Тетово, 18.04.2024
Силен наслов, силна порака и силен а воедно и емотивен концерт, поточно два концерти насловени “Корените македонски да не се заборават” на 30 март 2024 година во Домот на културата “Иљо Антевски Дрен“ а потоа и во Куманово, ја воздигнаа фолк пејачката Лени Партикова на местото каде припаѓа- меѓу најдобрите и најпопуларните.
Ова бисерно пејачко грло, заедно со
групата “Круна”, и свои драги гости, музичари, пејачи и играорци неодамна направија музички спектакли на кои македонската песна беше ставена на пиедесталот.
Песни, топол звук на зурли и тапани, се разлеа и лирика на стиховите на поемата “Мојата Македонија” со кои водителката и поетеса Милена Илиевска во Тетово го отвори концертот, блеснаа и факели на сцената, по што Лени ја запеа “Запејте сите ангели” која легендарниот Гоце Николовски ја изведе на “Фолк Фест Валандово 91″, многу емоции и енергија која понесува, беа полни тие два часа, во кои пејачката ги пееше своите песни и познати македонски фолк хитови, а немаше посетител кон остана рамнодушен и не аплаудираше речиси цело време.
А како може да се остане во фаза на рамнодушност на “Ој ти пиле, славеј пиле”, “Твојте очи Лено мори”, “Ој Вардаре Македонски”, како и новосоздадените “Маријо Мајко моја Богородице”, “Сенки две во ноќта” на Лени, кога таа ги запеа од срце. Како и нејзините дуетски изведби со Орде Неделковски “Благуно дејче Пожаранче”, со Флори Манев “Лажи лажи Вере” со Раде Младеновски нивната фестивалска “Ајде Македонијо”, отпеана на “Гоце Фест 2020”, а кулминацијата следуваше со појавувањето на Благица Павловска која во Тетово пристигна да ѝ даде максимална поддршка на својата помлада колешка, наследничка во песна.
Пламнаа страстите кога заедно го испеаја големиот хит “Џумбус”, и на крај со дувачкиот оркестар “Весела дружина” Лени ја изведе заедничката песна ”Чуден сон”, отпеана минатата година на фестивалот во Лешок. Робертино Стефановски, ја придружуваше Лени на песната “Маријо Мајко моја Богородице”, а посебни симпатии освоија играорци на КУД “Шара” но и распеаните хористи од детскиот хор “Лале” од Тетово.
“Заветна” за крај, сите заедно, и со знамето врз пејачката.
Концерт на ниво на веселба, со елементи и на лична прослава затоа што ѕвездата подели благодарници за учесниците, заблагодари на својот продуцент Горан Милошески, во чие студио “Кактус” ги сними повеќето свои песни низ годиниве, ги допре чувствата на своите родители кога неочекувано им подели благодарница за поддршка, за сета дарена љубов и внимание.
Во Тетово за неа пристигнаа и Ристо Краповски со сопругата Натка, Анастасија Петреска со сопругот Владимир Поповски, посебно блиската Софче Џорлева со сопругот Миле Здравковски.
Пејачката ѕвезда, Партикова, која освојува и со шарм и убавина, ја украси и рувото, трите специјално и пригодно креирани креации од познатиот Златко Јовановски кој како тетовец дојде и присуствуваше и на самиот концерт, иако најчесто е во странство.
Младата пејачка која подолго време е и хористка во Хорот во НОБ изрази голема благодарност кон својот сопруг Жарко Ѓорѓески, човекот во чии раце е и нејзината кариера последниве години.
Сѐ на сѐ многу вложено, многу покажано, многу добиено и како повратна енергија и како мотив да ги продолжи концертите и во други градови, а дотогаш публиката може да се насладува на Јутјуб снимката на Ин продукција, она што останува како вечен аудио- визуелен запис, и да ги прочита описните репортажи од самото место на настанот, од новинарката Билјана Крнческа и Иван Јосимовски, кои ја доловуваст целата атмосфера…