НЕВЕСТИНСКАТА ОБЛЕКА ВО ВРЕМЕТО НА АЛА ТУРКА И АЛА ФРАНГА

Деспот Стојковски со сопругата Извор: http://www.staroskopje.vestel.com.mk/sites/simages/39_32.jp

Бидејќи еден од главните белези поврзани со свадбениот чин е невестинската облека, нејзиното истражување е неизбежно. Невестинската облека се третира како обреден знак кој ја одбележува промената на статусот на невестата.

Формите на невестинскиот фустан низ годините зависел од историскиот, општествено-политичкиот и економскиот начин на живот во градовите и од уметничките стремежи на населението. Заради желбата и невладејачката класа, економски моќниот граѓански слој да ја истакне својата значајна положба во општеството, создала феномен на носење ориентална облека ала турка и во важни ритуални моменти како што е свадбата. Овој феномен особено се засилува во периодот на слабеење на турската власт. Тогаш се појавуваат форми на невестинска облека кои ги содржат главните карактеристики на стилот ала турка: шалвари, блуза, елече, минтан или салтамарка и долга антерија. За свадбената церемонија овие делови биле изработувани од скапоцени материјали и дополнително украсувани со вез. Се носел невестински фес, богат златен накит и сребрен појас. Во периодот на преминот од 19 во 20 век, невестинската облека претрпела промени. Под силното европско влијание модерни станале кадифените фустани на кои задниот дел им е малку подолг со многу раскошна декорација. Во Турција бил познат по името биндали, што значи илјада гранки. Ваков вид на фустан се сретнувал во различни кроеви, но главната линија била со благо стеснета половина, тркалезен отвор околу вратот, отворен до појасот, а под него се носела блуза. Бил изработуван од виолетово или од бордо кадифе. Биндалито се носело со фес и марама на главата, сребрен појас и папучи кои биле од истиот материјал и ги имале истите декорации како фустанот. Овој вид на невестинска облека ја носеле само најбогатите заради скапата изработка и материјали кои само тие можеле да си ги дозволат. Другите, пак, за чинот на својата венчавка сè уште носеле минатан и шалвари.

Селска свадба, село Битуше, западна Македонија Извор: Приватна архива на семејство Попоски

Влијанието од Европа резултирало со замена на биндали-венчаницата во дводелна венчаница, на која долниот дел бил долг со шлеп, горниот дел стеснет во половината. Се изработувале од свилени материјали: сатен, тафт и брокат во светли бои. За украсување се користел истиот вез од биндали-фустаните. Овој вид бил потиснат од белата невестинска облека која многу брзо почнала да се носи во Скопје и во Битола, како и во другите градови во Македонија, но и во некои села.

 

Жермен Чохаџиќ и Милорад Димитријевиќ во 1930 год.
Извор:http://www.staroskopje.vestel.com.mk/sites/simages/39_35.jpg

Белата невестинска облека низ годините се појавува во многу форми и должини, едноделни, дводелни, раскошно и едноставно украсени, од различни материјали и со најразлични додатоци. Од додатоците кои се носеле во склоп на невестинскиот фустан, најкарактеристични биле додатоците за глава кои варирале од едноставни мали капи украсени со мали цветчиња, до долги превези што станале многу популарни и важни во невестинската облека. Затоа и оние кои не можеле да си дозволат целосен бел невестински изглед можеле да си го дозволат невестинскиот превез. Доказ за популарноста на белата венчаница е фактот што и во македонските села во склоп на традиционалната невестинска носија се додавале некои елементи од градската венчаница како што се: чевлите, сакото од чоја и карактеристичниот бел вел, кој во руралните средини се викал пемпезар.

Маламатија, внука од сестрата Синча на Ѓорѓи Кранго
Извор: http://www.staroskopje.vestel.com.mk/sites/simages/39_38.jpg
Павлина Шапчевска, невеста во 1936 год. Извор: http://www.staroskopje.vestel.com.mk/sites/simages/39_39.jpg
Младоженци во 1930 год.
Извор:http://www.staroskopje.vestel.com.mk/sites/simages/39_35.jpg
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.