„Сликарството на Ликовната академија во Штип“ во Софија

Во галеријата на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија на 18 април (четврток) 2024, со почеток од 18:30 часот, ќе биде отворена ликовната изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“.

На изложбата ќе бидат претставени дела кои се настанати во Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во периодот од 2019 до 2023 година. Составот на авторите е од поранешни и сегашни студенти во оваа образовна установа, и тоа се: Александра Јеротијевиќ-Андреева, Бојана Тошевска, Вангел Крстиновски, Дејан Витанов, Ивана Ивановска, Крсте Тарабунов, Миа Ефремова и Мики Иванов.

Нас. доц. д-р Иво Пецов, како куратор на изложбата, се погрижи да бидат избрани нај карактеристичните дела од ареалот на штипската Ликовна академија, во согласност со целите на нејзината програма – да образува кадри од областа на класичното сликарство.

Во образовната програма „Класично сликарство“ студентите од оваа изложба работеле под менторство на различни наставници, и тоа: Лариса Бондаренко и Владимир Недајборшч од Украина, Викторија Егорова и Игор Егоров од Русија, како и македонските професори: Јана Јакимовска, Јордан Ефремов, Слободан Милошески и Ванѓа Димитријева-Кузманоска.

Жанровски нај застапена е мртвата природа, а исто така може да се видат и лицата на некои од авторите преку жанрот автопортрет, како и дела кои биле дел од специфични задачи од опфатените предмети во Ликовната академија.

Изложбата ги опфаќа класичните сликарски техники: маслени бои на платно, акрил на платно, сув пастел на хартија и слично, а форматите се галериски.

При селектирањето на делата се акцентираше врз владеењето на академските вештини во сликарството. При селекцијата беше отворена можноста за учество на дела од автори кои развиле свој посебен стил и уникатност во изразувањето, за чиј развој дала придонес Ликовната академија во Штип.

Целта на изложбата е да го претстави квалитетот на ликовната обука и да ја афирмира Ликовната академија во државата и регионот, да го претстави развојниот пат на креативните личности сврзани со оваа институција.

***

Кратки биографии на авторите:

Александра Јеротијевиќ- Андреева е родена во 1982 година во Ужице, Србија. Живее и работи во Бугарија. Во Ужице завршува основно училиште и средно Економско школо. Уште од тогаш посетува приватни училишта за сликарство. Во тоа време ја открива иконографијата и се насочува кон неа. Во 2009 година оди во иконографска работилница на манастирот Жича, во Србија, каде ја усовршува техниката на иконопис. Има направено повеќе од стотина икони, кои се наоѓаат во многу цркви, манастири, како и во приватни колекции низ цел свет. Има работено на неколку иконостаси во Србија, како и фрескопис. Од 2017 година работи за Архиепископија на МПЦ и со Владимир Андреев ја живописуваат црквата Свети Јован во Скопје, населба Капиштец, како и крстилницата. Моментално работи на живописување на цркви во Младеновац, Пријепоље и Софија. Во 2017.година се запишува на Ликовна академија во Штип, со желба да го усоврши и класичното сликарство. Учесник на повеќе меѓународни групни иконографски изложби во Србија, Бугарија и земји на ЕУ.

Бојана Тошевска е родена во 1998 година во Битола, Македонија, таа успешно ги заврши своите студии на Ликовна академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во 2022 година, специјализирајќи се во класично сликарство. Истата година стана активен член на Друштвото на ликовни уметници на Битола (ДЛУБ). Покрај нејзината ангажираност во класичното сликарство, таа исто така се посвети на изучување на графички дизајн и дигитална уметност во текот на своето образование. Нејзината активна улога во уметничката сцена е демонстрирана преку учество во голем број групни изложби, археолошки ископувања и конкурси. Моментално, таа продолжува со своето образование на магистерски студии по сликарство на истиот универзитет.

Има учествувано на голем број групни изложби и конкурси.

Вангел Крстиновски е роден во 1997 година. Живее во Ресен, Македонија, а своето високо образование го заврши во 2020 година, на Ликовната академија при Универзитетот ,,Гоце Делчев” во Штип. Работи како наставник по Ликовно образование во неколку основни училишта во Преспа.

Неговиот сликарски опус опфаќа главно портрети, пејзажи, мртви природи и сцени инспирирани од светската митологија и фолклор како мотиви во сликарството. Има учествувано на многубројни групни изложби и е член на Друштвото на ликовни уметници во Битола.

Дејан Витанов е роден 1986 година во Штип. Завршува средно стручно образование, а подоцна во 2012 година своето образование го продолжува на новоформираната Ликовна академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што дипломира во 2023 година.

Досега има учествувано во повеќе групни изложби, во организација на Ликовната академија во Штип, како и на Интернационалниот саем на современа уметност Паратисима во Скопје.

Ивана Ивановска е родена во 1996 година. Живее во Крива Паланка, Македонија, дипломирала на Ликовната академија при Универзитетот ,,Гоце Делчев” во Штип.

Нејзините слики и цртежи се одликуваат со силни контрасти помеѓу светлото и сенката, со кои прикажува длабочина и атмосфера. Главна инспирација и е фасцинацијата од начинот на кој светлината дава живот и облик на се што не опкружува. Други сликарски мотиви кои се среќаваат во нејзините дела се: богатиот фолклор, митологија, портрет, животни, пејзажи.

Има многубројни групни изложби и една самостојна.

Ивана исто така се занимава и со фотографија.

Крсте Тарабунов е роден 1966 година во Радовиш. Дипломира во 2023 година на Ликовната академија во Штип – Класично сликарство. Живее и работи во Радовиш каде има свое ателје. Освен сликарството се занимава и со фрескоживопис и иконопис. Има реализирано самостојни изложби и учествувано на повеќе групни изложби и колонии.

Миа Ефремова е родена 1994 година во Штип, Република Македонија. Нејзиното високо образование започнува надвор од својата држава и во 2017 година дипломира на ФАМУ Филмска Продукција и Сценарио на англиски јазик во Чешката република. Таа истовремено студира и во Факултетот за Природно Технички Науки при УГД во Штип, каде што дипломира во 2018 година.

Миа во моментот е студент четврта година на Ликовната академија во Штип и е вработена во НУ Завод за заштита на спомениците на културата во Штип.

Нејзиното работно искуство е во сферата на новинарството, театарот, филмот, македонски музички спотови и краткометражни филмови. Има публицирано и поставено над 15 свои драми.

Во 2014 година ја добила лиценцата за драматург од УНЕСКО за Западно Европска сцена.

Во нејзините дела, слики, драми, итн. преовладува парадоксалното, песимистичко чувство на човекот да се става себеси и општеството пред природата и реалните проблеми на постоењето.

Мики Иванов е роден 1995 во Штип, со место на живеење во Пробиштип. Успешно ги заврши студиите на Ликовна академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, отсек Класично сликарство во 2018 година. Покрај класичното сликарство се занимава и со фрескоживопис.

Големата инспирација го поттикнува постојано да создава нови дела, покрај студиските слики има изработено различни дела преку кој се има претставено на неколку изложби. Во досегашната уметничка историја има учествувано на повеќе изложби и ликовни колонии.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.