Да беше жив, вчера (29 април 2024 година), ќе наполнеше 81 година, текстописецот Јован Павловски, авторот на македонската фолк химна “Бисер балкански”.
Роден е во Охрид, живееше во Скопје. Почитуван еснаф човек, на директорски функции, секогаш подготвен на прекрасно дружење со секого и широк круг на пријатели, нарекуван нашиот Јово.
Своите родендени и особено имендени на Свети Јован кои се славеа по неколку денови во нивниот голем стан во Дебар маало, со гостопримливата сопруга Виолета (архитектка), беа доживувани и раскажувани како вистински фешти, затоа што срдечно пречекуваа по неколку десетици роднини и пријатели, познати личности, со богата трпеза и многу музика, пеење, гитари, дружба со часови.
Во пишувањето текстови го наследи ќерката Маја Павловска, која меѓудругото со своето перо потпиша и неколку врвни песни и хитови на Тоше Проески, Лидија Кочовска, Ана Костовска, Сандро Николовски, синот на Гоце Николовски, и други пејачи, а денес е и сценаристка, актерка, и планетарно призната ликовна и авангардна уметница која со синот Бобан живее и работи во Утрехт Холандија, додека синот на текстописецот Јован, скопјанецот Зоран Зозо Павловски, е познат музичар и гитарист и член на повеќе антологиски македонски рок групи, како “Парамециум” и други.
Јован Павловски е автор и на многу други познати песни, а најпознатата сѐ-пеаната „Бисер балкански“ е новосоздадена македонска народна песна во изведба на пејачот Гоце Николовски. Песната за првпат била испеана на „Фолк фест Валандово“ во 1990 година. Ја освоила првата награда. Текстот на песната е од Јован Павловски, музиката е на Хилми Билбил а аранжманот е на Томислав Таневски.
Уште по самата изведба на фестивалот песната стана голем хит и многу наскоро станува широко прифатена од македонскиот народ, и не поминува веселба, свеченост, концерт без да се испее од публиката.
Сеќавање на нашиот Јово, авторот на стиховите на „Бисер балкански“
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.