(Специјално од Евровизија 2024 за КулАрт)
Секоја година на моите евровизиски патувања учам по нешто ново, годинава по 15 ервовизиски пат. Нешто кое дотогаш не сум го слушнала и видела, без оглед дали во таа земја некогаш сум била и претходно како туристка, имам пријатели со кои редовно комуницирам, или читам преку интернет или книги. Едноставно, ја истражувам, и приликите на земјата каде одам, и потоа наместо некои работи да ми се јасни, учам нешто ново и за нашата земја, затоа што ми отвораат сѐ повеќе прашања, споредби и контрасти.
Оваа година на пример во Шведска добив нова лекција за само половина час откако слетав и пристигна веселата четири члена екипа од прекрасни млади луѓе да ме земат со автомобил, зашто од аеродром до Малме има триесеттина километри.
Си поминавме прекрасно и се посмеавме, и многу ми е жал што не се фотографиравме за спомен од убавиот пречек, не ми ни падна на ум, уште не бев соземема од промената на атмосферски нивоа низ кои поминува авионот, а мене ме омалаксуваат… Но, фотографија за спомен сепак имаме.
Нѐ фотографира самата држава Шведска. На најкултурен начин. За добредојдов!
Возејќи се ние така по сосема сосема празниот автопат во кој наоколу нема ништо освен дрвја и шума наеднаш светна силна блиц светлина и слушнавме силен заглушувачки звук, така што јас ги прекрив ушите па очите со рацете, помислив дека е гром од ведро небо кој паднал врз нас и се свртив околу мене да видам како се другите. А тие, сосема ладнокрвно изустија “хаха, нѐ фотографираа камерите” во тоа полноќно време во кое не се ни гледа, затоа што автомобилот се движел сто на час, а дозволено било 90 и сега казната од околу стотина евра ќе им стигне на домашна адреса. Прекршок е направен, иако по патот нема ни населено место, ни движење на луѓе ни на автомобили. Избегнување на казната- нема!
-Следната работа што ја дознав пред да прошетам низ Малме, кој не беше многу накитен насекаде со евровизиски знаци туку малку и со многу вкусна доза, е дека тоа е преубав но по малку “досаден град” за млади, па и стари затоа што стануваш во одредено време, одиш на работа, се враќаш, живееш сам или со семејство, си поминуваш неколку ноќни часови во дневната соба, па повторно се подготвуваш за на работа, ретко кога излегуваш во кафулиња или ресторани, ионака во фрижидерот сѐ имаш, и чекаш да дојде лето, ех златна Македонија. Три недели вртоглаво шеташ каде сакаш и лудуваш…никој ништо не ти може…ла ла ла….
Но ми призна пред тоа мојот сопатник во авионот кој со рента кар патувал низ Црна Гора и Косово, во Косово бил фатен за брзо возење ама го подмитил полицаецот со 20 евра и поминал, затоа пак по улиците на Скопје се фатил за глава. “Ти џабе свириш, автомобили те претркуваат од сите страни, пешаци поминуваат каде ќе стигнат, богами се исплашив и повеќе таму нема да возам”, ми рече исплашено.
Следната новина што ја дознавам за Шведска е дека мојот пријател никако не можеше да го погоди името на претседателот за на крај да се откаже и констатира – “Па кој да го запомни, се менуваат многу брзо, на секои три четири години”. А и на Тв не биле секоја ноќ…и не го помни, немало тв политички кавги и навреди на ниско ниво. А тој како и сите таму преселени Балканци си гледа ТВ Пинк и домашни телевизии, што е добро јазикот го учат и зборуваат и новите генерации.
Во Малме има многу дојденци, живеат преку 180 нации, значи цел свет во мало, а во градот кој е три пати помал од Скопје веќе се јавува нервоза кај домаќините кои често пати знаеле веќе да почнат да те дискриминираат и да ти префрлат дека не знаеш тоа да го работиш најдобро, изгледа не си го научил во земјата од каде доаѓаш. И, кога ќе ти кажат така, ти кажале сѐ.
А дека не можеш да се однесуваш како што сакаш во тие скандинавски земји во кои сѐ уште владее демократија и ред на нештата, зборува и фактот што ти таму можеш да станеш и супербогат и да купиш илјада куќи и станови, ама никако не можеш да станеш траен сопственик на земјиштето. Тоа му припаѓа на државата и на заедницата, што значи, си купил куќа, си ја платил еден милион, но ако државата има потреба може преку ноќ да ти дојде и да ти каже дека од утре те сели од тука, има друг план со местото и си го зема назад во свои раце. Затоа и нашите иселеници кај нас купувале куќи и ниви затоа што кај нас сѐ уште земјата може да му припадне на поединец, Нешто за кое се зборува дека во догледно иднина ќе се промени и кај нас ќе биде баш како во земјите за кои ви зборувам. Колективна сопственост!
Но додека таму државата ти се “меша” во имотот, не ти се меша во приватноста и за тоа си одлучуваш сам како ќе си го поставиш својот живот. На пример, дали ќе живееш сам, ќе имаш одредена вера или не, твое е.
Истакнување на религиски обележја најмногу може во својот дом. Таму и верските објекти се прилично неистакнати, на пример среде Малме објект кој порано бил покриен пазар за продажба на риба и/ или облека сега е претворен во протестантска црква (најмногу има протестанти) и е на сред град, но ако не ти кажат што е, бидејќи е ист како и сите други објекти наоколу, ти нема да можеш ни да се “посомневаш” дека е црква.
Не само цркви, има и џамии. Во симпатичното гратче Балеруп, во близина на Копенхаген магацин за роба е претворен во џамија и јас просто се зачудив од изгледот на објектот, кој бил и фабрика а сега е пренаменат, но останал ист, а минаре не е доградено и не смее. Еве и го фотографирав, за Вас.
(Copyright)
Дознав и дека во Данска е многу поорганизирано од Шведска и владее поголем ред, а таму на задоволниот народ тоа во моментов им го овозможува партијата која е пандан на социјалдемократите. Имало и по некои националистички групи од разни нации ама повторно не доаѓаат до израз. Нешто како негување на чувства во затворен круг.
Тие чувства кои се негуваат колективно се недоминантни, но доминантно е чувството на почитување на индивидуата и нејзините права.
Како обележје на дел од европските вредности, генерално кажано, е почитување на искреноста и произнесувањето на себе си за она што си ти во себе, без некој да те осуди. И без некому со тоа да нанесиш штета. Преведено со појасна дефиниција “да бидеш искрена личност, а за тоа да не те отфрли и казни општеството” како што е случај кај нас.
Ете за најсвеж пример тоа е победникот на Евровизија. Момчето кое победи со розово фустанче и одлична изведба си кажа дека е небинарен, поим кој за прв пат го слушнаа повеќето па и јас, а тоа значело нешто во стил дека не се чувствува ни машко, ни женско, ни дете, а како се чувствува само тој си знае, но тоа не ја дискредитира неговата екстра изведба за која се гласаше и по телевоутинг и преку жирија.
Ама, неговото лично чувство предизвика поинакво колективно чувство кај нас.
И поинакво толкување.
Поголем дел од јавноста кај нас жестоко реагираше дека тој победник со својот стил е наменски пуштен од “сатанистите” да ги извртопери нивните деца и нивните семејни вредности, за кои така кажано се добива впечаток дека се негуваат само кај нас и никаде на друго место.
Не би можела да претпоставам од каде стигнува нарачката затоа што не знам за кого точно се мисли под “сатанист”, на земјата сѐ е исто и пред и сега со социјалните медиуми, но тие само внесоа некои нови заблуди кои ние само ги подгреваме на чуден и необјаснив начин.
Во меѓувреме, и нашата земја која оваа година не учествуваше на шоуто, се сеќава дека некогаш учествуваше. И тоа со неколку свои преставници и претставнички, за кои за дел од нив имало разни потврдени и докажани вистини.
Како на пример дека- не плаќаат данок на државата, трошат општествени пари, водат или воделе промискуитетен живот, конзумираат дроги и алкохол, се коцкаат, редовни се во казина, местеле победи, понижувале јавност со своите изјави, биле или сѐ во врска со мафијашки босови, притвореници и дечки во судир со законот, дилери со недозволени материи кои уништуваат цели генерации, биле со шверцери на облека, насилнички кои се тепале на јавни места , по кафулиња и клубови, изневерувале, биле прикажувани поради “блиски” врски со политички или економски моќници, а дел од медиумите повторно ги потенцираат како одлични примери на девојки, жени, мажи или слично, а јавноста ги поддржува со своите коментари на Фејсбук или Инстаграм. Свесно или несвесно, или по инерција.
Нели малку се измешани лончињата? Не ви се чини. Нели малку (повеќе) е лицемерно сето ова за кое наброив?
На лицемерието му нема крај и кога за Евровизија жолчно критикува или коментира на пример новинар или новинарка која не ја гледал ни на телевизија и тоа шоу за него не претставува нешто од некаква важност и дека е место каде учесниците имаат “комплекси и дијагнози”, кажувајќи го сево ова заткулисно а со измазнет став за пред јавност, во кој и самиот/ самата се сомнева и не (ѝ) е прецизиран ни за себе си; или на пример една новинарка која ја злоупотребила својата акредитација и купените билети од Редакција ги препродавала на “тапкарошки” начин, а бидејќи не знае ни збор да гукне на туѓ јазик повикала и луѓе да ѝ преведуваат, гест кој своевремено не само што се дозна овде туку одекна и во европски медиуми, затоа што наишла на фан и новинар на кого не му била јасна таа постапка. И објавил. И дознаа сите од гледач, до ЕБУ. Се знае која е процедурата на продавање на билети. Нив ги продава официјално само организаторот, сѐ друго е кражба. А за таа кражба новинарката малку фалеше да биде избркана од работа од читаниот дневен весник, односно речиси беше па ја вратија со молење. Новинарството се факти и чесност а не измами и кражби, ама ете кај нас и тоа можело. Не знам до каде со такви новинар(к)и и до кога сѐ ова кај нас ќе поминува…се прашувам.
Не ми е ништо јасно затоа што тоа се земји во кои како што реков колективното се почитува и нема и не смее да има злоупотреба, и за сите има правило дека државата и институциите мора да се најважни, а подеднакво исто како што да се почитува и личноста која не ги крши кодовите на земјата. А за “Код” пееше и победникот кој во својата песна “признава” дека го прекршил кодот и тоа му предизвикало хаос, но на крај поминувајќи низ пеколот стигнал до Рајот…
Хах. Многу поучно, иако е двосмислено и тросмислено и повеќесмислено кажано/ запеано, секогаш кога ќе се прекрши некој код настанува хаос кон нѐ води до пекол, а тој хаос денес можеби е нашата социјална злоупотреба на социјалните и сите други медиуми, затоа што со нив сами се затупуваме, се оддалечуваме од реалноста, при уши се правиме глуви, и замижуваме пред вистината, а тоа е главното прекршување на кодот.
А Евровизија е само фантастично осмислено весело адреналинско и предизвикувачко шоу кое се случува една ноќ и од тебе зависи дали ќе го гледаш или не, и следниот ден го забораваш ко да не ни било, и ништо не променува кај никого па сме сите пак истите, секој сам си ги негува своите вредности, пак исто се однесуваме кон блиските, подалечните, пријателите, државата, себе си, но пак за среќа е и голем лакмус за некои нешта кои не ги гледаме и забележуваме и треба да обрнеме повеќе внимание на насоките по кои тие се движат, и само треба повеќе да се препуштиме на интроспекција за да успееме со сопствените прашања и одговори. Но и на новите 37 песни за слушање, кој сака и кому му се допаѓаат. Тоа е барем целосно препуштено на добра волја и тука што и да избереш не може да е грешка штом тебе ти се допаѓа одредена песна.
Валентина Ѓоргиевска Парго
независен новинар и уредник во КулАрт
Патувањето е овозможено од ТА. Џина Брага Сиднеј и медицински центар “Холиомедика”- Скопје
Медиумска соработка: Симе Георгиевски- Радио Преспа и Скидроу Сиднеј, Живко Поповски Цветин- Здружение “Гороцвет”, Татјана Гогоска- портал за култура “КулАрт”
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.