Сите го знаеме Шопов како суптилен лиричар, но кој го знае како есеист и беседник со изострен слух за литературата и уметноста, како толкувач на општествените текови и драми, како остар полемичар, ангажиран општественик, издавач и интелектуален работник? Ете, тој Шопов ќе го откриете, преку неговото перо, во неговиот „Автопортрет со седум прсти“, книга во која за првпат се собрани непознати прозни текстови од македонскиот поет.
Првенецот на МНТ, Никола Ристановски, на најсугестивен начин ќе ви ја долови поезијата во прозата на Шопов, на 19 март, од 19 часот, кога ќе ги споделиме со публиката содржините на ова исклучително значајно дело за културната меморија на нашата земја.
Низ страниците на книгата, со своите видувања и толкувања ќе нè води Владимир Мартиновски, деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а во промоцијата ќе му се придружи и Јасмина Шопова, приредувач на книгата.
Промоцијата ја организираат Фондацијата „Ацо Шопов- Поезија“ и „Антолог“, во соработка со „Лабораториум“, едукативен културен центар кој се дефинира „повеќе како идеја отколку како простор, но и како простор за идеи“… и кој во себе го носи и го пренесува на младите генерации духот на старата печатница на „Нова Македонија“.
Кон промоцијата се приклучуваат и Националната опера и балет, ФлипБук Фестивал на анимирани филмови и ДЛУМ, со сегменти од нивните уметнички продукции во рамките на „2023, Година во чест на Ацо Шопов“.
Настанот е од отворен карактер, ве очекуваме во Лабораториум, булевар „Свети Климент Охридски“89, Скопје.