ОД МОЈ АГОЛ: Извинување за Лила! ИТНО!

Ја изгледав Јутјуб емисијата за која се зборува овие два дена, а за која во инбокс добив неколку линкови како препорака, ја погледнав најпрво со малку незаинтересираност, поради главната улога/и, но со паузи стигнав до крајот и до клучната точка. И до притисок 200.
Како што слушав, во глава си “запишував” куп прашања- најпрво, се испозачудив од каде му на тв водител кој до пред само десеттина години носеше позајмена и на реверс брендирана облека од еден бутик од ГТЦ на втори кат (дури и мене ми љубомореше во 2006 година што имав “Луи Витон”, подарок од евровизиски новинари а тој шеташе со штогоде) и кој не плаќаше во ресторани каде јадеше скапи салати и специјалитети, а келнерите беа принудени да трчаат по него и пак да не си наплатат па да мораат од свој џеб (лично ми се имаат жалено, но, ајде не сме сега тука за да им правиме анти-реклама на убавите скопски ресторани), од каде му милионски суми да отвори своја приватна телевизија, во години кога сиот народ се радуваше што им ја укинале претплатата од некои си нецели двесте денари месечно?
Понатаму, се испозачудив затоа што знам кој беше истиот тој водител за кого можам да речам дека прва му објавив текст (или меѓу првите) кога како средношколец се појави како организатор на две забавни манифестации, и од почит кон дамата која веќе не е меѓу нас, точно знам како ја доби и таа финансиска поддршка, самата таа ми раскажуваше, ми стана пријателка во еден период.
Како новинар, немав дилема да го одбранам во она што почна да го експонира како свој имиџ и свој личен живот и право на определување (свој живот, свои правила, тие важат за секого и максимално ги почитувам), но одбивав кај уредниците да правам интервјуа и да ја величам неговата глупост, но тие победуваа во својата убедителност, сѐ до оној момент кога и сама сфатив дека не станува збор за обична скандалозна (повеќе самонаречана) шоуѕвезда туку веќе и опасност, а и откако најдобриот другар ми се закани “Ќе те фрлам во Вардар со оној, што ни ги упропастувате децата” а јас не сфатив што тоа значи.
Дека е некаква “политичка” личност (подобро формулирано “сомнителна со заднина и силна логистика”) ми беше јасно во моментот кога дознав кој политичар ги беше откупил билетите за неговиот прв “откачен” но навистина интересен концерт во салата “Борис Трајковски”, и ја донесе цела скопска населба со автобуси, но од почит кон господинот кој не е веќе меѓу нас, ни тоа нема да го откријам.
Немаше среќа неговиот втор, на градскиот стадион да биде полн, бев таму и фотографирав колку точно посетители имаше/ немаше, дури и ги броев, ама за тој концерт во Охрид со хеликоптерот на Армијата/ полицијата кога го симнуваа (а тие истите не го даваат за итни медицински случаи), конечно се ослободив и не морав да го следам затоа што за моја голема среќа- немав уредник!
Пријатно бев изненадена по неколку години кога го видов во центарот на градот ослабнат и со пристојна облека, помислив дека конечно му дошол умот и некако потајно навивав промената да му тргне на добро.
Сѐ додека не пукна скандалот со чантата со која нѐ замајуваа (и сметам дека беше, и е некоја добро изрежирана драмолетка) и прекинав да го следам, но секако го поздравив и му укажав поддршка преку заеднички пријател минатата година, кога дознав дека не му давале задолжителна медицинска помош во затвор (ако е воопшто точно дека бил во затвор, дека бил болен и дека не добивал потребна здравствена нега. Оставам мала доза на сомневање, не сум видела со свои очи, не знам и не тврдам, а реалноста ни е толку лажна што човек во сѐ се сомнева).
Неговата телевизиска “слава” не ја следев.
Со неа се запознав условно речено во летото 2010 година, кога се враќав од едно патување, и во Белград влегов во првата кафеана на Кнез Михајлова да одморам, а келнерот кога сфати дека сум од Македонија љубоморно дофрли:
-Е нема вие Македонците нам да ни го давате Тоше (кој веќе беше на небото), сега Боки 13 ќе го правиме ѕвезда.
На злобниот коментар одговорив со насмевка дека не само Боки и Симон Трпески ќе им го дадеме штом сакаат нешто наше, па кога ние сме биле цициии? На што тој уште погрубо врати- Е Симон богами не може.
-Не може му реков и јас, тој свири секаде и е на светот! Овој другиов, слободно земете си го!
Понатаму келнерот беше многу љубезен со мене и убаво си поминав таму во ладовина, цело попладне до вечерта.
“Славниот лик” навистина нешто се појавуваше на нивна сцена дури и дури на славеничкиот концерт на Чолиќ на кој бев на Ушче, видов дека го донесоа како ѕвезда, со обезбедување, но едно време брзо потоа згасна неговата популарност.
И после слушнавме дека отворил телевизија во Скопје. Ако тоа личеше на телевизија.

Она со “Луи Витон торбата” е колективна траума која за среќа ќе ја паметиме само ние транзиционите страдалници, тие што ќе се родат потоа, нема да дознаат.
Освен ако некогаш кога ќе пораснат не ја изгледаат онаа сѐ уште тазе(очајна) јутјуб емисија која ја демаскира целата наша стварност, во која се виде дека ние немаме ни П од правна и економска држава, туку подземје, одлично организирано повеќе од мафија, зашто да имавме правна држава сите споменати во истата вечер ќе беа приведени, ако досега органите ги немале тие сознанија, хипотетички велиме нели. Хм, хм!
И таман да ја догледам целата емисија, во која гостинот најпрво како нешто беше скромен и срамежлив за да многу набрзо премине во грубијан со заповеднички тон кон водителот-домаќин, дури и шлапкаше со лажичката во пластичните чаши и кога ќе посакаше (а можеа во режија тоа да го договорат на негов знак да биде прекинато со реклами и гледачот да не дознае дека лапа). Еее, ама гледачот мора до крај да е понижен и обезвреднет.
Крајот и ќе го прескокнев, откако добив нагон за повраќање од сите тие “бардови”, “бизнисмени”, “политичари”, “бранителки” на правото, што беа изнаспомнати…и ќе си пуштев добра музика да се релаксирам, кога одеднаш дојде и “јаготката на пудингот од чиа, зготвен на пареа” што го шлапкаше. Гостинот зеде жолчно да напаѓа жена поради нејзината болест, и дијагноза.
Ни со малку срам зборуваше за својот рекет, уценување, прикривање информации како сопственик на медиум (кое е кривично дело), без срам и за посредништво за промена на името на државата, и за корумпираните уредници и новинари кои му биле во екипата, за ништо а на крај без срам и без грам почит зборуваше цинично за дијагнозата на една жена, дијагноза која може да стане страшна реалност на секоја една- тетка,сестра, баба, внука, мајка, па дури и неговата, зашто болеста не избира.
Жена, која, патем е и јавна личност. Жена преку која и го запознав кога како клинец доаѓаше на ролерки да ги гледа во студио нејзините емисии, што велиме ние “да ѝ ја подржи чантата кога таа се шминка со огледалцето”…
Па за што се бориме сите ние жени изминативе 30 години откако постои оваа лажна демократија и рамноправност? За каков рамноправен третман и почит? Од каква важност е за нас тој да не заморува за нивното меѓусебно подарување и шетање, па да бидеме “труени” и со тие сосема непотребни информации за јавност? Но дијагнозата и болеста на една жена не смеат да бидат коментирани во јавност, особено не на таков одмазднички начин.
Сметам дека сега сите над 100 женски организации треба да го кренат својот глас. Зашто напад на една жена значи напад на сите жени. Особено ваков вербален напад, малициозен тенденциозен и со намера да повреди и нанесе психичка болка. Еве јас СЕГА КАЖУВАМ!
Станува збор за Лила Стојановска, познатата Тв водителка.
Јас се извинувам на нацијата што (не сакајќи, ако е некакво оправдание) сум дала прилог во креирањето на овој лик, опасен за општеството, а извинување барам и од него кон госпоѓа Лила и кон секоја жена. И поддршката од секоја жена сега ќе е важна. И значајна. За да се даде лекција како не смее да се постапува со нас жените.
А родителите, пак, најважно е вистински да си ги сакаат своите деца, кога веќе решиле да ги имаат. Да си ги растат со љубов и да им укажат дека треба да бидат скромни, заради нивна безбедност, да не станат алчни ѕверови, кои ќе газат преку лешеви само за своја удобност, себичност и алчност. Кога родителите ќе воспитаат дете со кое ќе се гордеат, правилно и културно, со тоа и ќе му ја зачуваат неговата среќа во голема мера, и истото нема да стане опасност за светот, монструм кој гази преку луѓе за свои задоволства и до последно се бори само за да го спаси својот, извинете на израз- “задник”. Затоа што: само лекциите кои родителите им ги дале на своите деца во детството ќе бидат директно поврзани со нивниот живот понатаму, со нивната иднина, среќа и безбедност. Сѐ друго е судбина. И ум. Или безумност. Која (пре)скапо се плаќа…Животот не знае за глума и импровизација, ни за имитација, ни за лага…сѐ еден ден излегува на виделина…и станува баксузно, како бројот “13” според народните верувања, кои никогаш не се погрешни, а се премногу поучни.

Валентина Ѓоргиевска Парго,

Независен новинар и колумнист

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.