МАРИНА ШИКОВА ДИМОВСКА: Јас сум љубителка на кусите, концизни и јасни форми на изразување во пишувањето!

“Обожавам да создавам книги за децата, зашто децата имаат една универзална карактеристика која се вика искреност и безрезервна љубов”, ќе рече една од поистакнатите охридски писателки и поетеси Марина Шикова Димовска. Авторка на три публикувани книги во издание на ПНВ Публикации- Скопје.

Книгите се секако добар повод за разговор со Вас, но и многу други нешта кои ќе ги откриеме. Дали тоа што сте од Охрид е вечна инспирација за постојано креирање на убави нешта?

-Охрид е универзален мотив кој се врзува не само за охриѓани, туку и за секој посетител на градот. Доблест и предност за мене е што го впивам во себе овој магичен мотив со полни гради во секој дел, во секој миг од денот, од годината… Тоа секако дека е појдовна точка во креирањето на убавите нешта на поединецот.


“Приказни од кујната”- збирка куси раскази која ја објавивте пред две години, со автобиографски елементи. Што содржи и кога е објавена?

-„Приказни од кујната„ е мојата првообјавена книга, книга со куси раскази со автобиографски елементи, публикувана пред две години. И не само поради фактот дека е мое првенче кога зборуваме за публикувани дела, туку и дека на површина изнесува голем дел од мојот интимен свет, е особено значајна за мене како автор, и како личност која ете се осмелила конечно да сподели со јавноста дел од приказните кои ѝ ги (з)готви кујната на животот, почнувајќи со приказните од моето детство, растењето па сѐ до зрелоста.

Насловот на Вашата следна книга е, разбирлив, “Езерото ми раскажува”. Тоа е всушност збирка раскази за деца од 8-9 годишна возраст, но и за секој читател. Некако ми се чини како повеќе да љубите да им пишувате на децата.
-Збирката раскази за деца „Езерото ми раскажува„ е создадена за дечињата кои се во одделенска настава, пред сѐ, па затоа и е печатена со фонт на букви кои се прегледни и лесни за читање. Но, тоа е всушност книга за секој читател, за секој љубител на фантастичните, но и вистинити приказни кои се раѓаат тука, покрај брегот на нашето Езеро. Интересно е што дел од приказните во оваа книга се пишувани според настани од моето детство, дел се инспирирани од детството на моето синче, а добар дел се производ на фантазијата во оние раскази каде фантастичното е во извесна корелација со реалното. Не сте далеку од вистината кога констатирате дека мојата љубов пред сѐ ја споделувам со децата. Сакам да бидам во постојана комуникација со децата, убаво се чувствувам кога ги примам нивните реакции при секој прочит на расказите, зашто децата, знаеме нели, имаат една универзална карактеристика која се вика искреност и безрезервна љубов.
Вие сте љубителка на кусите форми на изразување, концизни и јасни. Вашата збирка поезија “Мое место” содржи убави песни и тие се во таков, да речеме, во кус манир.
-Да, јас сум љубител на кусите, концизни форми на изразување, особено кога станува збор за раскази и поезија. Збирката “Мое место” е мојата последнообјавена книга, која излезе од печат на крајот на 2023 година. Станува збор за стихови кои од поодамна се создавани во мигови на трепетни воздишки, во моменти кои останале запаметени во мојата свест како особено значаен дел од мене.

Најново од Вашето перо беа песните за детскиот фестивал “Рибарче”. Како помина сето тоа?
-Фестивалот на детска песна „Распеано рибарче„ е уште една нишка која длабоко ме врзува со најмладите, со децата и нивната љубов кон музиката и песната. Последниве седум години ја имам честа да бидам водител на овој фестивал, а тоа е она што секогаш ми ги полни батериите и ми дава сила и покрај огромниот број обврски од друга природа, да останам насмеана, ведра и полна со многу љубов. Оваа година го одбележавме 25 роденден на “Распеано рибарче”, беа исполнети 23 песнички создадени од повеќе автори, а на сцената заедно со детскиот хор излегоа околу сто деца, што навистина радува и е на задоволство не само на организаторите, туку и на сите учесници. Се надевам оваа традиција ќе продолжи, а ние ќе бидеме сведоци на уште многу јубилеи кои заедно ќе ги одбележуваме.

Колку текстови за песни имате во изминативе години? За што најчесто зборуваат тие?
-Идејата да пишувам текстови за детските песни кои се дел од ова фестивалче се роди пред две години, а најчесто текстовите се создаваат според желбите и афинитетите на дечињата, кои низ песна раскажуваат како ги минуваат деновите во училиште, кои се нивните омилени игри, што сакаат најмногу од спортот, со кого се дружат, дали имаат симпатија и слично. Најважно од сѐ, и секако највредно, е задоволството на децата после настапот на “Распеано рибарче”. Тоа говори дека целта поради која постоиме и работиме за овој фестивал, е исполнета.


Во кој дел од денот или ноќта вашето перо е најплодно?

– Хм, најплодно… Не секогаш се работи за еден конкретен период од денот или ноќта, иако најчесто тоа се случува подоцна, односно кога се ослободувам од другите обврски во текот на денот, кога се опуштам и не сум оптоварена со прашања од друга природа. Има моменти кога имам мирни утра, кога го почнувам денот со шолја чај и убави мисли, па лесно ги преточувам во раскази или во сегменти од она што периодов претставува моја цел на книжевен план, а тоа е создавањето на мојата четврта книга- роман кој раскажува дел од животот на еден мој пријател, кој навистина верува во мене и во она што со заедничка соработка ќе го завршиме, а се надевам финалниот производ ќе го имаме до крајот на оваа година. Тоа ќе биде роман за предизвици, искушенија, пороци, покајание…
Еднаш веќе прашав но пак би сакала да прашам- што е најинспиративно во Охрид за една писателка, пишувачка?
– Охрид нуди инспирација во секој свој дел, Охрид дише во уметност, живее на едно културно ниво кое одамна се вкоренило тука, уште од создавањето и ширењето на нашата писменост, од втемелувањето на Охридската книжевна школа, па сѐ до денешни дни, каде охридските уметници ја создаваат поновата историја на градот. Првата помисла кога зборуваме за инспирација, ќе речам е Охридското Езеро, езерските далги кои ја смируваат душата шепотејќи нови стихови, за оној кој навистина умее да ги слушне.

Кое се Ваши најомилени охридски творци? И секако, да не заборавам, најомилен дел од историјата на градот.
– Најомилени охридски творци, тешко ми е да издвојам, ќе треба да ја прочешламе целата историја на литературата за да се изјаснам кој и зошто е омилен. Среќна сум и горда што живеам во градот од кој потекнуваат големите имиња на македонската литература, почнувајќи од Григор Прличев, Живко Чинго, Ванчо Николески, Иван Точко… па сѐ до моите современици, автори кои се неуморни по перо, по создавање дела и настани за паметење во нашиот град. Најомилен дел од историјата на градот не знам дали можам да истакнам, зашто секогаш кога се споменува историјата во мислите се навраќам на подалечното минато, понекогаш прашувајќи се дали би можела да бидам дел од тие случувања каде народот стои исправен пред предизвиците, умешно носејќи се со сето бреме наметнато во особено тежок период. Во моментов кога мислите ми шетаат низ историјата, пријатни чувства ме обземаат кога помислувам на периодот по ослободувањето на градот, кога луѓето сплотени и силни ја започнуваат изградбата на новиот, слободен Охрид.
Ќе речете завршив филолошки, книжевност, но не работам по струка – од разбирливи причини. Кои се тие “разбирливи причини” и како да го промениме сето тоа?

-Кога сум споменала дека не работам по струка “од разбирливи” причини, мислам на сета тежина која следува откако човек ќе ги заврши саканите студии. Тоа е многу потешко од сето студирање, од одговорноста и исполнувањето на обврските на еден студент кој со љубов пристапил кон избирање на својата струка. Споменатите причини се на едно колективно ниво, каде за жал, треба многу да се работи на промена на принципите кои се актуелни кога станува збор за прашања од ваква природа- вработување и борба за егзистенција. Сепак, јас како роден идеалист, верувам дека набрзо ќе дојде време кога ќе се разбуди свеста кај одговорните за општата состојба во Македонија, ќе се работи на тоа младите да имаат сигурна иднина тука, во татковината, за лесно да можат да ги остварат сопствените идеи и планови, и да остават поколенија кои ќе бидат градители на македонската светла иднина.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.