На 16 март со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Боеми“ од Џакомо Пучини.
Приказната за животот на љубовниците Родолфо и Мими ќе се изведе под диригентската палка на Бисера Чадловска, во режија на Дејан Прошев, претставата е доловена преку масивната сценографија на Зоран Николовски и колоритната костимографија на Марија Пупучевска, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, хор-мајстор Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Настапува домашна солистичка екипа: Ѓорѓи Цуцковски, Благица Поп Томова, Марјан Јованоски, Драган Ампов, Александар Стефаноски, Биљана Јосифов, Невен Силјановски, Борко Биџовски, Јане Дунимаглоски, Тихомир Јакимовски, Диме Петров, во придружба на хорот и оркестарот на Национална опера и балет.
„Боеми“ од Џакомо Пучини e опера во четири чина, дејството се одвива во Париз, либрето се базира на „Сцени од животот на боемите”од Хенри Мургер. Публиката за миг ќе биде пренесена во париските поткровја каде неколку млади уметници и покрај сиромаштија и борејќи се за основните потреби на секојдневието (храна, огрев) живеат крепејќи се од идеалите и љубовта, без скршена пара во џебот претендираат да живеат боемски.