Утревечер, недела, 10 март од 23.30 ексклузивно на Македонската Телевизија ќе се емитува преносот од 96- тото доделување на Оскарите, престижната награда на Академијата за филмски уметности и науки.
Водител на шоуто во театарот Долби во Холивуд ќе биде Џими Кимел.
Доаѓањето на ѕвездите на Црвениот тепих ќе започне во 23.30, а на полноќ започнува 96-та Оскаровска церемонија и ќе трае до 3.30. наутро.
Филмот на Кристофер Нолан, „Опенхајмер“ води со 13 номинации, а „Кутри суштества“ на Јоргос Лантимос има 11 номинации. Филмот „Убиства на цветната месечина“ доби 10 номинации, а „Барби“ има 8 номинации.
Во категоријата за најдобар филм номинирани се: „Американска фикција“,„Анатомија на падот“, „Барби“, „Останатите“, „Убијци на цветната месечина“, „Маестро“, „Опенхајмер“, „Минати животи“, „Кутри суштества“ и „Зона на интерес“.
Бредли Купер, Колман Доминго, Пол Џиамати, Килијан Марфи и Џефри Рајт се номинирани за најдобар актер, а за најдобра актерка номинирани се Анет Бенинг, Лили Гледстон, Сандра Хулер, Кери Малиган и Ема Стоун.
Како презентери ќе се појават Џејми Ли Кертис, Брендан Фрејзер, Џесика Ланг, Метју Мекконахи, Ал Пачино, Мишел Фајфер, Мишел Јео, Џенифер Лоренс, Зендаја и многу други ѕвезди.
Били Ајлиш, Рајан Гослинг и Беки Џи се меѓу изведувачите на номинираните филмски песни кои ќе бидат изведени на Оскаровската сцена.
Во вторник, 12 март од 21 часот ќе се емитува скратена двочасовна снимка на Македонската Телевизија.