ОД МОЈ АГОЛ: Ќерките не се на продажба!

Денеска дами мои, ќе ви раскажам три женски приказни…кратки, необични и сите различни. А некаде помеѓу нив ќе прошепнам и моја мисла и заклучок, и ќе ја ставам раката на ушната школка да слушнам што вие мислите за сето тоа.

Првата ми се случи пред повеќе години. Бев на семинар во Крушево, во хотел Монтана и во тие неколку денови се “канев” себе си да ја посетам црквата Света Троица која е во самиот двор на хотелот, и сѐ нешто не ми остануваше време преку ден.

Конечно, последниот ден, по паузата по ручекот, кога главно сите се повлекуваат во својата соба и собираат сила за вториот дел од предавањата, јас решив да се симнам во црквата, затоа што таа идеја не можеше повеќе да се одлага.

Беше убаво пладне, црквата беше отворена и во неа немаше никој. Седнав на едно столче од страна и уживав во целиот мир, тој спокој мене ми ја исполни душата со “одмор”.

Седев и воопшто не размислував речиси за ништо, дури и не знаев за што да се помолам повеќе од онаа редовна молба за живот и здравје, мое и на најблиските.

Ги гледав импресивните лустери и сета таа чистота, а одредени симболи на црвените теписи, намерно исткаени, ме натера да одгатнувам што симболика имаат, а и што е битно, секој симбол во духовен храм за мене го губи значењето, покрај молитвата, таа е основна, најважна и најсилна. Нели?

Набргу и се уверив во тоа… Ме увери една прекрасна жена.

Откако тивко влегоа две повозрасни пристојни дами, едната запали свеќа и гласно со среќа во гласот, а нималку тага, и со многу самодоверба, ги склопи рацете и рече:

“Господи те молам да се омажам за него. Господи те молам убеди го дека е добро да сме заедно. Господи докажи му и ти дека јас го сакам, иако тој знае. И дека сите наши години заедно се наше богатство, и дека треба веќе да сме маж и жена…”.

Мислев дека е некоја шега, и дека можеби за некоја друга се моли, со оглед на годините дека жената беше десеттина години постара од мене, и ги надминуваше педесеттите. Какво момче на тие години?

Набргу другата со неа ја праша за кого се моли, а таа ѝ објасни за нејзиното, со кое е во врска  долги години. Ѝ објасни дека тој вози камион и често е отсутен, но многу го сака и убаво ѝ е со него, генерациски е колку неа, но некако не му текнува да ѝ предложи брак, а таа не му спомнува од почит кон него. Остава тој да си го заврши својот дел околу запросувањето…

Вториот случај не е од тој тип. Станува збор за самохрана мајка, која нема сопруг и сама, со помош на родителите, расте ќерка. И секогаш ги притиска роднините на човекот со кој има ќерка да ѝ удоволуваат што е можно повеќе, особено бабата и дедото на девојчето, инаку имашни луѓе.

Но, таа претерува. По цели денови беспотребно се јавува кај пријателки во странство и прави високи сметки над илјада евра и еднаш кога ѝ реков дека претерува, ми одговори- “Епа намерно им го правам тоа. Што правел ќерка таткото, што не користел заштита? Е, сега нека плаќа, нека пука. Јас му кажувам дека мора да плати зашто му гледам ќерка, и дека ќерката се јавува по другарки”.

Вчудоневидувачко!

Третата ми се случи вчера. Ден пред 8.ми Март. На враќање од ПИОМ, некаде напладне. На самиот тротоар разговара две жени. Застанати една наспроти друга. За малку ќе ги одминев и немаше да ги забележам, да не беше следнава реченица, кажана низ заби и со висок тон “Ќе рушам сѐ пред себе и ќе бидам со него. Тоа што тој нема пари не е твоја грижа, јас го сакам и таков и ќе останам со него”. Се завртев и видов две скромно облечени женски, кои си наликуваа една на друга, и повеќе од очигледно беа мајка и ќерка.

Ќерката беше лута и бесна на мајка си, а мајката само ја ислуша, но исто со бесен лик… Заминав и продолжив да си правам финансиски пресметки за некои свои работи, но по минута, две пак мислите ми се навраќаат на мајката и ќерката.

Иако не ми доликува ниту имам право да се замешам, во себе сметам дека ќерката е сосема во право. Таа има право да си ја замисли и искреира својата иднина како што сака и со кого сака. Ќерката не е на продажба па да мора да избере некој со пари, само затоа што мајка ѝ таков “филм” си направила во својата глава. Секоја чест што ја родила и како и секоја жена, со мајчински залагања и куп себеоткажувања изгледала ќерка, но таа не е кукла на копче па да може да ја командува како што сака. Нејзин живот, нејзин избор, нејзини чувства, нејзина одлука, нејзина замисла и тоа мора да се почитува, ѝ се допаѓало тоа неа или не …

Ќерката и да згреши има право на тоа, мајката нема право да се меша во приватни и лични одлуки, макар и на сопственото дете.

А зборовите што ѝ ги кажала за “сиромашното” момче, па дури и да не остане со него, па дури и да најде побогато и да е многу среќна, девојката секогаш ќе ја печат во душата. До крај на живот. Затоа што се кажани од мајка. Сопствената.  И не е фер. Не е по женски.

Имам забелешка и за мојата пријателка. Губи од вредноста нејзиното мајчинство ако својата ќерка ја користи како средство за реванш кон нејзиниот татко, и неговите, во секоја ситуација каде што може. Не е фер и не е по женски.

А најмногу ѝ се восхитувам на првоспоменатата жена. Боже колку прекрасна. Жената која не прави драми, уценувања и убедувања, туку српливо го чека своето момче да се одлучи да стапат во брак. Без да го притиска. Без дури и да му спомне. Од почит, како што кажа и самата таа.

Некои жени навистина заслужуваат да се поддржат во нивните идеи и планови.

Знаете што направив, откако си заминаа тие двете? Јас запалив свеќа и за неа, и излегов од црквата со тивка молба во себе да ѝ се ислиша молитвата… И ден ден денес сум љубопитна што се случи со нив двајца и навивам за неа … (А да знаев каде е, денес би ѝ однела осмомартовски каранфил за среќа).

Тоа е фер, и е по женски!

Валентина Ѓоргиевска Парго

Новинар и уредник во КулАрт 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.