

 

Со тоа беше направен официјално- неофицијалниот влез во програмата, за која не беше напишано на хартија и сѐ се одвиваше непречеше на збор и договор. И без посебни процедури и протоколи. Спонтано.

Во таков манир педесеттина патници во оваа уметничка експедиција се собраа и во Паркот на поезијата во Струга, сѐ уште под ситни капки пролетен дождец и под цветно исцртаниот чадор на Живко Поповски Цветин, за да пред секоја плоча со запишаното име на славните поети кои некогаш тука дошле биде искажан, изрецитира, прошепнат или силно викнат некој стих на Ален Гинсберг, Томас Шапкот, Влада Урошевиќ, Матеја Матевски, Хусто Хорхе Падрон, Десанка Максимовиќ, Булат Окуџава, Блаже Конески, Ежен Гилвик, Андреј Вознесенски, Генадиј Ајги и други песни кои тие му ги посветиле на Цветин, а да се заврши со суптилна рецитација наузист на антологиските стихови “Т’га за југ” од браќата Миладиновци, во нивната Струга, кои рецитаторката ги изрецитира на оригинален архаичен начин како што биле запишани, запаметувајќи ги уште од училиште,стихови врежани во нејзиното паметење и до ден денес и кажани без грешка.

Заедничката фотографија пред црквата во паркот, Свети Никола, веќе го навести и Сонцето кое се беше појавило во тие неколку минути и кое сѐ посјајно светеше, чиниш “каде одиме, Сонце носиме” како што низ смеа велеа хористките предводени од Цветин, кој впрочем прв ја даде оваа констатација.

Мостот на поезијата, познат како славниот дрвен мост на поезијата беше следната одредница каде се спојуваат сончевите зраци и ситните капки од зашумолениот и разигран Дрим, на месото каде се влева во Охридското езеро, и кои од вителот скокаа нагоре и ги оросуваа и ги освежуваат лицата на луѓето на мостот.

Е тука се засили дејствието, повторно по некоја поетска рече беше главна, но уште погласно беше музичкот претставување на величествениот македонски хор со големо име, пред кој застануваа посетителите од најмлади до најстари, да го слушнат како занесно и опојно ги шират рефрените од песната “На Струга дуќан да имам”, изведена и со хармоника, гитара, тарабука, и секако ѕвонливите грла на преку триесеттина хористи и хористки на “Вања Лазарова” под диригентство на маестро Лазе Трпковски- Ласко ( на јавноста познат како врвен композитор и некогашен раководител на Ансамблот “Танец”).

Уметникот Цветин, кој го имаше главниот збор и целата маршута во својата визија, на минувачите им даваше цветни цртежи, на најмалите со особено внимание, но посебно место во целиот тој уметнични ритуал зеде пуштањето на мироносната порака од мостот по водите кај што истекува реката Црн Дрим.

“Со мироцвеќе и песна по љубовниот пат на јагулата”, поточно беше насловен целокупниот настан, па затоа пред да биде пуштена пораката за патот на јагулата, која го одбележува овој град, за тоа ни раскажа професорката во пензија Снежана Зафировска.

 

Заедничкото дружење во ресторан “Солферино” не значеше само закуска и освежување со пијалоци, и тука се разлеа песната, и тука се кажаа зборови и сеќавања, а најмногу доминираа сеќавања и раскажувањата на Цветин дека е тоа хотел во кој отседнува за време на Струшките вечери на поезијата, каде црта и ужива во прекрасниот зелен и уреден крајезерски двор, и каде некогаш тоа било одморалиште на Црвен крст а тој доаѓал како прв Претседател на Црвениот крст на Македонија од 1992 до 1996 година.

Три цветни цртежи, во чест на топлото гостопримство ѝ подари на сопственичката на ресторанот, каде дружбата се заврши со играње ора на тревата, песни и силно отпеаната “Бисер балкански”.

 

 

 

Охрид е следната точка. Веќе силно облеан во Сонце и весели раздвижени шетачи по плоштадот, некогаш познат по калдрмата, каде во пресрет на празникот на сесловенските просветители, на 24 Мај, кој се слави и како патронат на градот, поезија и песна се изведоа и покрај спомениците на Браќата Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски и Григор Прличев.

Плоштадот беше накитен со “песна и цртежи”, хорот “Вања Лазарова” ги запеа “По пат одам” , “Железар”, “Брала мома капини” и неколку други.

Развојот на настаните отиде во уште поубав правец. Тука се придружија и роднокрајните поети чија реч е надалеку позната, Митре Манговски Радождански, Митко Кољушевски, Миладин Угреновиќ Мидвес, Мирко Томовски, а фолк пејачот Петар Нечовски помина само да ги поздрави срдечно своите колеги по песна.

Да се прочита Пофалното слово за благородниот лик на Кирила од Климент Охридски беше идеја донесена во од, па затоа во недостиг на парче хартија на кое ќе биде испишана, една од присутните хористки, која некогаш студирала и старословенски јазик со љубов се нафати да ги прочита од мобилен, колку што може и со неизбежни грешки во такви импровизирани услови, но секој искажана дума кон светиите само позитивна вибрација е промисла упатена кон сводот и грешките не се сфаќаат како грешки. Аплауз следуваше и за таа изведба.

Ако тука е завршен тој дел, следува и кулминацијата и финалето на прекрасно исполнета и набиена агенда. Сите заедно, за покана на сопственикот, се упативме кон бродот “Александрија” и тука се продолжи, односно се повтори со истите изведби – “Македонско девојче” беше плус додадена.

Додека се пееше случајните минувачи и туристи се собраа во бројка над стотина и стрпливо чекаа да ги ислушаат изведбите и дури потоа да се качат на бродот.

Никој не прашуваше што се случува, сите само уживаа,а оние кои сакаа да го имате тоа за спомен, снимаа и фотографираа со своите мобилни.

Денот тргна кон зајдисонце, тргнавме и ние кон својот пат за назад, за Скопје. Испратени низ чаршијата од охриѓанецот Миле Трпеновски од Црвен крст кој сега како пензионер твори пишува и ни раскажува за својата книга ” „Впечатоци за хуманоста“, напишана заедно со Љупчо Милкоски.

Чекор по чекор тргнавме за назад, веќе изморени но сѐ уште со музичка програма и песни на усните и на враќање, кои се мешаат и со музичката кој ни ја пушташе пријателски расположениот возач на автобусот, и, додека вредната организаторка Ленче Чолаковска ни раскажуваше за легендата Вања Лазарова како нејзина блиска лична и семејна пријателка, маестро Лазо Трпковски- Ласко ни раскажа и за други музички легенди, од времето кога тој бил најактивен во музиката во Македонија, Југославија па дури и со свои музички композиции стигнал до Олимпијадата во Русија…

Аплаузи, аплаузи, аплаузи, за оваа незаборавна и благотворно мироносна мисија на големите и од срце посветени уметници и уметнички!

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.